МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
4 октомври 2024
Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, оствари средба со градоначалникот на Ново Место, Грегор Мацедони. Целта на средбата беше да се разгледаат можностите за соработка со фокус на размена на искуства во јавната администрација, општинската администрација и спроведување на заеднички проекти, информираат од Министерството за јавна администрација.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска и утре ќе учествува на 19-тиот Самит на Меѓународната Организација на Франкофонијата, кој по 33 години се одржува во Франција.
Како што соопштија денеска од МНР, Самитот ќе започне со работа денеска во Villers-Cotterêts, гратче во северна Франција, целосно посветено на францускиот јазик и франкофонската културна разновидност, инаугурирано на 30 октомври минатата година од страна на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. Самитот ќе продолжи со работа во Париз на 5 октомври 2024 година.
Скопје - Еден затвореник државата ја чини околу 2 100 денари на ден или над 10 илјади евра годишно, во зависност од затвор до затвор. Моментално во државата има 2 400 затвореници и уште толку чекаат да влезат во затворите, изјави директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
Намалувањето на затворската популација, посочи Пандов, може да се направи на три начини - преку условен отпус, електронски надзор и подобра ресоцијализација на осудениците, затоа што 60 проценти се повратници.
Скопје - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 1 743 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112 и 11 пожари на отворено на територија на цела држава, кои се изгаснати.
Од 1 743 повици, „реални“ биле 61,04 отсто, а 38,96 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 63,04 отсто, кон итната медицинска помош 25,36 отсто, а кон пожарникарите 8,33 отсто од реалните повици кон 112.
Скопје - Советниците на Уставниот суд, Мајлинда Исмаили и Енсар Јусуф се учесници на 12. издание на Летната школа во Република Туркије на покана од Центарот за обука и развој на човечки ресурси на Здружението на Азиски уставни судови и еквивалентни институции (AACC-CTHRD).
Во фокусот на годинашното издание е користењето на информатичките технологии и вештачката интелигенција во судството и уставните судови.
Скопје - Со проекција на филмот „Последниот пат кога бевме деца“ на комичарот Клаудио Бизио, синоќа во салата на киното „Милениум“ почна 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. На проекцијата на филмот присуствуваа повеќе од 400 млади од осум земји, а денеска ќе почнат и првите филмски проекции и работилници.
Директорот Дарко Башески синоќа на отворањето на фестивалот им посака на учесниците да бидат редовни, да учествуваат, да се осмелуваат да кажат што мислат, но, најмногу од сè, да се забавуваат.
Сараево - Централните делови на неколку градови во северниот дел на Херцеговина и централна Босна се целосно поплавени, а најтешка е состојбата во Јабланица, која е целосно изолирана поради поплавите.
Во текот на изминатата ноќ, обилните врнежи создадоа порои кои централните делови на повеќе градови ги претворија во реки. Поплавени се станбени и деловни објекти, а сообраќајот е во целосен застој. Според информациите од Градската служба за спасување во Јабланица, влезот и излезот од градот се невозможни.
Белград - Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека Србија покажала дека води избалансирана национална политика на подадена рака - разговара со сите, и со земјите од Западот и со Истокот, а во исто време останува на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.
Ѓуриќ за РТС изјави дека Србија на седницата на Генералното собрание на ОН „однела дипломатска борба“ за Косово, а пред се „на оние адреси кои ја поддржуваат Приштина“.
Тој по средбите во Њујорк и Вашингтон, како и во Брисел смета дека соговорниците со кои разговарал сега подобро ја разбираат ситуацијата на Косово и ставот на српскиот народ.
Атина – Речиси седум од десет Грци, односно 66,4 проценти од анкетираните сметаат дека ситуацијата во земјата е „доста или многу лоша“, според резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „МРБ“ за телевизијата „Опен“, додека пак оптимисти се само 11,1 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.
На политичката сцена, Нова демократија е на првата позиција со 21,9 отсто, ПАСОК е втора со 12,2 проценти, а СИРИЗА е на петтата позиција зад националистичко-десничарската Грчко решение, која е трета сила во земјата и зад Комунистичката партија.
Вилнус - Литванија вчера го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржаа планот, јави ДПА.
Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.
Никозија – Во рамките на специјалниот национален план „Естиа“ за прием и репатријација на граѓани од трети земји, во оваа фаза Република Кипар на својата територија може да згрижи околу 7.000 лица, според портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кипар Теодорос Гоцис, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретниот план беше активиран во вторникот од Министерскиот тим за управување со кризи на Република Кипар, а Гоцис, говорејќи за кипарската новинска агенција ЦНА, објасни дека „логиката е да се помогне во евакуацијата на граѓаните на ниво на државна соработка“ и истакна дека веќе подолго време биле во состојба на готовност поради ситуацијата во Либан.
Скопје - Голема комета, чијашто јачина на светлината би можела да биде највисоката во овој век воопшто, последниве недели му се приближува до Сонцето и брзо го привлече вниманието на астрономите и истражувачите ширум светот.
„Ц/2023 А-3“ позната како Цучиншан-АТЛАС или скратено „А-3“, беше откриена во јануари 2023 година. е работи за голема грутка од мраз и вселенска прав што доаѓа од Ортовиот Облак којшто се наоѓа во оддалечените делови Сончевиот Систем и го опкружува Сонцето. Се смета дека тој содржи милијарди ледени тела, вклучително и комети, коишто повремено навлегуваат во внатрешниот Сончев Систем поради гравитационите нарушувања.
Брисел - Државјаните на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово, Украина и други земји на чии граѓани не им треба виза за влез во Европската Унија, од 10 ноември годинава на границите ќе мора да дадат отпечатоци од четири прсти и фотографија на лицето, во рамки на новиот Систем за влез и излез (ЕЕС).
Според Европската комисија, ова правило не важи за деца помлади од 12 години.
Оваа регулатива ќе се применува на сите земји од ЕУ освен Кипар и Ирска, како и на Исланд, Норвешка и Швајцарија како дел од Шенген зоната.
Вашингтон - Бројот на жртвите во ураганот „Хелена“ во југоисточниот дел на САД се искачи синоќа на најмалку 215 лица.
Спасувачките тимови и волонтерите, кои се соочуваат со пречки на секој чекор во оддалечените планини на американската сојузна држава Северна Каролина, пловат по поплавените реки со кануа и користат коњи за да се пробијат низ свлечиштата од кал, во обид побрзо да стигнат до луѓето кои се погодени.
Вашингтон - Пентагон соопшти дека НАТО нема да пресретнува руски ракети и беспилотни летала над Украина, како што тоа го прави над Израел, бидејќи тоа се „две сосема различни боишта“.
Заменичката за печат на Пентагон, Сабрина Синг, нагласи дека Украина била многу успешна во користењето на сопствената противвоздушна одбрана.
Виена - Илјадници луѓе синоќа излегоа на улиците на Виена, протестирајќи против можноста екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) да биде дел од новата влада.
Организаторите тврдат дека се собрале околу 25.000 луѓе, додека полицијата не излезе со официјални бројки. Популистичката ФПО победи на изборите одржани во неделата со околу 29 проценти од гласовите.
Бејрут – Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска пристигна во посета главниот град на Либан, Бејрут.
Неговата посета на Бејрут е во момент кога се интензивирани израелските воздушни напади врз цела на Хезболах во Либан.
Тоа е прва посета на висок ирански претставник по убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала на 27 септември во израелски воздушен напад врз Бејрут.
Њујорк - Инцидентот на прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на 79-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк минатата недела доведе до ограничување на пристапот на руски новинар, јави ДПА.
-Репортер од Канал 1 на руската државна телевизија се обидел да ја пресретне Бербок на пат кон средба со германските новинари. Потоа се потруди да застане до германската министерка за надворешни работи пред таа да го започне својот говор.
Но, Бербок го замоли да им се придружи на другите новинари за да може да започне прес-конференцијата.
Брисел - Судот на правдата на Европската унија ги отфрли жалбите на адвокатски здруженија од Белгија, Франција и Германија против одлуката на ЕУ со која се забранува давање правни совети на руската Влада или на други субјекти основани во Русија.
Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ, станува збор за одлука на ЕУ донесена во рамки на пакетот санкции воведени поради руската инвазија на Украина.
Бејрут - Израелската армија нареди итна евакуација на жителите во повеќе од 30 села во јужен Либан.
Портпаролот на израелските одбранбени сили им рекол да ги напуштат своите домови „веднаш“ и „да се упатат северно од реката Авали“.
Москва - Регионалните сили се собираат денеска во Москва за шестиот круг на средби во рамки на Московскиот формат на консултации за Авганистан, јави германската новинска агенција ДПА.
На платформата ќе учествуваат претставници на Русија, Кина, Иран, Узбекистан, Пакистан, Индија, Казахстан, Таџикистан и Туркменистан за да разговараат за ситуацијата во Авганистан.
Фокусот на состанокот ќе биде промовирање на националниот процес на помирување во Авганистан и проширување на практичната соработка помеѓу регионалните држави и владата на талибанците во Кабул, според руското Министерство за надворешни работи.
Лондон – Сопственикот на премиерлигашот Нотингем Форест, Евангелос Маринакис, е обвинет од Англиската фудбалска асоцијација (ФА) за недолично однесување по поразот на неговиот тим од Фулам на 28 септември.
ФА соопшти дека 57-годишниот грчки бизнисмен реагирал несоодветно во тунелот на стадионот по последниот свиреж на судијата.
Англиските медиуми јавуваат дека Маринакис има рок до 7 октомври да одговори на обвинението.
Лос Анџелес - „Гугл“ продолжува да работи на нова верзија на „Андроид“ додека се чека официјалното објавување на „Андроид 15“. Според последните гласини, наредниот „Андроид“ ќе го има кодното име „Баклава“ - познатото слатко јадење од турската, македонската, босанската, ерменската, грчката, иранската и други кујни, објави „Индекс“.
„Андроид 15“ го доби кодното име „В.И.Ц“ - кратенка за „Vanila ice-cream“ (Сладолед од ванила).