• четврток, 02 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

23 април 2024

Скопје - Гласањето за претседателските избори во 14-те казнено - поправни установи во земјава до овој момент се одвива без проблеми, соопшти Државната изборна комисија. 

- На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблеми, се посочува во соопштението од ДИК.

Денеска, 2.569 гласачи своето право на глас ќе можат да го остварат во 31 гласачко место во ДКП каде што се пријавиле да гласаат, а чии што пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија. 

Гласачкото право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно раселени. 

Скопје - Во врска со претстојните избори во просториите на Министерството за внатрешни работи, техничкиот министер Панче Тошковски одржа состанок, на кој присустувале дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претставници од обвинителствата низ државата.

На состанокот, како што објави Тошковски, се заблагодарил за досегашната успешна соработка на сите чинители кои се одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцирал дека досега не се констатирани посериозни активности кои се насочени кон нарушување на истиот. Исто така, побарал секој во својот делокруг да сподели информации кои се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.

Белград - Македонските државјани во Србија денеска гласаaт на претседателските избори. 31 граѓанин, запишани во посебниот извод на Избирачкиот список во македонската амбасада во Белград, од 07.00 до 19.00 часот го остваруваат своето граѓанско право за избор на нов претседател на државата, јави дописникот на МИА од Белград.

- Гласањето на Избачкото место 5025 тече нормално, отворено е изутрина во 07 часот согласно законските прописи, а ќе се затвори во 19 часот. На ова избирачко место пријавени се 31 гласачи, изјави Емрије Мустафи, заменик претседател на ИО на Избирачко место бр. 5025 во Белград.

Македонските државјани во Србија и во дијаспората по трет пат гласаат на претседателските избори. Најмногу пријавени за гласање во Белград имаше на Претседателските избори во 2014 година кога гласаа 421 граѓанин. Во 2019 година имаше запишано 60 граѓани, а денес 31 граѓанин беа запишани во избирачкиот список во Македонската амбасада во Белград.

Скопје - Бизнисот не бил консултиран за владината одлука - приватните компании да не работат утре и на 8 мај, за време на претседателските и парламентарните избори. 

Според Сојузот на стопански комори (ССК), тоа што среда е неработен ден, негативно се одразува и врз останатите четири дена во неделата.

-Со нас, конкретно, за оваа одлука никој нема разговарано. Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела, и понеделникот и вторникот се релативно неефикасни, како и четвртокот и петокот. Навистина, многу непријатна ситуација. Ова не е наша одлука, политичарите ги носат тие одлуки за изборните датуми кои им се потребни за да добијат излезност, рече денеска претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезната маса „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“.

На 9 април годинава Владата донесе Одлука, 24 април и 8 мај да бидат неработни денови поради претседателските и парламентарните избори

Скопје – Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално на 1 Мај ќе излезе на протести на кои годинава ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата влада, најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

-Ние работниците излегуваме на протест и на 1 Мај. Ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто системот на пресметка на плати во Македонија, ќе бараме зголемување на платите и тоа во првите 100 денови од новата влада, особено зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси. Сите ние заедно се соочуваме со притисокот од ниските плати, со нашата егзистенција и со проблемите кои ги прават на синдикалното движење со конфискацијата на Работничкиот дом, рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Скопје - Неизвесно е што ќе се случува со војната во Украина и на Блискиот Исток која директно се рефлектира врз цената на нафтата. Не се знае ниту каква ќе биде жетвата во Русија и Украина и што ќе се случува со производството на жито. Но, во овој момент цената на лебот е стабилна и ќе остане иста, вели Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК).

Тој денеска, одговорајќи на новинарски прашања, истакна дека бизнисот и натаму стои зад либералниот концепт, дека секогаш понудата и побарувачката треба да ја одредуваат конечната цена. 

Струга - Судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи на родилката од Дебар Јилдз Веапоска ќе продолжи со супер вештачење, беше одлучено на денешното рочиште во Основниот суд во Струга. 

Таквата одлука на судијата Јордан Јованов дојде поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Јавниот обвинител и на техничкиот советник на барање на обвинетите. Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето и бил спасен животот.

Скопје – Новоформираниот Центар за дигитална трансформација „Go digital“ ќе им помага во дигитализација на микро, мали и средни компании во државава кои се успешни во работата, но им недостигаат дигитални вештини за да бидат конкурентни  и меѓународно видливи и да бидат поттикнати за извоз на глобалните пазари. Центарот е основан е од бордот на „Македонија 2025“ и е  непрофитна организација со цел да создаде еко систем за поддршка на дигитализацијата на компаниите. 

Директорката и коосновач на „Go digital“, Никица Мојсоска-Блажевски, истакна дека дигитализацијата е една од клучните области за долгорочен развој на земјава и за економски раст, а недостигот на целосен еко систем, рече, предизвик во дигитализацијата на компаниите.

Скопје - Министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска го честита Светскиот ден на книгата и авторското право - 23 Април.

Во честитката, како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска наведува дека тоа е ден кога се слави моќта на пишаниот збор и творештвото на авторите.

- Наша одговорност и голема чест е да продолжиме да ги негуваме вистинските литературни вредности, да им ја откриваме радоста на читањето на помладите, да ги промовираме книгите пред поширока публика и да го заштитуваме авторскиот труд, вели министерката за култура.

Таа додава дека продолжува поддршката на авторите кои со својата креативност и труд го обликуваат  светот.

Скопје – Новинарката Викторија Димитрова Јованова, дописничка на Медиумската информативна агенција (МИА) од Штип, ја освои наградата за најдобра новинарска сторија на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“, за сторијата „Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата“.

Наградата ја доделува Советот за етика во медиумите на Македонија, како активност во проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.

Сторијата на Јованова се однесува на зачестените интервенции на штипските пожарникари кои се потенцијален ризик од распламтување на големи пожари, а се иницирани од палењето на стрништа.

Тел Авив – Израелските безбедносни сили (ИДФ) соопштија дека денеска на 200-иот ден од војната биле пресретнати четири ракети истрелани од Појасот Газа.

Дел од пресретнатите ракети паднал врз еден магацин во пограничниот град Сдерот и се запалил. Освен материјална штета во нападот нема човечки жртви.

Според израелските податоци, повеќе од 16.000 ракети биле истрелани врз Израел од страна на палестинската милитантна организација Хамас и други групи од 7 октомври.

Претходно ИДФ соопштија дека борбени авиони извршиле воздушни напади врз „приближно 25 цели“ во енклавата при што се убиени „голем број терористи“.

Москва – Претседател на Комитетот за уставно законодавство и државност во Горниот дом на Советот на Руската Федерација, Андреј Клишас денеска изјави дека инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи на 7 мај.

Согласно руските закони, новоизбраниот претседател ја презема функцијата со мандат од шест години.

Инаугурацијата на Путин и во 2018 година се одржа на 7 мај. 

Москва - Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази во кои се складира оружјето доставено од Западот, изјави денеска министерот за одбрана Сергеј Шојгу, пренесен од британските медиуми.

Зборувајќи со претставници на одбраната, Шојгу, исто така, кажа дека Русија го „отфрлила митот за супериорност на западното оружје“ и нејзините сили постигнале иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.

Коментарот на рускиот министер следеше откако Вашингтон во саботата изрази подготвеност да и обезбеди на Украина нов пакет воена помош, изгласувајќи го во Претставничкиот дом предлог законот вреден речиси 61 милијарда долари.

Киев - Украина ги укина конзуларните услуги на воено способните Украинци кои живеат во странство, освен за оние кои треба да се вратат во Украина.

Британските медиуми пренесуваат дека украинското Министерство за надворешни работи се уште не ја коментирало мерката, која се чини дека има за цел да го зголеми бројот на регрути за војната против Русија.

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека украинската Влада наскоро ќе издаде објаснување во врска со конзуларните услуги за воено способните мажи во странство.

„Престојот во странство не го ослободува граѓанинот од обврските кон татковината“, истакна Кулеба во објава на Х.

Стразбур - Европскиот парламент денеска изгласа либерализација на визите за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната администрација на Србија, на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.

За безвижен режим за патување во ЕУ гласаа 406 од 597 европратеници  - до 90 дена за имателите на пасоши издадени од Координативната управа на Србија, 97 беа против, а 94 беа воздржани.

Остани поврзан