• четврток, 25 април 2024
МИА Општински пул

17 април 2024 

Струга - Со изработка на 10-метарско платно со порака против врсничкото насилство, членовите на клуб за Младински активизам, в петок ќе реализираат акција за подигање на свеста против врсничкото насилство во Струга.

Акцијата е иницирана од членовите на Клубот за младински активизам на Здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга и Младинскиот образовен форум (МОФ) во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Темата, како што информира Лука Плушкоски, предавач во клубот, била мапирана како најголем проблем и предизвик меѓу младите во Струга, по спроведената онлајн кампања.

- Младите ќе работат на уметничка инсталација, која ќе има за цел да ја шири пораката против врсничкото насилство и да промовира мир и толеранција помеѓу младите. Инсталацијата ќе биде поставена на Дрвениот мост во Струга, изјави Плушкоски.

Клубот на артивизам, според Тамара Трајческа, предавач, е место, каде младите на креативен начин покренуваат иницијатива, започнуваат со работење на промена за подобро утре, за себе и за својата средина

-Нашиот клуб е место каде што се создаваат нови пријателства.Заедно можеме да создадеме околина каде секој човек се почитува и цени. Нека нашата акција биде прв чекор кон култура на почит и разбирање, каде што секој може да се чувствува безбедно и прифатено, порача Трајческа. 

Скопје - Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината. Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија.

Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес беа присутни градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи, информираат од Општина Центар .

Преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.

Пробиштип - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев денеска беше во работна посета на подрачјето на СВР Куманово и СВР Штип каде што оствари работни средби со раководствата на Полициското одделение Старо Нагоричане, Одделенијата за внатрешни работи во Кратово и Пробиштип, во рамки на серијата посети со цел увид во постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и во евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.  

Посочи дека заклучокот од сите состаноци е дека безбедносната состојба е поволна и стабилна. Штабовите за претседателските и парламентарните избори функционираат, прибираат информации, со цел фер, слободни и деморкатски избори, како што беа од 2017 година навака, а така ќе биде и овие избори ќе го дадеме максимумот од МВР.

-Во делот на реконструирани објекти на територијата на СВР Куманово, 100 проценти сите полициски објекти во овој реон се реконструирани, а меѓу нив се и: полициската станица Кратово со 3.800.000 денари, полициското одделение Старо Нагоричане со 3.460.000 денари и Полициското одделение Ранковце со 1.400.000 денари, средства издвоени од буџетот на МВР, а при изведбата беа имплементирани и мерки за поголема енергетска ефикасност на објектот, а со тоа и поголеми заштеди како и заштита на животната средина, истакна Бојмацалиев. Притоа, тој потсети дека и на територија на СВР Штип во период од шест години се реконструирани осум објекти.

Струмица - Со изложба на театарски фотографии и преимера на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски, задутре Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица ќе одбележи 75 години од постоењето.

Како што информираа од Театарот, изложбата на фотографии е со наслов „75 години НТ „Антон Панов“ од Сречко Гунчев, а постановката на драмата на Стефановски е во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор е Сашко Костов.

Повеќе детали за одбележувањето на јубилејот ќе бидат соопштени на утрешната прес конференција.

Инаку, Струмичкиот народен театар почнал официјално со работа на 1 мај 1949 година, а прва претстава поставен на сцената била „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Димитар Колчаков.

Штип - По повод утрешниот ден 18 април Светскиот ден на кулутурното наследство, Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град Штип утре ќе има бесплатен влез за посетителите во музејот и локалитет Баргала. Директорот на ЗЗС и Музеј на град Штип, Митко Штерјов денеска изјави дека утре може да се посетат повеќе археолошки поставки кои се во рамки на штипскиот Музеј, а отворен ќе биде и Музејот во штипско Ново Село.

-Ги повикувам сите заинтересирани, сите заеднички да го прославиме овој ден, и на светско ниво исто така овој ден се прославува на сите локалитети. Повеќето знаат дека Завод и Музеј Штип располага со неколку поставки, значи тука се наоѓа етнолошата, историската, и археолошката поставка. Во Ново Село се наоѓа музејот на револуционерната борба, тврдината „Исар“ може да се посети и галеријата  „Безистен“ каде што во моментот имаме една изложба. И се разбира археолошкиот локалитет којшто повеќето веќе сме кажале дека се наоѓа во нова кондиција, осветлено, ограден, така да веќе можеме да кажеме дека како институција навистина се грижиме за културното наследство. Така да сите овие работи можат да се посетат утре бесплатно, вели Штерјов.

Скопје - Партнерството за отворена власт (ПОВ) денеска објави дeка Општина  Кисела Вода е една од новите 55 нови општини во растечката мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт ширум светот. Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво, соопшти општинската прес-служба.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан и високите претставници од ИРИ Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ Гордана Гапиќ Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кко и за сета досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и Претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40 Мрежата на градови од Балканот.

Штип - Неколку краци од улици во штипската населба Каваклиски рид ќе бидат бетонирани наредните денови. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека активностите на терен започнаа, а се очекува во наредниот период да се постави и осветлување. Посочи дека реконструкција на улиците се прави првпат после долги години. Во меѓувреме е променета водоводната и канализациска мрежа.

-Станува збор за населба, којашто долги години не беше урбанизирана, уредена, затоа што жителите од ова населба немаа основен степен на уреденост. Немаа водовод, канализација, пристапни улици, осветлување, етапно решивме одреден број на проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Водоводната линија и притисокот на вода, којшто беше главен проблем во оваа населба во изминатата година го решивме, пред извесно време беа бетонирани одредени краци од самата населба, одредени пристапи. Денес продолжуваме во останатиот дел од населбата Каваклиски рид, изјави Јорданов.

 

Остани поврзан