• понеделник, 29 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 април 2024

Скопје - Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)  потсетува дека денеска завршува изборната кампања за првиот круг од Претседателските избори 2024 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19 часот на 24 април

За време на молкот, на 23 и на 24 април (до 19 часот), укажува АВМУ, запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи и за Претседателските и за Парламентарните избори.

-Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта, се вели во денешното соопштение од АВМУ.

Скопје - Во канцеларијата на Народниот правобранител, задутре од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на Претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. 

Како што соопшти денеска Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линија,  граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

Скопје - Од одлуката на младите, според кандидатот за претседател на Северна Македонија од Европскиот фронт, Бујар Османи, зависи тоа кој ќе ја води државата и каква иднина нуди со себе. Ова го истакна тој на денешната средбата со млади во „Мала Станица“ на која ги презентираше предвидените младински политики и активности.

- Денеска имав задоволство да се сретнам со граѓани кои што гласаат прв пат, не за да разговарам со нив за која определба да ја имаат при првото нивно гласање. Туку, за инспирација, за пасијата што тие ја внесуваат во демократијата, за важноста на гласот, за жртвите што човештвото ги има направено за да се стигне до правото на глас. За одговорноста што ја носи гласот во дефинирање на иднината, изјави Османи по средбата.

Како што дополни, гледајќи ја одлучноста и подготвеноста на младите, не треба да се плашиме за иднината. 

Скопје- За претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ Бујар Османи, слоганот на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори „Македонија повторно твоја“ е шовинистички.

-Слоганите коишто за жал македонската опозиција ги има во оваа кампања се косат директно со членот 137 од Кривичниот законик. Слоганот „Македонија повторно твоја“ е најшовинистичкиот слоган што можеше да се измисли, бидејќи со тоа сакаат да кажат дека фактот што има премиер Албанец или министер за надворешни Албанец, Македонија била на Албанците и сега треба да ја земеме од нив и да ја вратиме на другите, оцени Османи.

Праша, до каде ќе се оди со овој вокабулар ако секој почне да ја влече кон себе државата.

Скопје - Институциите и политичарите само зборуваат за одржлив развој и за циркуларна економија, велат треба да се направи ова, треба да се направи она, но никој реално тоа не го спроведува. И сега, во предизборните претседателски говори, можете да слушнете „одржлив развој“, но за одржлив развој треба нешто да се сработи, да се намалат емисиите на загадувачите, да се намали количеството на создавање отпад, да се користат одржливи енергенси, суровини кои се еколошки пријателски и од обвновливо потекло. Тогаш ќе имаме одржлив развој, одржливо производство, почиста животна средина и тогаш ќе поминеме од линеарна на циркуларна економија, беше речено на денешната конференција што се одржа на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје.

Учесниците укажаа на потребата од соработка меѓу науката и фирмите, посебно на полето на новите, иновативни материјали кои може да се рециклираат.

Академската заедница предупреди дека од 2026 година ниту еден производ нема да може да излезе од земјава без т.н. карбон такси. Рокот е до јуни 2026, истакна професорката Анита Грозданов од ТМФ, а ние немаме ништо од тоа направено. Според бизнисот, пак, државна стратегија за зелена транзиција во земјава не постои.

Скопје - Вкупното количество на создаден комунален отпад во 2023 година во државава изнесува 878 303 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2023 година изнесува 503 килограми, што е за 7,7 проценти повеќе од истото количество во 2022 година. 

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад  во државава минатата година изнесува 621 686 тони, за 2,6 отсто повеќе споредено со 2022 година. Зголемувањето, појаснува ДЗС, се должи на зголемениот број на населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 169 515 тони или 27,3 проценти од вкупното собрано количество

Кочани - Издавањето на патните исправи за граѓаните доцни по неколку месеци и покрај ветувањата од министерот Тошковски, истакна дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев одговарајќи на неговите изјави дека нема потреба да оди на Меџитлија за да види дали пристигнале обрасците.

-Тоа зборува за неговата политичка култура, живееме во слободно, демократско општество, дозволено е секогаш што сака да каже. Јас само би се надоврзал дека кога зборувам, зборувам со факти, а факт е дека во мандатот на министерот Спасовски за личните документи граѓаните се сликаа и ги добиваа за 15 дена. Факт е дека во мандатот на министерот Панче Тошковски граѓаните ќе ги добијат своите документи за 2,5 месеци и факт е и дека самиот го призна тоа. Последната анкета на Евротинк говори дека во мандатот на Спасовски граѓаните конкретно од управните служби биле задоволни над 50 отсто, а сега е околу 20 отсто, истакна Бојмацалиев.

Скопје - Приватните специјализанти привремено го ставаат генералниот штрајк во мирување поради пациентите, сензитивноста на периодот и отежнатата работа на клиниките во комплексот „Мајка Тереза", но секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред интерните клиники за да потсетат дека треба да се решат нивните барања.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, рече дека јавно се оградуваат од било каква политичка поврзаност и мотивираност. Единствениот мотив за штрајкот, како што посочува,  бил што биле доведени до работ на егзистенција. Таа упати порака во името на своите колеги дека нема да се отстапат додека не се решат нивните барања и дека веднаш по изборите ќе побараат решавање на проблемите.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека се исплатени дополнителните директни средства за обележани грла говеда постари од 12 месеци. Со исплатата им се префрлени 100 милиони денари на 4 033 одгледувачи на говеда.

Висината на директните плаќања изнесува 2 600 денари по женско грло кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.

Со оваа подмерка се опфатени земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.

Скопје – Малопродажната цена на дизел горивата од ноќеска на полноќ се намалува за 1,5 денари за литар, а бензините поскапуваат за еден до 1,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 отсто.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,5 денари за литар и ќе изнесуваат по 76 денари за литар. Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, пак, се зголемува за еден денар за литар и ќе изнесува 87,5 денари за литар, додека малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 1,5 денари за литар и ќе биде 90 денари.

Скопје - УХМР информира дека утре, под влијание на влажен бран, ќе биде облачно со врнежи од дожд кои особено во западните и јужните делови од земјата ќе бидат пообилни, наместа над 20 литри на метар квадратен, поројни и проследени со грмежи и засилен ветер и над 60 километри на час. Ветерот долж Повардарието ќе засилува и во среда.

Во среда и четврток ќе има локална појава на повремено пороен дожд и грмежи, а потоа следи период на претежно стабилно и постепено потопло време. 

Брисел – Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европска Унија ги усвоија измените на поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија.

Измените се однесуваат на обврските на таа држава кои произлегуваат од договорите со Косово постигнати минатата година во Брисел и во Охрид.

Откако Советот на министри на ЕУ го одобри, сега и официјално е изменето и дополнето поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија.

Брисел писмено ќе ја извести Србија за промените.

Поглавјето 35 од пристапните преговори меѓу Брисел и Белград се однесува на нормализација на односите со Косово.

Белград - Хектар од најдоброто земјоделско земјиште во Војводина во 2008 година чинело 5.000 евра, а денес цената е и до 120.000 евра, велат упатени во изјава за евроњуз Србија. Земјоделското земјиште е необновлив ресурс, а експертите нагласуваат дека сериозно се намалува кога станува збор за површините, но истовремено се повеќе се експлоатира и се повеќе се загрозува неговиот квалитет.
Предупредуваат и дека се намалува расположивото и користено земјоделско земјиште.

Едно истражување на Европската унија покажа дека се потребни 1.000 години за еден сантиметар обработливо земјоделско земјиште.

Според првите резултати од пописот на земјоделството во 2023 година објавени од Републичкиот завод за статистика на Србија, расположливо земјоделско земјиште изнесувало 4.073.703 хектари, искористено земјоделско земјиште е 3.257.100 хектари, додека 122.257 хектари се неискористено земјоделско земјиште.

Тел Авив – Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид денеска го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да поднесе оставка поради што не успеа да го спречи нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

Повикот на Лапид уследи откако директорот на военото разузнавање Ахарон Халива поднесе оставка поради што не го спречил напад на Хамас.

Лапид на Икс ја поздрави одлуката на Халива како „оправдана и почитувана“ и истакна дека „премиерот Нетанјаху би требало да го стори истото“.

Остани поврзан