• понеделник, 08 јули 2024
МИА Радио флеш

15 мај 2024

 - Институтот за семејни студии на Филозофскиот факултет на УКИМ денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на семејството 15 Мај кој е прогласен од Обединетите нации во 1993 година.

Настанот ќе го отворат раководителката на Институтот за семејни студии Ирена Авировиќ-Бундалевска, деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев, претседателот на студентското собрание на факултетот Дамјан Бужарвски и Тања Јосимовска, одделенски наставник во ООУ „Лазо Ангеловски“-Скопје. Пред нивните обраќања, ќе има ликовна работилница со ученици од ова училиште.

Ќе бидат промовирани Протокол за обезбедување квалитет за семејна поддршка и студентското списание „VOX“. 

Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска ќе организира Саем на кариера во просториите на новиот објект во поранешната касарна „Илинден“.
 
Како што соопшти Универзитетот, присуство на саемот потврдиле 22 компании.

На настанот е најавено да се обратат ректорот Изет Зеќири, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќира и претседателот на Бизнис-конфедерацијата Миле Бошков.

 - Оспорените одредби на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет за намалување на коефициентот за утврдување на платите на судиите кои Собранието ги донесе на 29 февруари годинава се меѓу предметите за расправа на денешната седница на Уставниот суд. 

На дневен ред на седницата се вкупно седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и три предлози за одлучување по предмети со нацрт-одлуки, односно предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата.  

– Стратешко лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии, се темите во фокусот на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025, кој ќе се одржува од денеска во Скопје, во организација на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“.

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

-  По одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за изборните резултати, дел од коалициите најавија жалби до Управниот суд.  Од 27 приговори што беа поднесени од партиите и коалиците, ДИК прифати седум, шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени, а во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино. 

- Најмалку 30 јахти изгореа во голем пожар што избувна во пристаништето во Медулин на хрватското крајбрежје, јави хрватската национална телевизија ХРТ, повикувајќи се на информации од полицијата во Истра.

Полицијата добила дојава за пожар во пристаништето утрово во 03:55 часот. Досега изгореа 30 пловила, а неколку од нив потонаа. Пожарот се уште беснее, се слушаат и експлозии, јави ХРТ. 

- Седницата на Генералното собрание на Обединетите нации на која ќе се разгледува резолуцијата за Сребреница е закажана за 23 мај, објавено е на веб-страницата на Генералното собрание на ОН.

По две одложувања, денеска требаше резолуцијата да се најде на дневен ред, но изјаснувањето за тоа прашање е одложено за уште една недела. 

- Нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главни преговарачи ќе се одржи денеска во Брисел, а главна тема ќе биде изнаоѓање решение во врска со одлуката за користење на динарот на Косово. Белградската делегација повторно ќе ја предводи директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, а од Приштина се очекува учество и на нејзиниот главен преговарач Бесник Бислими.

 Тоа е седма рунда од дијалогот каде што ќе се разговара за забраната за користење на динарот на Косово.

- Во Нумеа, главниот град на француската прекуморска територија Нова Каледонија, денеска има пукање, а во текот на ноќта избувнаа немири на улиците и покрај воведувањето полициски час.

Од тројцата повредени кои биле примени на Итната помош, еден починал, дознава БФМ ТВ.

- Летонија ќе придонесе со 10 милиони евра за чешката иницијатива за снабдување на Украина со околу 800 илјади артилериски гранати, јави ДПА, повикувајќи се на одлука на владата.

Дополнително, Летонија ќе испорача околу илјада воздушни беспилотни летала во Украина во јуни, рекоа летонскиот премиер Евика Силинија и министерот за одбрана Андрис Спрудс по состанокот на владата.

-  Рускиот претседател, Владимир Путин во интервју објавено денеска вели дека го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина.

Во интервју за кинеската новинска агенција Синхуа пред посетата на Путин на Кина оваа недела, рускиот лидер рече дека Пекинг ги разбира причините за кризата во целост, пренесе БТА.

Путин вели и дека Русија е отворена за дијалог и преговори за решавање на конфликтот кој трае повеќе од две години.

- Американското Министерство за правда соопшти дека размислува дали да ја гони компанијата Боинг за двете фатални несреќи на авионот „737 Макс“.

Министерството за правда тврди дека „Боинг“ ги прекршил условите од договорот од 2021 година што ја заштити компанијата од кривични пријави поврзани со инцидентите, што компаниите ги негираат.

- Американскиот федерален суд нареди дека Илон Маск мора повторно да сведочи пред Комисијата за хартии од вредност на САД (СЕК) за неговото преземање на Твитер за 44 милијарди долари.

СЕК го тужеше Маск во октомври за да го принуди извршниот директор на производителот на електрични автомобили Тесла и ракетната компанија Сепјс Икс (SpaceX) да сведочи откако тој одби да биде испрашан во септември за целите на истрагата. Милијардерот тогаш изјави дека СЕК се обидува да го „малтретира“ со бројни судски покани.

- Стотици луѓе, вклучувајќи околу 100 полицајци и жандарми се повредени во немирите во Нова Каледонија, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин.

Дарманин рече дека властите допрва треба да ги утврдат „околностите“ што доведоа до застрелување на едно лице во текот на ноќта . Тој додаде дека десетици домови и деловни објекти биле запалени за време на немирите поврзани со гневот поради уставните реформи.

-Повеќе од 130 лица се приведени во Нова Каледонија, француска прекуморска територија, по втората ноќ на насилни протести, соопштија денеска француските власти.

 

Остани поврзан