• четврток, 02 мај 2024
МИА Општински пул

23 април 2024 

Скопје - Во организација на Градот Скопје и средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“ во МКЦ се реализира завршната изложба на средношколските годишни проекти. Изложбата ја отвори градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која истакна дека заедничката реализација на проектите посветени на знаењето, креативноста, талентот и вештината на нашите средношколци, искажани низ образовните и воннаставните активности во текот на училишната година се огромен испех за учениците, родителите и наставниот кадар.

Изложбата е одлична можност за учениците да ги презентираат своите вештини, креативност и знаење пред пошироката јавност, но и сопствената визија за просторниот и урбан развој.

Кочани - Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го потпиша Договорот со најповолниот понудувач на распишаниот јавен повик за  изградба на нов училишен објект за ООУ „Св.Климент Охридски“ во село Драчево.

Со тоа, како што информира Општина Кисела Вода, се исполнети условите за почеток на градба на новото училиште кое ќе има капацитет за 570 ученици, а ќе се протега на 3 592 квадратни метри. За две години, колку што предвидува договорот, основците од Драчево ќе добијат современ објект на два ката, кој во цeлост ќе одговара на потребите за квалитетен образовен процес.

Охрид - Општина Охрид е Јавното претпријатие „Градски пазар“ и оваа година ќе го организира веќе традиционалниот „Велигденски базар“.

Покрај продажно-изложбениот дел, манифестацијата предвидува и културно-уметничка програма на која ќе настапат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“, КУД „Отекс“, КУД „Фаланга“ и КУД „Филиграни“.

На базарот ќе земат учество сите заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, уметници, производители на охридски и македонски традиционални јадења и др.

Куманово -  Тековно се спроведува гласањето на болни и немоќни лица во Куманово, соопштија денеска од ОИК Куманово.

-Право на глас имаат 180 болни и немоќни. Изборниот материјал се подигнува од општина Куманово. Избирачките одбори се поделени по термини за да се избегне метеж. Исто така започна гласањето во казнено поправаната установа затвор Куманово - К‘ шање. Таму сè тече во најдобар ред, право на глас имаат 159 лица, изјави претседателката на ОИК Куманово, Елизабета Стојковска.

Дебар - Се финализираат подготовките за поставување биста на апостолот на македонскиот народ, Гоце Делчев, на плоштадот во Пустец, кој го носи неговото име, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по чија иницијатива се поставува бистата.

-Сите потребни активности се веќе завршени, деновиве ќе биде поставен постаментот а потоа и бистата, која ќе биде откриена на свеченоста што ќе се организира на 4 мај, по повод 121- годишнина од убиството на Гоце Делчев. Голема благодарност до општината, советот и градоначалникот Пали Колефски, за поддршката што ја дадоа на нашето барање. Бистата е донација на нашата партија а автор на истата е Зоран Тошевски, додава Стерјовски.

Прилеп - Непречено се одвива гласањето на штитениците од Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп за првиот круг од Претседателските избори. Правото на глас во Домот денеска го остваруваат 68 штитеници.

-Гласачкото место 1419 во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ е отворено од 7 часот и правото на глас ќе се остварува до 19 часот. Гласањето е непречено и се одвива без проблеми, изјави Магдалена Лазоска, претседател на избирачкиот одбор на ова гласачко место.

Своте право на глас го оствари и Благоја Богданоски, штитеник во Домот.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски направи увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал кое се наоѓа во рамки на општинското основно училиште во населено место Миладиновци, информираат од Општина Илинден.

Оттаму додаваат дека на фудбалското игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, заштитна ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден, со што ќе се добие комплетно нов лик на овој спортски терен во Миладиновци.

Дебар - Поради чести одрони и влажни коловози на патните правци, кои се под надлежност на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, се препорачува многу внимателно возење.

- Поради обилните дождови присутни на патните правци под наша надлежност има чести, но помали одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење, приспособување на брзината на движење според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на секцијата.

Остани поврзан