• петок, 22 ноември 2024

Недела на женско здравје 2024

Недела на женско здравје 2024

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - „Здравјето во фокусот на жената“ е меѓународниот симпозиум што ќе се одржува од денеска до недела во рамки на Неделата на женското здравје 2024. 

Симпозиумот е наменет за специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство. Учесниците ќе дискутираат за: ХПВ вакцина, вакцинација во бременост, улогата на дебелината во бременоста, презентација на Стандардната оперативна процедура на Центрите за жртви од сексуално насилство.

Пред отворањето на симпозиумот ќе се одржи прес-конференција на која ќе се обратат: Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари,  Ламбе Крстески, матичен гинеколог во општина Шуто Оризари.

Согласно податоците од Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во Шуто Оризари има 2500 жени кои се здравствено осигурани, но немаат одбрано матичен гинеколог и околу 1000 жени кои не се осигурани и немаат матичен гинеколог. Согласно законските регулативи, во земјава секој поединец без разлика на работниот статус може здравствено да се осигура и со тоа да се стекне со правото на бесплатни здравствени услуги.

Организаторот Македонска асоцијација на гинеколози и акушери (МАГО) ја нагласува важноста од редовните превентивни прегледи и рано откривање на здравствените проблеми, како и информирање на сите жени во земјава дека изборот на матичен гинеколог е од клучна важност за редовните превентивни прегледи. мд/аа/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан