• среда, 15 мај 2024
МИА Општински пул

30 април 2024 

Скопје - Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.

„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.

Виница - Репрезентативна збирка од познатите теракотни икони од Виничкото Кале е претставена на едномесечна изложба во музејот Куслевова куќа во црногорскиот главен град Подгорица, како резултат на воспоставената соработка со музејот „Теракота“ од Виница.

Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ при што истакна дека се работи за едно од најавтентичните и најзначајни сведоштва за ранохристијанството на балканските простори. Пред црногорската културна јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали.

Скопје - Ново бебе алпака може да се погледне во скопската Зоолошка градина, информираат денеска оттаму, преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

- Нашата алпака Фелиција стана мама по вторпат. Дина, која се роди во 2021 година, деновиве доби сестричка. За малото бебе се грижи целата фамилија на алпаки, пишува во објавата на социјалната мрежа.

Во Зоолошката градина во Скопје, овој месец се роди и двогрба камила од фамилијата Бактријан.

Струга - Традиционално и оваа година на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка Еордија (Литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец", неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица.

На раскошно украсени епитафи, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ќе тргнат од храмот посветен на светителот ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица за МИА информира дека годинава се планирани многу новини на Литијата, за кои дополнително јавноста ќе биде известена.

Штип - Инвестираме рекордни средства во делот на патната и комуналната инфраструктура. Штип изминативе години доби нов лик, стана главна крстосница и економски центар на истокот, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска беше во работна посета на Општина Штип.

Тој изврши увид во поставување на сообраќајната сигнализација на улицата „Солидарност“, што беше реконструирана со средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. Министерот Бочварски истакна дека ги реализирале барањата и очекувањата на граѓаните и од улиците „Широк Дол“, „Христијан Тодоровски -Карпош“ и улицата „АСНОМ“, за што веќе се потпишани договори за реконструкција.

-Со сите овие проекти кои ги реализираме Штип и штипјани добиваат нова и безбедна локална инфраструктура, но тука не застануваме. Драго ми е што дополнително ги реализиравме и барањата на граѓаните од улиците „Широк Дол“, „Христијан Тодоровски Карпош“ и улицата „АСНОМ“, исто така финансирани преку Проектот за локални патишта. И многу сум задоволен, бидејќи ваквите проекти носат директен бенефит за граѓаните, за развој на општините, за нови работни места, а ние како централна власт токму тоа сакаме да го постигнеме, граѓаните се постојано во нашиот фокус, вели Бочварски.

Велес - Се дигитализира Јавното претпријатие за комунали дејности „Тополка од Чашка“ што ќе овозможи од утре - 1 мај  повеќе од 2.200 домаќинства, регистрирани во над 15 населени места, во Општина Чашка , наместо во банка сметките за вода и смет наместо  ќе можат да ги плаќаат од дома онлајн преку интернет, информира за МИА градоначалникот Горан Стојановски. 

Тој им појаснува на жителите дека регистрација во е-корисник е на веб страната на претпријатието www.topolka.mk каде ќе се креира сандаче во кое за секое домаќинство ќе се креира сметка како за плаќање, така и за следење на состојбата со плаќањето на сметките Банкарската провизија ќе биде на товар на јавното комунално претпријатие „Тополка“. Онлајн плаќањето пак ќе му донесе заштеда на комуналното претпријатие и во делот на човечки ресурси.

Стојановски  информира и дека раководниот тим на ЈПКД „Тополка“ ќеможе да следи дали инкасаторот редовно ги чита броилата.

 

Остани поврзан