• среда, 01 мај 2024
МИА Радио флеш

23 август 2024 

-„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати. Вицегувернерката Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.

-Техничкиот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ синоќа изјави дека во тек се прелиминарни разговори со десничарското „Татковинско движење“ за формирање парламентарно мнозинство и рече дека тој ќе формира нова влада, а не опозицијата предводена од Социјалдемократската партија (СДП). Тој оцени дека СДП е губитник на изборите, а нивниот кандидат за премиер, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ е прекршител на уставот. - Им гарантирам дека нема да стигнат до 76 пратеници (парламентарно мнозинство), изјави Пленковиќ по состанокот на раководството на партијата во Загреб.

-Од последните европски избори во 2019 година, ЕУ се соочи со две кризи од историски размери - Ковид-кризата и војната во Украина, проследена со енергетска криза „произведена во Русија“, кои можеа да се претворат во драматична економска и социјална криза, но тоа не се случи поради големата отпорност на Европа, но и поради тоа што ги поставивме вистинските политики, изјави денеска претседателката на Европската комисија во обраќањето пред Европарламентот, Урсула фон дер Лајен. - Последните пет години не научија нешто. Одново и одново ги изненадивме скептиците и им пркосевме на „пророците“. Затоа што за силна Европа, ако има волја, има и начин и нашиот континент ќе продолжи да биде глобалното срце на индустријата и иновациите, истакна Фон дер Лајен во дебатата за заклучоците од минатонеделниот Специјален самит на Унијата посветен на економските перспективи на ЕУ. 

-Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко, блиска соработничка на Владимир Путин, денеска ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина. Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи речиси 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесува Хина. Американски функционери сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквата заплена ќе создаде опасен преседан.

-Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО). Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година. Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

-Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти. -Во нападот се уништени најмалку 14 станови, изјави градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, , пренесе агенцијата Униан. Во текот на ноќта и главниот град на Украина беше цел на руски беспилотни летала, а шефот на градската управа Серхи Попко изјави дека украинската противвоздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала испукани од Русија кон Киев, додавајќи дека нема извештаи за штета или повредени во нападот.

-Помошник на пратеник на Европскиот парламент (ЕП) од германската екстремно десничарска партија АфД е уапсен во Германија под сомнение дека шпионирал за Кина, објавија денеска германските обвинители. Џијан Г., обвинет едека ги шпионирал противниците на Кина во Германија и дека со кинеската разузнавачка служба споделувал информации за Европскиот парламент, се наведува во соопштението на обвинителството. Обвинетиот работел како помошник на европратеникот Максимилијан Крач, кој ја предводи листата на АфД за следните европски избори, закажани за 9 јуни.

-Најмалку пет мигранти денеска се удавија во обид да го преминат Ла Манш со брод од францускиот град Вимеро, јави локалниот француски весник „Гласот на северот“. Портпаролката на локалната полиција рече дека не може да каже колку луѓе имало во чамецот, но додаде дека се пронајдени неколку безживотни тела. Портпаролот на крајбрежната стража изјави дека во тек е потрага по исчезнати на море.

Остани поврзан