• недела, 05 мај 2024
МИА Општински пул

26 април 2024

Струга - Во Основниот суд во Струга денеска почна судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра. По барање на одбраната за целосен увид во списите, судијката Надица Митреска ја одложи главната расправа за 3 јуни годинава.

На денешното рочиште не присуствуваше ниту обвинетиот, ниту неговиот полномошник, адвокатот Игор Петкоски.

Списите со предметот, како што појасни судијката во дигитален препис ќе му бидат предадени на адвокатот на обвинетиот на усб стик, на кој има 27 фалјови во ПДФ формат.

Адвокатот на Мерко, Игор Петкоски, во телефонски разговор за медиумите посочи дека со обвинителниот предлог до неговиот клиент не биле доставени доказите наведени во листата на докази од Обвинителството, што е законска и уставна обврска кога некој се гони. Тој појасни дека поради обемноста, материјалот требало да му биде предаден на усб стик, но поради технички причини, Судот неможел да им ги пренесе материјалите пред терминот за судење, за да ги разгледаат доказите и да состават листа на докази на одбраната.

- Од тие причини побаравме одлагање, бидјеќи немавме докази, а воедно судијата уште на 18 април беше известен дека јас од претходно сум поканет во судница во Битола како бранител на друг клиент за постар предмет од овој. Целта не ни е да го одлагаме процесот, туку целта ни е кога ќе ги погледнеме доказите во обвинението да спротивставиме докази на одбраната со кој ќе ги оспориме тие докази и ќе ја докажеме тезата дека никаква одговорност не постои кај градоначачалникот по оваа работа, рече тој.

Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески појасни дека се работи за обвинителен предлог поднесен од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд во Скопје. Поради процесни причини, појасни, обвинението е отстапено во надлежност пред Основниот суд во Струга.

– Обвинителниот акт е злоупотреба на службена положба по член 353 став 4 во врска со став 1. Ние ќе ја докажуваме нашата теорија на случај, одбраната нивната, така што на крај Судот е тој којшто ќе одлучи што навистина се случило. Ние сметаме дека има дело, ќе го поддржиме обвинителниот предлог поднесен од ОЈО ГОКК Скопје, изјави Јолески.

Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години. 

 

Куманово - Дел од гласачките места во три града не се непристапни за гласачите со попреченост, информираа денеска од здружението за развој и промоција на инклузивното општество „Инклузива“ Куманово. Тие велат дека на некои места каде се гласа воопшто нема пристап за лицата кои користат помагала. Како што посочуваат, праксата се повторува со години и институциите треба да работат на пристапноста на гласачките места.

- Повторно има гласачки места на кат и се прашуваме како гласачот кој користи помагалам без лифт да се искачи до местото и да го оствари загарантираното право, изјави Благица Димитровска од „Инклзива“.

Од здружението, информираат дека следеле избори во три града Скопје, Куманово и Велес. За нив е важно да се смени и упатството за гласање на болни и немоќни лица и да се опфати категоријата чии права тие ги застапуваат.

- Потребно е ново упатство за гласање на лица со попреченост, да се стават како посебна категорија. Материјалите што сега ги подготвува државната изборна комисија за која ние едно време подготвувавме не се правилно поставени. Во поголем дел од гласачките места, избирачките одбори воопшто не знаат што бараме да има на гласачкото место. Повторно се повторува истото-непристапноста на гласачките места е огромна, и понатаму треба да работат институциите за подобрување на гласачкото право на лицата со попреченост, повика Димитровска.

 

Струмица - Полицијата сомничи малолетник од струмичко село дека вчера извршил обљуба врз малолетничка од Струмичко, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според соопштението, вчера во Полициската станица во Струмица во присуство на родител бил повикан малолетникот, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, по чии насоки се преземаат мерки за негово расчистување.

Инаку, вчера полицијата информираше за уште еден случај за обљуба врз малолетничка. Четиресет и пет годишен жител на Радовиш се сомничи дека во периодот од јануари до април во повеќе наврати извршил обљуба врз малолетничка од радовишко село.

 

Куманово - Млади од ИТ секторот од Куманово, Суботица и Никшиќ, претставници од општините и граѓански здруженија учествуваа на регионален панел и обука за развивање на ИКТ и претприемачки вештини во Суботица, информираа денеска од Граѓански Центар „Активум“ од Куманово.

Минатата недела во Суботица се одржа регионален тематски панел „Вработувањето на младите е на дневен ред – предизвици и перспективи на локалните самоуправи.“ Панелот, како што информираат организаторите, е воведна конференција на проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ и е во организација на Центарот за локална демократија од Суботица, Агенцијата за локална демократија од Никшиќ и Граѓански Центар Активум од Куманово.

Панелот ги собра претставниците на локалните самоуправи, бизнис секторот, образовните институции, граѓанските организации и локалните медиуми од Суботица, Никшиќ и Куманово. Локалните развојни стратегии, младински политики, вработување и отворање нови работни места за младите беа главна тема на регионалната размена и дискусија.

-Одлична можност да ги поврземе младите од ИТ секторот регионално, и можност да им овозможиме на младите во ИТ секторот да стекнат, споделат идеи и проблеми со кои се соочуваат во своите општини, изјави службеникот за млади во општина Куманово Мартин Крстиќ.

 

Делчево - Со низа активности во Делчево денеска се одбележува Европската недела на имунизација. Кампањата и во Делчево се одбележа од страна на превентивен тим од Здравствениот дом „Гоце Делчев“ под мотото „Заштитуваме генерации - спринт за имунизација“.

Д-р Љупка Стефановска информира дека кампањата е потпомoгната од Министерството за здравство, УСАИД, УНИЦЕФ и Американската асоцијација.

-Во рамки на истата се обезбедени промотивни материјали и брошури во кои поединечно е наведена блолеста која се спречува со помош на вакцинација и е вметнат редовниот календар на имунизација и таканаречениот календар „Catch-up“ за вакцинација за пропуштени дози. Приликата ја користам да се обратам на сите родители ко исе во дилема во однос на вакцинацијата да дојдат во нашиот здравствен дом и да ги добијат сите потребни информации од релевантни и професионални сајтови а не да проверуваат по интернет и дополнително да влегуваат во заблуди, рече Стефановска.

Вакцинацијата како метод, како што додаде, се докажа дека е мошне ефикасна, потенцирајки дека има големи бенефити од самата вакцинација, со чија помош се искоренети некои болести, а некои болести се на самиот праг на искоренување. 

-Самата вакцинација не штити од оние болести за кои нема лек и единствен начин да се заштитиме е да се вакцинираме. Оние вакцини кои се наменети за бактериски причинители, исто така потпомагаат колку што може помалку да се користат антибиотици и да се намали антибиотската резистенција што веќе е на прагот и ни се заканува. Оние вакцини кои се наменети за вирусни инфекции пак штитат од потенцијално заразни болести, но и болести кои предизвикуваат канцер, додаде Стефановска.

 

Карбинци - Носителот на листата за пратеници на ВМРО- ДПМНЕ во ИЕ 3 Драган Ковачки денеска од карбинското село Долни Балван порача дека во иднина планирано е 250 милиони евра за општините во земјава, без разлика кој е на власт. Само за Општина Карбинци, според Програмата, предвидени се 1,8 милиони евра, како што вели, Ковачки за инфраструктурни проекти.

-И како работи нашиот градоначалник овде во Карбинци, така и ние ќе работиме на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра, во четири годишен мандат за земјоделците. Што значи реконструкција на сите водоводни канали, значи да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри, вели Ковачки.

Забележа дека земјоделците од овој регион заслужуваат внимание и да си ја работат тие земјата, а не, како што вели, земјата да ја поседуваат феудалци. 

Остани поврзан