• сабота, 05 октомври 2024
МИА Радио флеш

5 јули 2024

 - На граничните премини Табановце и Богородица утрово за влез и излез од земјава се чека по околу 40 минути, информираат за МИА од АМСМ. Викендов се очекува зголемен интензитет на сообраќајот поради летните одмори. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.  Од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава воведен е летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни: петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.

 

 - Девет пожари на отворено се евидентирани изминатото деноноќие и сите се изгаснати од пожарникарите. Нема активни пожари изутринава, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). - Во последното деноноќие имало вкупно 1.975 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК. Од нив, „реални“ повици биле 55,75 отсто, а 44,25 проценти биле за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полиција биле упатени 61,47 проценти, кон Итната медицинска помош - 24,36 отсто, кон пожарникарите - 4,81 процент, а кон АМСМ - 0,29 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, се наведува во соопштението

 

 - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 9. седница на чиј дневен ред се предлог-одлуки за формирање собраниски делегации во повеќе меѓународни организации и годишни изврештаи за работата на неколку македонски институции.  На седницата треба да се расправа по Предлог на одлука за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), како и на Делегација во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ).

 

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска ќе одржи НАТО работен појадок. Како што соопшти МНР, во фокус на средбата ќе биде 75. јубилеј на Алијансата што ќе се одбележи на претстојниот Самит во Вашингтон. Воведното обраќање на Муцунски ќе биде отворено за медиумите, по што ќе следува затворена дискусија. 

 

 - Од денеска до 7 јули во Крушево ќе се одржи летниот адреналински фестивал „When in Krusevo“, чија цел е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски актракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина. Од оваа година, како што најавуваат организаторите, во фокус ќе е инклузијата на социјално ранливите категории на граѓани во Крушево. -Фестивалот започнува во предвечерието на 5 јули, со пријавување и подигање на пакет со маичка и производи од спонзорите. Официјалното отварање започнува истиот ден со забава во Градскиот парк со BABURA JUNIOR, додека наредните денови музичката програма ќе ја надополнат  ДНК, CYRILLIC, DJ Bapchu, ESTEPHANO, Totsilly, BONO, информираат организаторите.

 

 - Вулканската активност на островот Стромболи, северно од Сицилија, ги натера италијанските власти вчера да го покренат нивото на тревога од портокалово на црвено, јави ДПА. Локалните авторитети ги повикаа жителите на островот да ги следат упатствата на цивилната одбрана. Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ) соопшти дека на Стромболи е регистрирана зголемена вулканска активност. Активниот вулкан на островот исфрла лава и пепел во морето, соопшти институтот. На островот Стромболи постојано живеат неколку стотици жители. Многу туристи патуваат до него по море од италијанското копно или од Сицилија за да се искачат на вулканот кој е висок 920 метри и редовно еруптира.

 

 – Француската екстремно десничарска партија Национален собир (РН) најверојатно нема да освои апсолутно мнозинство во вториот круг од парламентарните избори в недела, покажуваат резултатите од анкетата на „OpinionWay“ за економскиот дневен весник „Еко“. Според анкетата, Национачлен собир ќе освои меѓу 205 и 230 места во француското Собрание, левичарскиот Нов народен фронт 145-175, а центристичката Алијанса на францускиот претседател Емануел Макрон 130-160 места. Парламентарните избори во Франција се одржуваат во два круга, во 577 изборни единици каде се избираат исто толку пратеници, па за апсолутно мнозинство во Националното собрание на победничката партија и се потребни најмалку 289 пратенички места.

 

- Лидерот на британската десничарска Реформска партија, Најџел Фараж, за првпат освои место во парламентот како претставник на англискиот град Клактон, победувајќи го конзервативниот Жил Ватлинг. Британските медиуми пренесуваат дека со минатомесечната одлука да се кандидира за пратеник, Фараж успеа значително да ја зголеми поддршката за неговата партија ширум Велика Британија. -Има огромна празнина во десниот центар на британската политика и моја работа е да ја пополнам и тоа е токму она што ќе го направам, рече Фараж по објавувањето на вчерашните изборни резултати. Тој нагласи дека во следните неколку години планира да изгради национално движње во земјата за во 2029 година да може да ги предизвика лабуристите.

 

 - Постои „реална шанса“ да се постигне договор со Хамас за ослободување на заложниците што групата ги држи во Појасот Газа од 7 октомври, изјави за „Тајмс оф Израел“ извор од израелскиот преговарачки тим, откако израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, одлучи да испрати делегација на нова рунда преговори. - Предлогот што го изнесе Хамас вклучува многу значаен напредок, рече изворот, откако палестинската милитантна група преку посредник му испрати на Израел ревидиран нацрт-договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа. Друг израелски функционер потврди дека израелската делегација на разговорите ќе ја предводи шефот на Мосад, Дејвид Барнеа.

 

- Лабуристичката партија освои убедлива победа на општите избори во Велика Британија, завршувајќи го 14-годишното владеење на конзервативците и отворајќи ја вратата на Даунинг стрит за нивниот лидер Кир Стармер, покажува излезната анкета. Според проценките што ги објави британската телевизија, лабуристите, позиционирани лево од центарот, освојуваат 410 места од 650 во Долниот дом на британскиот Парламент. Конзервативците, пак, освоија 131 пратеничко место, што е нивни историски најлош резултат. Гласачите ги казнија за кризата со трошоците за живот, годините на нестабилност и внатрешнита борби во кои партијата имаше пет различни премиери од 2016 година.

 

– Британскиот премиер и лидер на конзервативците Риши Сунак го призна поразот на вчерашните парламентарни избори и му ја честиташе победата на лидерот на лабуристите Кир Стармер. - Лабуристичката партија победи на овие општи избори и му се јавив на Кир Стармер за да му честитам на победата, рече тој. Сунак нагласи дека власта ќе се смени „уредно и мирно“ и ја презеде одговорноста за поразот на изборите, пренесува Скај Њуз. - Британскиот народ донесе отрезнувачка пресуда и јас ја преземам одговорноста за поразот. За многуте добри, вредни конзервативни кандидати кои изгубија вечерва … Жал ми е, додаде британскиот премиер во заминување. Лабуристите освоија 410 од 650 места во Долниот дом на вчерашните општи избори во Велика Британија, според излезните анкети, со што ставија крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците.

 

– Бразилската полиција го обвини поранешниот претседател на земјата Жаир Болсонаро за перење пари и криминални врски во врска со непријавени дијаманти што ги добил од Саудиска Арабија за време на неговиот мандат, изјави извор запознаен со ова прашање. Друг извор потврди дека има обвиненија против Болсонаро, без да прецизира какви. Двата извора зборувале под услов да останат анонимни бидејќи не биле овластени да зборуваат јавно, пренесува БТА. Врховниот суд на Бразил се уште не го добил полицискиот извештај со обвиненијата. Кога тоа ќе се случи, јавниот обвинител на земјата, Пауло Гонет, ќе го проучи документот и ќе одлучи дали да поднесе официјално обвинение.

 

– Две лица загинаа, а девет се повредени кога пикап удри во група луѓе кои го славеа Денот на независноста во Њујорк, соопштија локалните власти. Началникот на њујоршката полиција Џефри Мадри изјави дека Форд Ф-150 се движел со голема брзина, поминал на раскрсница и знак „стоп“ пред да се случи несреќата во паркот Корлирс Хук на Менхетен. Тој додаде дека две лица загинале на лице место. Меѓу повредените, четири лица се во критична состојба, три се тешко повредени, а двајца се полесно повредени, соопшти помошник началникот на Њујоршката противпожарна служба Мајкл Мејерс.

 

– Американскиот претседател Џо Бајден повтори дека „нема намера да замине“ соочен со на повиците од многу демократи да ја прекине својата кандидатура за реизбор. Тој ја искористи прославата на Денот на независноста за да возврати на сомневањата за неговата издржливост и ментална острина. На приемот едно лице од публиката извика: „Продолжете да се борите! Ни требате!“ на американскиот претседател кој му одговори: „Можете да сметате на мене. Немам намера да заминам“, повторувајќи го неговото ветување дека ќе остане во трката и покрај зголемените повици за негово повлекување. Бајден минатата недела имаше катастрофален настап на дебатата со Доналд Трамп. Беше збунет, нефокусиран, на моменти зборуваше како да нема поим за која тема се работи. Американската јавност со години дебатира дали 81-годишниот претседател е во психофизичка состојба да ја води најголемата светска сила. Дебатата ги продлабочи тие дискусии и воопшто не се во корист на Бајден.

 

– Јужнокорејски суд денеска го осуди напаѓачот на опозицискиот лидер Ли Џае-Мијанг на 15 години затвор за обид за убиство и кршење на изборниот закон. Напаѓач го нападна Ли со нож во градот Бусан во јануари, по што лидерот на Демократската партија беше хоспитализиран повеќе од една недела со рана на вратот. Инцидентот се случи три месеци пред парламентарните избори во април, а напаѓачот тврдел дека решил да го направи тоа за да го спречи Ли да стане претседател, пренесува Јонхап. - Обвинетиот делото го сторил откако подолго време собирал омраза кон жртвата поради различни политички ставови, заклучи судот.

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан