• петок, 17 мај 2024
МИА Флеш

2 мај 2024 

- Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски не го оправдува зголемувањето на цената за осигурување на автомобилска одговорност, а од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека се против централизирање на цените во која и да било дејност. 

По денешната средба со Стопанската комора на северозападна Македонија, Ковачевски упати одговорите да се бараат кај надлежните институции.

- Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во пресрет на парламентарните избори на 8 мај, денеска порача дека „тој што не може да формира влада изгубил на изборите“ бидејќи, како што рече, влада се формира со минимум 61 пратеник.

-Прво, тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада. Јас знам како изгледа формирање на влада, треба да имате 61 пратеник минимум за да формирате влада. Полека, па ние сме во избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај нека дојде па ќе видиме, рече Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

– Професионализација и департизација на армијата и полицијата и трајно и системско решение за статусот на професионалните војници, модернизирање на опремата на безбедносните служби и подобрување на нивните услови за работа се меѓу приоритетите во одбраната на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Нив на прес-конференција денеска ги соопшти армискиот генерал Павле Арсоски, носител на листа за пратеници на ЗНАМ во Третата изборна единица. Нагласи дека нивната програма „Проглас за достоинствена Македонија“ сериозно посветува дел на безбедноста и одбраната на државата затоа што, рече, нема просперитет, инвестиции и економски развој ако нема мир и стабилност.  

- Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидатот за пратеник Бојан Маричиќ во својата изјава за медиуми посочи дека СДСМ е најсериозната и единствената политичка опција во Македонија која може да обезбеди продолжување на преговорите со ЕУ.

Во продолжение проследете ја изјавата: "Со отворање на поглавјата, со сплотеност и со дисциплина за реформите, влегуваме во финиш на промените кои ни носат европски стандарди и европски квалитет на живот. Преговорите ни носат задолжително реформирање на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници.

- Европскиот фронт беше и останува најстабилната опција која ја придвижува евроатлантската ориентација на Северна Македонија како единствена патека што води кон безбедна иднина, истакна денеска на прес-конференција Бујар Османи шеф на дипломатијата и портпарол на ДУИ, која го предводи Европскиот фронт.

Тој обвини дека наспроти ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сојузници кои секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси и зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници во земјата, Фронтот е тој кој гарантира стабилност и соживот, обединувајќи ги сите заедници во мисијата за подобар и побогат живот во ЕУ.

- Носителот на листа од Левица во ИЕ3, Борислав Крмов денеска оствари средби со претставници и членови на неколку здруженија на лица со попреченост. 

Тој истакна дека целта е да ја претставиме програмата на Левица за претстојните Парламентарни избори, 2024. Нашата Програма и од меѓународниот фактор е оценета како најинклузивна социјална програма. 

- Валбон Лимани од коалицијата „Вреди“ на денешната прес-конференција побара надлежните органи да постапат за, како што рече, кражбата на гласови на гласачкото место во Липково откако Управниот суд ја прифатил нивната жалба.

Лимани соопшти дека Управниот суд вчера ја прифатил жалбата на коалицијата „Вреди“ за гласачкото место 1112/1 во Липково каде што, како што рече, имало полнење на кутии од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ.

– Двете албански коалиции „Европски фронт“ и „Вреди“ засега не се откажуваат од одржување на завршните митинзи во ист ден во Тетово.

Носителот на листа за пратеници во Шестата изборна единица од Коалицијата „Вреди“ и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, денеска го потврди одржувањето на завршниот митинг на 6 мај на плоштадот „Илирија“ во Тетово, посочувајќи дека имаат добиено одобрение од Општина Тетово, за која вели е единствената институција одговорна за јавните простори.

- Претставниците од Фондацијата „Ромите за демократија“ денеска организираа марш на кој побараа поголема заштита и зајакнување на полициската присутност за време на претседателските и парламентарните избори на 8 мај, посочувајќи дека нивните набљудувачи во Струмица се соочиле со одредени закани и обиди за физичко насилство, за време на првиот круг од претседателските избори што се одржаа на 24 април.

Маршот почна пред Државната изборна комисија (ДИК), а заврши пред Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје.

- Одделенијата за внатрешни работи Неготино и Кавадарци се подготвени за изборите на осми мај, а граѓаните доколку имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес, да пријават, истакна денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, беше во работна посета на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес.

Тие остварија средби со раководствата на одделенијата за внатрешни работи во Неготино и во Кавадарци, во рамки на серијата посети во сите сектори ширум земјава.

- Поради делумно постапување по решението со опомена на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје според закон и понатамошното евидентирано присуство на оваа клиника на здравствени работници и здравствени соработници без договори за вработување, ќе биде издадено решение за забрана на нивно присуство, согласно законските правила, информираше денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска.

На 30 април, извршен бил контролен инспекциски надзор на оваа клиника, по изминати рокови за постапување од наложените мерки со решение издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април.

 - Францускиот претседател Емануел Макрон повторно не ја исклучи можноста за испраќање на западни воени сили во Украина.

Во денеска објавеното интервју во британски „Економист“, Макрон изјави дека мораме „да го поставиме ова прашање доколку Москва ја пробие првата линија на фронтот и доколку Киев тоа го побара“, пренесуваат француските медиуми.

- Кремљ ги оквалификува како неосновани американските обвинувања дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва останува обврзана со договорот за забрана на употреба на хемиско оружје.

- Помошта од една милијарда евра од ЕУ за Либан за периодот од 2024 до 2027 година што денеска ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Бејрут се состои од грантови наменети за поддршка на сириските бегалци и за зајакнување на безбедноста на земјата, изјави портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Од вкупната сума, 736 милиони евра ќе бидат наменети за справување со последиците од сириската бегалска криза и за сите потреби со кои се соочува Либан како разултат на сириската криза, а преостанатите 264 милиони евра се во рамки на билатералната соработка, првенствено за поддршка на безбедносниот сектор и либанската армија, истакна Стано.   

– Државата има должност да ги заштити граѓаните од оние кои подметнуваат пожари, без разлика дали е тоа намерно или од небрежност, истакна министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, по средбата со обвинителката на Врховниот суд Георгиа Аделини посочувајќи дека со новиот Кривичен законик, подметнувањето пожар од прекршок веќе е кривично дело, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас ја информирал обвинителката за подготвителните и превентивните активности на противпожарната служба и цивилната заштита, во пресрет на сезоната на пожари, за која рече дека ќе биде „многу тешка“ и побарал „во рамките на соработката да се применува законот поврзан со подметнатите пожари“, без разлика дали се намерни или од несовесни граѓани.

 - Српското Регулаторно тело за електронски медиуми ги повика давателите на медиумски услуги да ги затемнат екраните на годишнините од масовните убиства во ОУ „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје, односно да ја прекинат програмата на една минута со текстот „3. и 4 мај 2023. Се сеќаваме“.

Регулаторното тело ги повика медиумите да ја прекинат програмата на 3 мај во 08:41 часот и на 4 мај во 22:32 часот.

 - Четиринаесет лица во Србија се приведени поради меѓународна измама преку „кол-центри“ во кои се оштетени неколку германски државјани за сума од околу еден милион евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што се наведува во соопштението на МВР, на барање на Германија, припадници на полицијата и на Службата за борба против високотехнолошки криминал при Техничката управа учествувале во меѓународна полициска акција, а се однесува на измама извршена од меѓународно организирана криминална група.

- Палестинските безбедносни сили денеска на Западниот Брег убиле припадник на локална вооружена група поврзана со милитантниот Исламски џихад, откако биле под нивен оган, јавуваат британските медиуми, додавајќи дека тоа е редок судир меѓу Палестинците.

Талак Двејкат, портпарол на безбедносните служби на палестинските власти, изјави дека органите на редот биле испратени во ноќна патрола во Тулкарм и биле под оган и возвратиле и го застрелале напаѓачот, кој починал од раните во болница. 

- На посебна свеченост денеска на претседателот на Демократска унија за интеграција, Али Ахмети му беше врачена титулата „почесен граѓанин“ на Тирана.

Градоначалникот на албанската престолнина, Ерион Велиај, по чиј предлог му се доделува титулата, рече дека е чест да му се додели вакво признание на голем човек како Ахмети.

- ЕУ со нетрпение очекува да соработува со новата српска Влада и очекува таа да испорачува резултати во однос на стратешките цели на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано, запрашан за коментар за тоа што во новата српска Влада, како што беше посочено, се предложени двајца министри кои се наоѓаат на листата на лица кон кои ЕУ има воведено санкции.

- Претставници на грчката Влада и оваа година се очекува да отпатуваат за Ерусалим и на Велика сабота во Грција да го донесат светиот благодатен оган, што подоцна ќе биде пренесен во сите делови на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките авиокомпании „Ејџиан ерлајнс“, „Олимпик ер“ и „Скај експрес“ соопштија дека со редовни и вонредни летови, светиот оган ќе патува низ цела Грција откако во попладневните часови в сабота од Ерусалим ќе пристигне на атинскиот аеродром, што ќе биде во организација на грчката Влада.

- Рестриктивните мерки што ЕУ ги воведе кон Косово ќе бидат укинати кога за тоа одлука ќе донесат земјите членки на Унијата, порача денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во однос на барањето на косовскиот премиер Албин Курти за укинување на санкциите кон Приштина. 

- Кога ЕУ ги воведе рестриктивните мерки кон Косово поради постојната состојба на криза и едностраните одлуки што водеа кон ескалација на односите со Србија, беше сосема јасно кажано дека тие ќе бидат укинати кога земјите членки, а не косовските политичари, ќе решат дека повеќе нема причини за нивно опстојување во сила, а тоа досега не се случи, изјави Стано.

- Необичен протест се одржа денеска во албанскиот Парламент, каде група млади луѓе упаднаа за да ја изразат својата поддршка за иселениците од албанската дијаспора да имаат право на глас на следните избори во земјата, објави Еуроњуз Албанија.

Тие, како што пренесуваат медиумите, се качиле на една од терасите во пленарната сала на Парламентот, од каде фрлале летоци кон пратениците држејќи  транспарент со натпис „Сакам да гласам во 2025 година“.

- Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека неговите сили ја презеле контролата врз селото Бердичи во источна Украина, јавија руските медиуми.

„Како резултат на активните акции, единиците на армиската група „Центар“ целосно го ослободија населеното место Бердичи во Доњецката Народна Република, а исто така ги подобрија тактичките позиции и им нанесоа порази на формациите на 59-та моторизирана пешадиска бригада, 42-та, 47-та механизирана бригада на ВСУ (Вооружени сили на Украина) и 109-та бригада за територијална одбрана во областите на населените места Воздвиженка, Калиново, Сокол, Новопокровское и Прогрес во Доњецката Народна Република“, се вели во соопштението на Министерството. 

- Русија во нападите врз Украина во април употреби повеќе од 300 проектили, околу 300 беспилотни летала „Шахед“ и над 3.200 касетни бомби, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, цитиран од британските медиуми.

„Овој терор може да се запре само со сила - силата на нашиот народ, силата на светското единство, силата на притисок врз Русија, силата на системите за противвоздушна одбрана обезбедена за Украина, силата на нашите војници на фронтот“, напиша Зеленски на „Телеграм“.

- Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

- Осигурителната компанија „Чаб“ се подготвува да плати 350 милиони долари на американската сојузна држава Мериленд поради уривањето на мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор во март, објави денеска „Волстрит Џурнал“.

Весникот наведува дека исплата на отштетата се очекува да биде одобрена за неколку недели. Исплатата од 350 милиони долари би можела да биде првата од многуте други поради уривањето на мостот, а аналитичарите велат дека инцидентот би можел да ги чини осигурителните куќи четири милијарди долари, што би била рекордна исплата во областа на транспортот. Шест лица загинаа кога товарен брод, кој пловел под знамето на Сингапур, удрил во еден од столбовите на мостот во Балтимор долг 2,4 километри, поради што се урна целата конструкција.

- Иако многу Американци велат дека добиваат информации за годинашната кампања за претседателските избори од најголемите, национални медиуми, анкетата покажува дека повеќето испитаници се сомневаат во нивното известување, пренесе Бета.

Дури 53 отсто од анкетираните велат дека се крајно или многу загрижени дека медиумите ќе пренесат неточности или дезинформации пред и за време на изборите. Околу 42 отсто рекле дека се загрижени затоа што мислат дека вестите ќе користат „генеративна вештачка интелигенција“ за пишување извештаи.

Остани поврзан