• петок, 17 мај 2024
МИА Флеш

29 април 2024 

- Во среда ќе има изолирана, а во четврток на повеќе места ќе има нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме, соопшти УХМР. Од петок и за време на викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, ќе дува северен ветер, а температурите ќе опаднат за неколку степени.

 

– Судскиот совет на денешната седница ја одложи точката за утврдување на кандидатски листи по објавен оглас за избор на двајца членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија од Врховниот суд на РСМ и од апелационо подрачје Битола.

 

 - И покрај условеноста од комплицираните регионални и меѓународни случувања успеавме Северна Македонија да ја поставиме на пиедесталот на меѓународната сцена како активен, доверлив и кредибилен фактор во глобални рамки. Големите битки на нашите дипломати нема да запрат тука. Северна Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ. Оттука од идна и круцијална важност ќе биде натамошниот развој на вештините на нашата дипломатија во согласност со европските стандарди, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Денот на МНР – 29 Април и 55 години од создавањето и развојот на дипломатската служба на Северна Македонија, традиција над половина век која сигурен сум дека ќе доживее уште поголеми и позначајни јубилеи.

 

 - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на БЈБ Сашо Тасевски, и помошник директорот на Одделот за граничи работи и миграции, Сашо Смилески, денеска оствариле работна средба со раководството на полициска станица за граничен проверки „Меѓународен аеродром” Скопје.

 

- Во текот на вчерашниот ден во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 286 возачи, соопштија денеска од МВР.

 

- Во Полициската станица Гевгелија на 27 април било пријавено дека во близина на камп „Винојуг“ во Гевгелија била пронајдена експлозивна направа. МВР денеска соопшти дека бил извршен увид на местото и било констатирано дека станува збор за артилериска граната калибар 75 мм, која потекнува од Првата светска војна.

 

-Постојаната мисија на Малта во ОН потврди дека утре, 30 април, во 21 часот ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ) на барање на Русија. Како што јави Н1 БиХ, повикувајќи се на извори од мисијата на Малта во Њујорк, списокот на говорници за седницата се уште не е утврден.

 

- По влезот во Европската унија на 1 мај 2004 година, Полска доби 245,5 милијарди евра од европските фондови, плати 83,7 милијарди евра, така што две децении членство и донесоа 161 6 милијарди евра нето, пресмета полското Министерство за финансии, пренесе Бета.

 

 – Основниот суд во белгискиот град Лиеж за 17 мај закажа рочиште во чии рамки ќе се одржи сослушување по кое ќе треба да одлучи дали истрагата за сомнежите за неправилности околу набавката на вакцини против Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ од страна на ЕУ е во надлежност на Јавното обвинителството на Белгија или на Канцеларијата на Европско јавно обвинителство (ЕППО). 

 

- Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите. Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“. 

 

 - Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) од денеска ги вложуваат последните напори да постигнат договор за склучување договор за глобална подготвеност за пандемии, јави ДПА.

 

 - Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во официјална посета на Србија на 7 и 8 мај, а домаќин ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ. „Вучиќ ќе биде домаќин на претседателот на Кина, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на Србија“, соопшти прес-службата на претседателот на Србија.

Тагови

Остани поврзан