• петок, 17 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

2 мај 2024

Скопје - Уставниот суд  денеска ќе ја одржи 15. седница, на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и четири предлози за одлучување со нацрт-одлуки. Меѓу нив и предметот во кој е оспорен член  од Законот за Академија за судии и јавни обвинители кој се однесува на бодирањето од усниот дел од испитот при прием на нови слушатели. Подносители на иницијативата се Александар Огненовски, адвокат од Скопје и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје

Скопје - Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет. Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца. - Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.

Скопје - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска организира крводарителската акција во рамки на одбележувањето на 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите. Хуманата акција, како што информираат од ССНМ, ќе се одвива координирано на неколку локации во Скопје, Битола, Струмица и Штип, во терминот од 08:00 до 14:00 часот.

Скопје - Работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), денеска на состанок во Женева ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Северна Македонија. - Северна Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Северна Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, соопшти Канцеларијата на ОН во Скопје.

Скопје - Кандидатите за претседател на државата, партиите и коалициите имаат уште пет дена за претставување на своите програми и политички понуди пред граѓаните, во пресрет на двојните избори на 8 мај. Кампањата за претседателските и за парламентарните избори завршува во понеделник, 6 мај, на полноќ. Денеска, пак, е последен ден за објавување на резултати од анкети поврзани со учесниците во изборниот процес. Двајцата кандидати за претседател синоќа се соочија на предизборен ТВ дуел, со спротивставени ставови за уставните измени, ЕУ интеграцијата, името, настаните во Собранието од 27 април, состојбата во судството..

Белград – Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.
Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Вашингтон - Белата куќа осуди „мал процент студенти, поттикнувачи на немири“ по ноќните судири и апсења во одредени американски кампуси кои протестираат против војната во Газа. „Студентите имаат право да посетуваат настава и да се чувствуваат безбедно“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на прес-конференција, додавајќи: „Ќе продолжиме да нагласуваме дека антисемитизмот мора да биде осуден“. Според американски медиуми, околу 1.000 луѓе се приведени во судирите на универзитетите ширум САД, и според податоци обезбедени од полицијата и властите во Њујорк, околу 300 луѓе биле приведени на Универзитетот Колумбија,  центарот на протестите поради војната во Газа со обвиненија за прекршок, кражба и помали кривични дела.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во придружба на шефот на кипарската држава Никос Христодулидес ќе престојува во посета на Либан. Како што соопшти Европската комисија, предвидено е Фон дер Лајен и Христодулидес во Бејрут да се сретнат со либанскиот премиер Наџиб Азми Микати и со претседателот на Парламентот, Набих Бери.  Либан нема претседател од октомври 2022 година кога истече мандатот на дотогашниот шеф на државата Мишел Аун, а Парламентот од тогаш не успеа да обезбеди мнозинство за избор на негов наследник.   

Москва - Русија поднесе нацрт-резолуција во ОН со која ги повикува сите земји да преземат итна акција за да го спречат распоредувањето оружје во вселената, една недела откако Москва стави вето на резолуцијата на САД и Јапонија за ставање крај на трката со вооружување во вселената. Руската нацрт-резолуција оди подалеку од американско-јапонскиот предлог, повикувајќи не само на напори да се запре распоредувањето на оружје во вселената, туку и да се спречи „заканата или употребата на сила во вселената“.

Вашингтон - Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот. Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Вашингтон - Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека економиите на Кина, Јапонија, Русија и Индија немаат раст бидејќи тие земји се „ксенофобични кон имигрантите“. „Зошто Кина заостанува економски толку далеку, зошто Јапонија е во неволја, зошто Русија, зошто Индија, затоа што се ксенофобични. Тие не сакаат имигранти. Имигрантите се тие што не прават силни“, рече Бајден на настанот за собирање средства во Вашингтон за неговата претседателска кампања.

Вашингтон - Стејт департментот ја обвини Русија дека го користела хемиското оружје „хлорпикрин“ против украинските сили со што ја прекршува Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје. „Употребата на тие хемикалии не е изолиран инцидент и најверојатно е мотивирана од желбата на руските сили да ги отстранат украинските сили од зацврстените позиции и да постигнат тактички напредок на бојното поле“, соопшти Стејт департментот.

Брисел – Индустријата и земјоделците од Европската Унија добиваат мноштвото нови извозни можности со стапувањето во сила на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд, кој се очекува да ги намали годишните извозни давачки на европските компании за околу 140 милиони евра, соопшти Европската комисија. 

Брисел – Актуелната виша советничка за надворешна политика на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, Магдалена Гроно, дополнително е именувана и за негова нова главна дипломатска советничка.  Како што соопшти Европскиот совет, Гроно ќе го наследи Симон Мордју, кој е избран за заменик генерален секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на која должност треба да стапи на 1 јули годинава. 

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Илја Витјук, висок функционер во разузнавачката служба СБУ, поради обвинувања за корупција, јави ДПА. Указот е објавен синоќа на веб-страницата на украинскиот претседател, без да се прецизираат причините за разрешувањето. Витјук беше шеф на одделот за кибер безбедност на Службата за безбедност на Украина (СБУ).

Пекинг - Уривање на дел од автопат во кинеската провинција Гуангдонг предизвика пад на повеќе возила, при што загинаа 36 лица, а 30 беа повредени, јавија денеска државните медиуми, во моменти кога милиони Кинези патуваат за празникот Први мај. Уривањето, предизвикано најверојатно од пороен дожд, се случи во средата околу 02:10 часот на автопатот Меиџоу-Дабу, јави новинската агенција Синхуа, додавајќи дека урнатиот дел бил долг 17,9 метри и предизвикал пад на 23 возила.

Лос Анџелес - Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД. Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс. Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита.

Сан Франциско - Американскиот апелациски суд во средата одлучи дека тужбата поднесена од 21 млад човек во која се тврди дека енергетската политика на американската влада ги крши нивните права за заштита од климатските промени мора да биде отфрлена. Тричленскиот совет на окружниот Апелациски суд на САД со седиште во Сан Франциско во налог од пет страници наведе дека случајот требало да биде отфрлен откако судот првпат го слушнал проблемот во 2020 година.

Мадрид - Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид. Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

Остани поврзан