• понеделник, 29 април 2024
МИА Општински пул

22 април 2024

Дебар - Општина Дебар продолжува со реализација на проекти во насока на подобрување на патната и друга инфраструктура.

Покрај оние кои се во тек, почнаа работите на изградба на улицата „Еќерем Зенго“ во населбата „Ново Коњаре“ во градот.

-Се предвидува изградба на атмосферска канализација, нивелирање на шахти а потоа асфалтирање. Улицата е во должина од 700 метри а изведувач на работите е фирмата „Еуроедил“ од Струмица. Проектот кој е во износ од над 8,4 милиони денари без ДДВ е кофинансиран од Бирото за регионален развој, при што околу 25 отсто е учество на општината, изјави за МИА, координаторот на проектот Илдрит Бомова.

Струмица - Денеска околу 10 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека со боја е оштетено рекламно пано-билборд на кандидатот за претседател, Бујар Османи, информираа од СВР Струмица.

Билбордот е поставен во центарот на градот на крстосницата од улиците „4-ти Јули“ и „Ленинова“ во Струмица.

Охрид - Утре своето гласачко право во домашни услови ќе го остварат 172 болни и изнемоштени лица од Охрид. Во посебен извод од избирачкиот список за гласање се пријавени 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, седум лица во установи за вонсемејна грижа и тројца граѓани од Охрид во дипломатско – конзуларните претставништва

На територијата на Општина Дебрца утре ќе можат да гласаат 22 лица.

Струмица - Ученици од четврто в одделение во ООУ „Видое Подгорец“ и полуматуранти денеска со флеш-мопб на најфреквентната крстосница во Струмица, кај ТЦ „Глобал“, со флеш-моб го одбележаа Денот на планетата Земја.

Со триминутен настап тие го запреа сообраќајот и упатија порака дека секојдневно треба да се грижиме за нашата планета, а мото на годинашното глобално одбележување е „Планетата против пластиката“.

Гостивар - Во општина Маврово-Ростуше правото на глас утре ќе го искористат 38 болни и изнемоштени лица во првиот круг од претседателските избори. На избирачкиот список во најмалубројната општина во гостиварскиот регион запишани се вкупно 10.343 граѓани со право на глас.

- Во рокот предвиден за пријавување сите барања кои беа доставени, комисијата ги одобри, рече Абдулреџеп Агаи од ОИК Маврово-Ростуше.

Штип - Во првиот круг од претседателските избори во општина Штип, утре во домашни услови ќе гласаат 158 болни и изнемоштени лица, а затворениците во КПУ Затвор - Штип правото на глас ќе го остварат на избирачкото место, кое ќе биде отворено во 7, а затворено 19 часот, изјави денеска претседателот на Општинската изборна комисија(ОИК) - Штип, Виктор Вацев. Тој додаде дека доверливиот материјал е пристигнат во ОИК Штип. 

-Утре гласаат лицата кои се пријавени за гласање во домашни услови, односно тоа се болни и немоќни лица. Вкупно на територија на Општина Штип ќе гласаат 158 лица. Утре се гласа и во КПУ Затвор Штип, таму бројката е малку пообемна бидејќи станува збор за лица кои гласаат од цела држава. Материјалот простигна во текот на вчерашниот ден, вели Вацев. 

Гостивар - Во првиот круг од претседателските избори во општина Гостивар ќе гласаат 129 болни и изнемоштени лица, потврдија од Општинската изборна комисија.

- Во законскиот рок до комисијата беа поднесени над 150 пријави со барања за гласање. Комисијата во соработка со лекар ги разгледа барањата и оправданите ги прифати, информираше членот на ОИК Халит Елези.

Куманово - Во Куманово право на глас имаат 93.364 гласачи кои гласаат на 167 избирачки места, информираа денеска од општинската изборна комисија Куманово (ОИК).

 Утре, ќе гласаат 159 затвореници во затвор Куманово (К’шање) од 41 општина и 180 болни и немоќни лица, изјави претседателката на ОИК Куманово, Елизабета Стојковска.

Според ДИК, најголемо избирачко место во Куманово е 1051 со 1.274 гласачи, а најмало по број на гласачи е избирачко место 1093 со девет гласачи.

Скопје - Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти согласно чл. 81. Станува збор за објект на улицата „Железничка“ близу ресторанот Љуц.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски на отстранувањето на објектот истакна дека законските прописи мора да се почитуваат од сите чинители во општината.

Делчево - Заврши обележувањето на хоризонталната сигнализација во градот Делчево, информираа од Општината. За оваа активност од Буџетот на Општината се наменети околу 320 000 денари без ДДВ.

-Хоризонталната сигнализација беше обновена на крстосниците меѓу улиците од примарната улична мрежа во градот, како и  пешачките премини, стоп линиите, разделните линии и останатите ознаки на коловозите преку кои се овозможува навремено и точно известување на учесниците во сообраќајот за начинот на водење на сообраќајот низ градот Делчево, информираа од Општината.

Тетово - Меѓународниот ден на планетата Земја 22 април во Тетово на градскиот плоштад го одбележаа децата кои посетуваат градинка. Тие дојдоа со разни маски и костими изработени од потрошен материјал.

Неколку стотини деца изминатата цела недела заедно со родителите, воспитувачките и негувателките заедно работеле разни костими по своја волја и креативност.

Дебар - Сопствениците на електрични возила, жители на поширокиот дебарски регион, случајни или намерни патници, но и оние од соседните албански населени места, можат своите патнички возила да ги полнат со струја на засега единствениот полнач со електрични возила, кој е во склоп на бензинската пумпа „Прима петрол компани“ и хотел „Леон“.

Всушност ова е прв полнач не само во Дебар туку и во поширокиот дебарски регион, долнореканскиот крај до Маврово, потоа општина Центар Жупа, албанскиот округ Пешкопеја, вклучително и областа Голо Брдо, подрачја познати по масовната миграција, што подразбира дека дел од иселениците во родниот крај доаѓаат со возила на електричен погон и за полнење мора да одат до Охрид.

Струга - Вкупно 158 болни и изнемоштени лица се пријавиле да гласаат во домашни услови во Струга и струшко за претстојните претседателски избори закажани за 24 април, потврди за МИА претседателот на Општинската изборна комисија Минир Жута.

На територијата на општина Струга во единствениот избирачки список регистрирани се 60 778 гласачи, кои ќе гласаат на 101 избирачко место.

Дебар - Во општините Дебар и Центар Жупа утре во домашни услови правото на глас треба да го остварат 37 изнемоштени и болни лица, колку што и се пријавиле.

Гледано одделно 32 лица се од општина Дебар, додека останатите пет во соседната општина Центар Жупа, кои според претседателите на општинските изборни комисии, ќе бидат посетени веднаш откако ќе биде распределен избирачкиот материјал.

Струмица - Изминатиот викенд и денеска во Струмица се одвиваат Тивериополските филмски денови на „Астерфест“, кои се своевидно загревање за годинашното фестивалско издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестација иницирана и востановена уште во 2005 година.

Како што соопштија од Фестивалот, на Светскиот ден на културното наследство на програмата на ТВ ВИС била прикажана реставрирана верзија на комичниот култен филм „Скитникот“ на Чарли Чаплин, од 1915 година.

 

Остани поврзан