• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, нема предавање, нема да барам договор за префлање гласови на граѓани (ДПЛ)

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, нема предавање, нема да барам договор за префлање гласови на граѓани (ДПЛ)

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Резултатите не се такви какви што очекувавме, разликата ќе биде околу 130.000. Очекувавме помалку, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, истакна вечерва кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на прес-конференција по завршување на првиот круг од гласањето на претседателските избори.

- Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учестуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Имаше седум кандидати како никогаш досега, и веројатно тоа беше една од причините зошто гласовите се поделија на повеќе страни и веројатно некои од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг земаат дел од она што беше претпоставено електорат на првите два кандидати кои продолжуваат понатаму, рече Пендаровски.

Истакна дека очекува уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации.

-Тој концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа и држава која внатре нема поделби по која било основа. Моето животно кредо, мојата политичка филозофија која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата и не само овие пет години во претседателскиот мандат, откога паметам за себе, значи од моите први јавни појавувања пред повеќе од две и пол децении во македонската јавност, рече Пендаровски.

Значи, додаде тој, демократска просперитетна држава дел од евроатлантските интеграции, рамноправна со сите други внатре се разбира одржување на таа витална оска на која почива македонската безбедност, стабилност и просперитет и меѓуетничките односи.

Нагласи дека нема да бара никаков договор со никаков пол субјект за т.н. механичко префлување на гласовите.

-Сакам да кажам однапред бидејќи имаше такви шпекулации дека нема да барам никаков договор со ниту еден политички субјект, ниту со еден кандидат од овие што не продолжуваат во вториот круг за т.н. механичко префрлање на гласовите затоа што тоа е концепт кој е потполно туѓ на моето политичко верување. Никогаш не сум го правел тоа, ниту ќе го прават сега, никакви заткулисни договори ниту во 2014, ниту во 2019 година не сум правел такви договори со ниту еден политички лидер, со ниту една политичка партија за да механички преземам гласови од која било етничка заедница или не знам од која било општина, од која било социјална група или категорија. Тоа нема да го правам ни сега. Едноставно, на сите граѓани независно од нивното етничко потекло ќе им го презентирам мојот концепт и се надевам дека далеку поголема бројка на граѓани на 8 мај ќе го препознаат тој концепт како најдобар и како најпродуктивен за натамошниот развој на македонската држава, нагласи тој.

Според него, не постојат зборови „понудени“ и „префлени“ гласови на граѓани, зад секое име и презиме се крие посебна единка, вели никогаш во политиката граѓаните не ги подразбирал како аморфна маса на која ќе им се каже дали да ги префрлаат гласовите. Ќе одбијам било каков обид за нудење на гласови на граѓани.

Вели дека ќе одбие каков било обид за нудење на контингент на гласови, за него, нема поголемо понижување од тоа, за граѓаните.

-Граѓаните мора да ги почитуваме со нивното вродено човечко достоинство. Тие се и политички единки засебни, секој од нив или дел од нив членуваат во политички партии, меѓутоа имаат и свое јас, имаат и свој образ, имаат и своја лична и семејна историја и не можам да ги поимам тие категории во таа смисла дека сега овој ќе ми даде 30, или ќе ми понуди 30 илјади гласови, а од овој ќе побарам 50 илјади гласови. Тоа ми е туѓо, воопшто никогаш не сум го правел тоа во животот и не е патетика, меѓутоа ви кажувам и 2014 и 2019 не го правев тоа. Сите кои гласаа и 2014 и 2019 и овие што гласаа во првиот круг јас ви гарантирам до последен беа убедени во исправноста на овој концепт за кој се залагав. Не беа натерани од некого, рече тој.

Повтори дека до крај ќе го промовираат концептот во којшто веруваат и оти на крај ќе излезат со мнозинска поддршка на македонските граѓани зад тој концепт.

Не сакам да покажам, додаде тој, никакви знаци на малодушност затоа што не се чувствувам така во овој момент.

-Знам дека имаше илјадници, стотици илјади граѓани кои веруваат во овој концепт, тоа го видовме на лице место, директни средби со секој од нив, имав над 80 средби, над 80 митинзи низ Македонија во сите буквално општини и наидовме на одличен прием на ова што го пропагирам, на ова за што се залагаме и тврдам дека во однос на споредбата со сите други концепти кои беа понудени во оваа изборна кампања во изминативе 20 дена тоа е супериорен концепт кој значајна бројка граѓани го поддржаа и очекувам многу повеќе од нив да го поддржат и на 8 мај во вториот изборен круг од сите етнички заедници, од секоја социјална категорија, од сите општини, од сите возрасни категории. Значи, буквално како што ја замислувам Македонија еднаква и да нема делби по ниту една основа, така очекувам и од сите тие социјални структури или општествени енклави да добијам поддршка на 8 мај и да го продолжиме ова што го работиме со ваша поддршка, со поддршка на македонските граѓани изминативе пет години, рече Пендаровски.

На новинарско прашање, дали овие резултати се казна за него или за партијата којашто застанала зад него, Пендаровски рече дека тоа треба да го покажат анализите кои ќе следат по општини, генерално по изборни единици.

-Јасно е дека уште пред да почне изборната трка дека кондицијата на досегашните коалициони партии не беше на завидно ниво и особено не беше нивото од 2019 година бидејќи слична или иста коалиција беше зад мене во таа 2019 година. Знаете што се’ во меѓувреме се случуваше. Меѓутоа, исто така знаете дека без поддршка од коалиција на политички партии воопшто не можете да размислувате да влезете во политичка трга. Од резултатите кои велам заслужуваат подлабока анализа се гледа дека да не звучи препотентно од моја страна, меѓутоа успеав да додадам некаква вредност на заедничкиот коалициски потенцијал што во првиот круг не беше доволен. Јас се надевам дека и тие од своја страна ќе имаат сериозни напори за консолидација помеѓу двата изборни круга и ќе понудат повеќе од она што се нарекува комбиниран партиски електорат на сите 15 политички партии кои застанаа зад мене, истакна тој.

На прашање дали очекува победа во вториот круг, кажа дека мнозинство македонски граѓани стојат зад концептот којшто тој го предлага.

– Во текот на кампањата на ваков тип на прашања одговарав на следниот начин – дека е чудно што ВМРО-ДПМНЕ никогаш не зборуваше за победа во вториот круг, зборуваше само за разлика во првиот круг и лицитираа со бројки 100 илјади, над 100 илјади како што се случи. Меѓутоа, и денеска да ги прашате јас ви гарантирам дека тие не се сигурни дека ќе победат во вториот круг. Јас не сум стопроцентно сигурен дека ќе победам, не може никој да биде сигурен, меѓутоа јас ви тврдам дека има мнозинство македонски граѓани кои се за овој концепт кој јас го предлагам, а не за изолација на државата враќање назад во старите времиња на режимот кој го паметиме како владееше со државата и со граѓаните, нагласи Пендаровски.

Според  официјалните податоци на ДИК од преброени над 80 проценти од гласовите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 282 075 гласови (39,82%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 137 450 гласови (19,42%). нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан