• петок, 03 мај 2024
МИА Флеш

23 април 2024

Скопје - Согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите оваа година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите. На претседателските избори утре ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април.  

Оваа одредба од Изборниот законик е составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите.

Истата одредба ќе се применува и на парламентарните избори со тоа што на нив ќе можат да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на изборите 8 мај. 

Скопје - Во затворот Идризово гласањето за претседателските избори денеска се одвива без проблеми, иформираат за МИА од Избирачкиот одбор. 

-Подготвките за гласањето завршија одлично. Гласањето започна во 7 часот и се одвива без проблеми. Во Избирачкиот список за ова гласачко место број 2536 се запишани 887 избирачи, а до пладне на гласање излегоа 235, изјави за МИА членот на Избирачкиот одбор Тони Трајковски. 

Согласно Избирачкиот список денеска треба да гласаат  2.147 лица кои се на издржување казна затвор или се во притвор. 

Скопје - Денот на одржување на претседателските избори, 24 април 2024 година (среда) и на парламентарните избори, 8 мај 2024 година (среда) се неработни денови за сите граѓани на Северна Македонија. Работодавачите во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние работодавачи каде работните процесите заради својата природа не можат да се прекинат, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Од ДПИ потсетуваат дека овие денови се неработни согласно Заклучокот на Техничката Влада на Република Северна Македонија донесен на Шестнаесеттата седница одржана на 16 април 2024 година.

Прилеп - Непречено се одвива гласањето на штитениците од Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп за првиот круг од Претседателските избори. Правото на глас во Домот денеска го остваруваат 68 штитеници.

-Гласачкото место 1419 во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ е отворено од 7 часот и правото на глас ќе се остварува до 19 часот. Гласањето е непречено и се одвива без проблеми, изјави Магдалена Лазоска, претседател на избирачкиот одбор на ова гласачко место.

Куманово - Тековно се спроведува гласањето на болни и немоќни лица во Куманово, соопштија денеска од ОИК Куманово.

-Право на глас имаат 180 болни и немоќни. Изборниот материјал се подигнува од општина Куманово. Избирачките одбори се поделени по термини за да се избегне метеж. Исто така започна гласањето во казнено поправаната установа затвор Куманово - К‘ шање. Таму сè тече во најдобар ред, право на глас имаат 159 лица, изјави претседателката на ОИК Куманово, Елизабета Стојковска.

Скопје - Управата за јавни приходи соопшти дека пропишаниот рок за поднесување на Пријавите за данокот на додадена вредност “ДДВ–04“  кој истекува на 25 април 2024 година, се продолжува за еден ден, односно, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ - 04, ќе се смета 26 април 2024 година.

Како што појаснуваат од УЈП, рокот се продолжува согласно одлуката на Владата, со која 24 април 2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Скопје - Чешкиот амбасадор Јарослав Лудва заедно со Министерот за здравство Илир Демири официјално предаде инкубатор од чешката фирма ТСЕ Ческе Будјејовице. „Оваа опрема од ТСЕ е уште една потврда за пријателските врски помеѓу нашите две земји. Сигурен сум дека овој инкубатор со висока технологија понатаму ќе го унапреди угледот на клиниката во Чаир и ќе спаси многу бебешки животи,“ рече чешкиот амбасадор Јарослав Лудва.

Финансирањето на проектот беше обезбедено од Чешката агенција за развој заедно со македонската фирма Промедика.

Скопје - Нашите претставници на Европскиот квиз на парите, учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски, кои го освоија третото место на овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост, остварија средба со Нејзиното Височество, кралицата Матилда од Белгија, информираат од Македонската банкарска асоцијација.

Кралицата Матилда од Белгија која присуствувала на церемонијата на доделувањето награди на Европскиот квиз на парите, одржала интерактивна средба со првите три победнички тимови – Австрија, Чешка и македонскиот тим. Средбата со кралицата Матилда, како што велат од Македонската банкарска асоцијација, бил значаен момент на признание за учениците, кој ќе биде инспирација за уште поголеми постигнувања и напредок во иднината.

Дебар - Се финализираат подготовките за поставување биста на апостолот на македонскиот народ, Гоце Делчев, на плоштадот во Пустец, кој го носи неговото име, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по чија иницијатива се поставува бистата.

-Сите потребни активности се веќе завршени, деновиве ќе биде поставен постаментот а потоа и бистата, која ќе биде откриена на свеченоста што ќе се организира на 4 мај, по повод 121- годишнина од убиството на Гоце Делчев. Голема благодарност до општината, советот и градоначалникот Пали Колефски, за поддршката што ја дадоа на нашето барање. Бистата е донација на нашата партија а автор на истата е Зоран Тошевски, додава Стерјовски.

Скопје -  Во следните два дена ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во четврток врнежите локално ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег.

Како што најавуваат од УХМР од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.

Времето денеска е облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (над 20 l/m2) и поројни, проследени со ретки грмежи, особено во западните и јужните делови. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Пекинг - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги отфрли извештаите за кинеска шпионажа во Германија, нагласувајќи дека таквата „хајка“ има за цел да ја дискредитира Кина.

„Кина отсекогаш се придржувала до принципот на немешање во внатрешните работи на другите земји и се надева дека релевантниот персонал во Германија ќе го напушти менталитетот на Студената војна“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фасер денеска ја изрази својата загриженост за обвинувањата дека помошникот на пратеникот во Европскиот парламент на партијата Алтернатива за Германија (АфД), Максимилијан Крах, бил шпион на Кина и тие обвинувања ги оцени како „многу опасни".

Њујорк – Двајца високи функционери на Обединети нации денеска ја повикаа Велика Британија да го преиспита планот за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалците.

Во заедничката изјава на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, Филипо Гранди и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Волкер Турк ја повикаа Велика Британија наместо тоа да преземе практични мерки за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.

Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Велика Британија за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребна, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци, посочи Гранди.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека рускиот ракетен напад со кој беше уништена телевизиската кула во Харков е дел од тековните напори на Кремљ да го заплаши населението на вториот по големина град во Украина, кој беше под интензивирани напади во последните неколку недели.

Целта на нападот беше „теророт да се направи видлив за целиот град и обид да се ограничи поврзаноста на Харков и пристапот до информации“, рече Зеленски во синоќешното обраќање.

Североисточниот дел на Харковската област се наоѓа на линијата на фронтот од околу 1.000 километри, каде што украинските и руските сили се борат повеќе од две години од инвазијата на Москва врз Украина. Линијата на фронтот не е многу променета во услови на војна на исцрпување, која главно се води со артилерија, дронови и во ровови.

Рим – Десничарскиот сојуз на италијанската премиерка Џорџа Мелони победи на регионалните избори, се сметаа за тест на јавното мислење пред европските избори во јуни.

Во Базиликата, јужна Италија, кандидатот на десниот центар Вито Барди беше реизбран за регионален претседател со 56,6 отсто од гласовите, наспроти неговиот противкандидат од левиот центар Пјеро Марезе, кој освои 42,1 проценти од гласовите.

Барди, кој е на власт во Базиликата од 2019 година, рече дека „ќе продолжи да биде претседател на сите“.

Загреб – Хрватскиот министер за одбрана, Иван Анушиќ, денеска соопшти дека неделава во Хрватска ќе пристигнат првите шест од вкупно 12-те купени борбени авиони „Рафал“.

„Со историски прелет од Бордо до Загреб,  пилотите на хрватското воено воздухопловство, кои беа обучени Франција, в четврток ќе ги донесат моќните ловци и нови заштитници на хрватскиот воздушен простор“, напиша Анушиќ на социјалната мрежа Х.

Будимпешта – Руската енергетска компанија „Гаспром“ ќе стане спонзор на најуспешниот унгарски фудбалски тим Ференцварош, пренесуваат денеска медиумите во Будимпешта.

Според најтиражниот унгарски спортски весник „Немзети спорт“, преговорите напреднале до тој степен што нацрт-договорот е веќе готов и има шанса соработката да биде официјализирана во следните недели.

Остани поврзан