• петок, 17 мај 2024
МИА Флеш

30 април 2024 

- Меланомот е најопасен облик на рак на кожа, а може да се излечи доколку се открие навреме, порачуваат од Институтот за јавно здравје денеска, во пресрет на мај - месецот на борба против ракот на кожата.

- Иако меланомот може да ги зафати сите делови на кожата од телото, сепак тој најчесто се јавува на деловите од телото што се најмногу изложени на сонце, предупредуваат од Институтот.

- Вработените во Фондот за здравствено осигурување денеска одржуваат предупредувачки протест со барање за усогласување на платите со растот на минималната плата. На протестот пред Фондот за здравство беше порачано дека доколку не им се исполни барањето од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ, рече дека доколку до 15 мај не се преземе ништо првенствено ќе започнат секој ден во сите градови од еден до два часа со предупредувачки протести.

 - Лекари приватни специјализанти побараа првиот прием на идниот министер за здравство да биде за решавање на нивните барања. Тие се собраа денеска во паркот пред интерни клиники, со цел, како што рекоа, да го дигнат гласот и да кажат, дека не се откажуваат од нивните барања.

Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, истакна дека ситуацијата останува непроменета.

- Сѐ уште нема здравствено осигурување за овие лекари, сѐ уште Министерството за здравство не излезе со конкретни мерки и планови за подобрување на состојбата, но и решавање на горчливиот проблем во однос на покачување на платите и трајни вработувања. Сега засега, за да можеме да овозможиме функционирање на клиниките, ќе продолжиме да доаѓаме на нашите работни места, излегувајќи во пресрет на пациентите. Сѐ до формирање на новата влада и новиот кабинет. Алармираме кон новиот министер, дека првиот прием треба да биде во врска со нашите барања и нивно решавање, нагласи таа, повторувајќи дека е ова многу важно, за младите, особено медицинските лица, да не заминуваат од државава.

- Носителот на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата „Вреди“ во Изборна единица 1, Изет Меџити, денеска на прес-конференција порача дека приоритет на албанската опозиција е да биде дел од идна Влада која е ориентирана кон Европската унија и НАТО. Во врска со можното постизборно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ и со условот за уставни измени, Меџити вели во овој момент фокус на „Вреди“ се кампањата и средбите со граѓаните. 

– Ние и порано и сега кажавме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за влада, која ќе биде европски ориентирана кон НАТО и ЕУ, за нас тоа е приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, на нашата програма, на контактите со граѓаните, а овие ставови ќе ги разговараме на маса. Нашиот став е јасен, нема дилеми кој е ставот на Влен за евроинтеграции, вели Меџити.

-  Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв во денешната акција што сами ја организираа по повод шестдеценискиот јубилеј. Како што информира утрово претседателката на Судот Добрила Кацарска, со ова институцијата ја покажува и својата хумана страна.

-Уставниот суд одбележува 60 години постоење и по повод овој јубилеј најави низа активности. Вработените дадоа идеја една од тие акции да биде и крводарителската, што значи Судот ја покажува и својата хумана храна. Повеќе од половината вработени се пријавија за давање крв или од вкупно 60 повеќе од 30 се согласни да дадат крв, изјави Кацарска.

- Народната банка информира дека во март годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,50 проценти и бележи месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 0,46 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесувала 1,80 проценти и забележала месечно и годишно зголемување за 0,04 п.п. и 0,69 п.п., соодветно.

Податоците што ги сподели денеска централната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во март, изнесувала 4,98 проценти и забележала месечно и годишно намалување од 0,37 п.п. и 0,28 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, пак,  остварила месечен и годишен раст од 0,15 п.п. и 0,42 п.п., соодветно и изнесувала 2,46 проценти. 

- Третиот саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи на Белградскиот саем од 22 до 24 ноември 2024 година со поддршка на владите на Република Србија, Северна Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Саемот Винска Визија на Отворен Балкан е единствена и најголема регионална платформа за поврзување на винарите, дестилаторите, дистрибутерите, како и професионалците од винската индустрија. Саемот од година во година собира сè поголем број излагачи и професионални купувачи, отворајќи нови пазари и деловни можности за домашните производители.

- Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, денеска остварија работни средби со раководствата на Полициските одделенија Матејче, Арачиново и Шуто Оризари, во пресрет на парламентарните и вториот круг од претседателските избори 2024 година, а со цел гарантирање фер, слободни и демократски избори, како и согледување на постигнатите резултати во првото тримесечје од 2024 година, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Притоа, делегацијата од МБР била информирана за редовно функционирање на локалните штабови во рамки на Оперативниот Штаб на МВР. 

- Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цакна ја обвини Русија за кршење на меѓународните прописи со попречување на ЏПС сигналите во естонскиот воздушен простор.

- Попречувањето на ЏПС во естонскиот воздушен простор од страна на Русија се одрази на цивилната авијација во нашиот регион. Русија со тоа ги прекршува меѓународните регулативи, напишала Чакна на Х.

 - Европската Унија треба да даде многу јасен политички сигнал дека е за нејзино проширување, оцени новиот португалски министер за надворешни работи Пауло Ранжел. 

- Мораме да создадеме услови и во државите кои сакаат да станат членки на Европската Унија и во самата ЕУ, со цел проширувањето да може да се случи што е можно побрзо, заклучи Ранжел. 

Тој истакна дека има „многу позитивни очекувања“ од процесот на проширување на ЕУ, иако, како што рече, „тоа е тешко прашање кога станува збор за преговорите“. 

- Владеењето на правото е основното правило во европската архитектура и затоа е важно да имаме детална расправа за состојбата во ЕУ и на просторот на проширување, односно во конкретни земји членки и во државите кои имаат статус на кандидати за членство, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова. 

- Со години приоритет на Европската комисија е да направиме повеќе за заштита на владеењето на правото како основен принцип и да го одбраниме од разни видови на негативни трендови, потенцира Јоурова пред почетокот на неформалниот Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) на кои главни теми се проширувањето, владеењето на правото и зајакнувањето на Унијата.

- Ситуацијата во Босна и Херцеговина е тема за која вечерва ќе разговара Советот за безбедност на ОН, на барање на Русија, што е дел од кампањата со која политичарите на босанските Срби и Србија се обидуваат да го спречат усвојувањето во ОН на резолуцијата со која 11 јули ќе биде воведен како ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Дебатата за ситуацијата во БиХ е закажана за 22 часот по средноевропско време, а Русите побарале на неа да зборува Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на БиХ, додека САД побарале пред неа да зборува високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмид.

-  Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Чешката Република Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала на денешната конференција во Прага по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска унија повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред портите на Унијата бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.

- После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнмаер.

- Сезонски прилагодената стапка на невработеност во Германија во април изнесуваше 5,9 отсто, што е исто како и во претходните четири месеци, а бројот на невработени се зголеми месечно за 13.000 на 2,732 милиони, соопшти денеска германската Сојузна агенција за труд.

Невработеноста во Германија сè уште е на највисоко ниво од мај 2021 година.

Највисока невработеност традиционално е забележана во германските сојузни покраини Бремен и Берлин, а најниска во Баварија и Баден-Виртемберг.

-  Околу седум часот утрово, маж почнал да напаѓа луѓе со мачета во североисточен Лондон. Пред тоа со автомобилот удрил во куќа.

Лондонската служба за брза помош соопшти дека пет лица биле избодени со нож и пренесени во болници. Меѓу нападнатите наводно имало и двајца полицајци.

- Хамас ја разгледува понудата на Израел за 40-дневно примирје во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците земени во нападот врз Израел на 7 октомври.

Враќајќи се во Катар по последните разговори во Каиро, делегацијата на Хамас најави дека „ќе разговараат за идеи и предлози“.

„Сакаме да одговориме што е можно побрзо“, изјави извор од Хамас.

Египетски извори за Ал Кахера њуз, веб-страница поврзана со египетските разузнавачки служби, изјавија дека делегацијата на Хамас „ќе се врати со писмен одговор“.

Остани поврзан