• среда, 01 мај 2024
МИА Општински пул

23 април 2024 

Дебар - Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци, кои се под надлежност на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, се препорачува многу внимателно возење.

- Поради обилните дождови присутни на патните правци под наша надлежност има чести, но помали одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на секцијата.

Скопје - Тркалезна маса на тема „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“ организира денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), која е  дел од меѓународниот проект „Гриновет“ (Greenovet).  Во овој проект се вклучени 18 европски партнери и е кофинансиран од образовната програма на ЕУ Еразмус+.

Како што соопшти ССКМ, ќе бидат презентирани достигнувањата во областа и споделени искуства од  бизнис-секторот, во насока на придобивките од воведување зелени иновации и енергетски ефикасни системи.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) изутринава апелира за внимателност поради најавените метеоролошки промени со дожд, умерен ветер и со снег на повисоките места. Кога се оди со возило на планините, препорачливо е да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот.

- Во реон на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, ќе се извршат во повеќе наврати минирања на теренот, информираат од ЦУК.

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека утре јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.

Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Скопје - Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за одбрана објави повик за учество на пет средношколци од Република Северна Македонија на летен воен камп за млади кој ќе се одржува од 24 јуни до 8 јули 2024 во Црна Гора заедно со средношколци од таа земја. Огласот е наменет за средношколци од трета и четврта година. 

 -Целта на проектот е средношколците да ги тестираат своите вештини како војници, преку активности и дружење развиваат чувство за солидарност и пријателство, се стекнат со знаења за улогата и значењето на Армијата во општеството и на тој начин се зајакне интересот за воената професија, соопшти МОН за огласот кој го објави вчера и ќе трае пет дена од денот на објавувањето. 

Струмица - Вкупно 1.547 болни и изнемоштени лица денеска гласаат во првиот круг од претседателските избори во десетте општини во Југоисточниот плански регион - Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Гласањето се одвива без проблеми и според општинските изборни комисии се очекува да заврши во попладневните часови.

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356, а заедно со нив гласат и затвореници од Затворот во Струмица. Утрово од 07:30 почна подигањето на избирачкиот материјал и процесот тече без проблеми.

Велес - По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ вечер гостува во Велес, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот.“

Од Националниот џез оркестар информираат дека на концертот „Џез Лектира“ се осврнуваат на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“.

Скопје - За два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското, а за еден на Преспанското Езеро во споредба со вчера, додека нивото на Дојранското Езеро е исто со вчерашното.

Сепак, според последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), водостојот на Преспанското Езеро е за 2,14 метри понизок од повеќегодишниот просек за април. Нивото на Охридското Езеро, пак, е за четири сантиметри повисоко од просечното, а на Дојранското Езеро е повисоко за дури 1,46 метри.

 

Остани поврзан