• петок, 03 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

23 април 2024

Скопје - Вкупно 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во Казнено-поправните домови и лица во притвор, во старски домови и наши државјани во странство, можат да гласаат денеска, ден пред утрешните претседателски избори.

Од ДИК за МИА информираа дека гласањето на овие лица е почнато навреме и тече без проблеми.

Гласањето за претседател почна со 191 член на избирачките одбори во саботата кои отпатуваа да го спрповедат гласањето во дијаспората. Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.

Другите наши граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.

Скопје - Во земјава денеска е молк, пред утрешните седми претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места. Годинава поради тоа што се одржуваат двојни избори, за време на молкот за претседателските избори, нема прекин на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај. 

Вообичаено денеска, на ден пред изборите, гласање за претседателските избори се спроведува за болните и изнемоштените, затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и нашите државјани во странство.

Скопје - На изборите за претседател на државата што ќе се одржат на 24 април право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, 95.116 избирачи се на привремена работа или престој во странство, а 2.147 се на издржување казна затвор или се во притвор.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се евидентирани 2.569 избирачи, како и 191 член членови и заменик членови на избирачките одбори кои ќе спроведат гласање во ДКП-та.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика.

Скопје - Државната изборна комисија пред утрешните претседателски избори објави упатство за гласање на граѓаните. Во него во 18 точки се појаснуваат начинот и процесот на гласање на избирачките места.

Во продолжение е целосното упатство на ДИК за гласање на претседателските избори:

1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.

Скопје - Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори.  Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април се акредитирани 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР - 375. Од домашните најбројни ќе бидат набљудувачите на Здружението Здружението за развој на опшествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје - 182.

Освен овие организации акредитирани за набљудување на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и за Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година се Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје.

Скопје – Претседателските избори на 24 април ќе бидат седми од незавиноста на државата. На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандати, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски, кој повторно се кандидира за шеф на државата.

Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров беше даден врз основа на избор од страна на Собранието на Република Македонија, согласно тогашните уставни решенија, а неговите наследници беа бирани на непосредни избори.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) изутринава апелира за внимателност поради најавените метеоролошки промени со дожд, умерен ветер и со снег на повисоките места. Кога се оди со возило на планините, препорачливо е да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот.

- Во реон на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, ќе се извршат во повеќе наврати минирања на теренот, информираат од ЦУК.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (и над 20 л/м²) и поројни, проследени со грмежи особено во западните и јужните делови од земјата. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец, соопшти УХМР.

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степен.

Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд повремено пороен и проследен со грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 14 степени.

Вашингтон -  Американскиот Сенат денеска треба да гласа за големиот пакет помош за Украина, што се очекува речиси сигурно да биде одобрен бидејќи Претставничкиот дом даде зелено светло за помошта со широка двопартиска поддршка по неколкумесечни расправи.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, чија партија тесно го контролира тој дом на Конгресот, во саботата рече дека „крајот на дебатата“ за пакетот помош сега е на повидок и дека договорот е „одреден“ за гласање во вторник.

Харков - Телевизиска кула, висока 240 метри, во украинскиот град Харков вчера се преполови и се урна на земја по рускиот ракетен напад врз телевизиската инфраструктура, соопштија локалните власти,.

Во прекин е емитувањето на ТВ сигналот во вториот по големина украински град, што во последните неколку недели беше цел на серија руски напади со ракети и беспилотни летала.

-Во моментов има прекин во дигиталниот телевизиски сигнал, изјави регионалниот гувернер Олех Синијехубов. Тој додаде дека нема жртви бидејќи работниците биле во засолниште.

На снимката од местото на настанот се гледа како главниот столб на кулата се крши и паѓа додека облак чад се крева на небото.

Газа – Портпаролот на Цивилната заштита на Појасот Газа Махмуд Басал изјави дека во последните три дена биле ексхумирани над 200 тела на луѓе убиени и закопани од израелските сили во масовни гробници во болницата Насер во Газа.

- Нашите тимови продолжуваат да пронаоѓаат тела во медицинскиот комплекс Насер и од саботата се ексхумирани телата на околу 200 маченици, рече Басал.

Некои светски агенции нагласуваат дека не можеле да добијат коментар од израелската војска во врска со ова тврдење.

Мохамед ал-Мугаџер, шеф на цивилната одбрана на Појасот Газа, за некои агенции изјавил дека во гробниците на болницата Насер биле откриени вкупно 283 тела.

Њујорк – Протестите против војната во Газа се проширија од Колумбија и Јеил на други американски универзитети додека властите се обидуваат да го разбијат растечкото протестно движење, пренесува Би-Би-Си.

Полицијата синоќа го прекина протестот на Универзитетот во Њујорк и изврши голем број апсења.

Десетици студенти беа уапсени на Јеил претходно истиот ден, додека Колумбија ги откажа часовите со физичко присуство.

Слични „кампувања“ се појавија во Беркли, МИТ и други колеџи низ земјата.

Тел Авив – Израел го критикуваше извештајот за Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа, пренесе ДПА.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во однос на наводите дека вработени во ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Извештајот „ја игнорира сериозноста на проблемот“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Орен Марморштајн на X.

Техеран  - Санкциите на Европската унија се за жалење, изјави денеска шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амирабдолахиан.

Санкциите, за кои беше постигнат принципиелен договор минатата недела, треба да му бидат наметнати на Техеран по нападот на Иран врз Израел, пренесуваат британските медиуми.

Амирабдолахиан во објава на платформата Х напиша дека е „за жалење“ тоа што ЕУ толку брзо одлучува да спроведе уште по „незаконски рестриктивни мерки против Иран“, само затоа што Иран го искористи своето право за самоодбрана, по, како што наведе, „непромислената израелска агресија“, пренесуваат британските медиуми.

На 13 април Иран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, соопштувајќи дека тоа е одмазда за израелското бомбардирање на иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа 13 лица.

Атина – За убиството на полицаец во декември минатата година за време на одбојкарски натпревар во Атина, но и за други инциденти поврзани со спортско насилство, грчката полиција уапси 67 лица, кои утрово ќе бидат изведени пред јавен обвинител, јави дописничката на МИА од Атина.

Началникот на грчката полиција Димитриос Малиос рече дека во изминатите четири месеци, во строга тајност била спроведена опсежна истрага за „целосно расчистување на криминалниот хулигански напад“ во атинската населба што резултираше со смрт на полицаецот.

Оклахома Сити - Телата на пет лица, меѓу кои две деца, се пронајдени во куќа во Оклахома Сити, соопшти денеска американската полиција. 

Поручникот Гери Најт од полицијата на државата Оклахома изјави дека загинатите се членови на едно семејство и дека починале од насилна смрт, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Најт додаде дека полицијата сè уште не може да открие што точно откриле инспекторите. 

Лондон - Британскиот премиер Риши Сунак вчера во денот кога Горниот дом на парламентот го усвои потребниот закон вети дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа во Руанда баратели на азил за да ги процесуираат нивните барања, што беше одложено со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.
Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Остани поврзан