• петок, 20 декември 2024
МИА Флеш

20 декември 2024 

Скопје - Важно е со титулата Европска престолнина на културата за 2028 година да се врати сјајот и идентитетот на Скопје. Веќе стигнуваат интересни иницијативи во однос на програмите, иако загубивме година дена без помош од градот Скопје, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој на денешниот брифинг со новинарите посочи дека е во комуникација со сите амбасадори и ја бара поддршката од Европските комисии. -Се обидувам колку е можно да одржиме некоја нормална комуникација со градот да ја задржиме таа титула. Се појавуваат некакви иницијативи и стравови дека можеме да ја загубиме титулата, тоа би било погубно, бидејќи никогаш не се случило во историјата на Европа да се одземе оваа титула од одреден град, рече Љутков.

Скопје - Од утре рано наутро ќе почне акцијата за санација на главниот цевковод во Скопје. На терен на предвидените локации ќе работат Секторите ЕОК, Механизација и Водовод. Се очекува оваа операција да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод, соопшти денеска  ЈП „Водовод и канализација“  - Скопје. 

- За оваа цел изготвен е оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат. Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода. Со затварање на Главниот Градски цевковод Ф1600мм поради санација на 5 затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со ул. „Никола Парапунов“ ќе се изврши: Замена на нефункционален затварач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров, Репарација на затварач Ф600мм на мост „Обединети нации“ кој тече, Заптивање на затварач Ф700мм на булевар „Партизански одреди“ кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, Санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на ул. „Никола Парапунов“ и Замена на 4 водушни вентили“, стои во соопштението од  ЈП „Водовод и канализација“  - Скопје.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков информира дека во 2025 година ќе биде објавен конкурсот од Македонската радио-телевизија во врска со снимањето на филмот за Тоше Проески, а проектот треба да се реализира во рок од две години.

-Пред два дена го најавивме снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти скоро сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, рече Љутков на денешниот брифинг со новинарите.

Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври годинава, изнесувала 42 134 денари, и во однос на октомври лани е повисока за 8.5 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Ваквиот раст се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (11.5 %), Информации и комуникации (10.7 %) и Образование (10.6 %).

Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев.

Воедно, Министерството денеска информира дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади за наредниот едногодишен период на располагање ќе има 68,15 милијарди денари, односно шест проценти повисок износ во споредба со оваа година. Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување и зголемување на пензиите, како и за инвестиции и исплати за социјална и детска заштита, истакнаа министерот Фатмир Лимани и заменикот министер Ѓоко Велковски на денешната прес-конференција на која го претставија буџетот за 2025 година.

- Со предлог-буџетот за 2025 предвидени се 47,8 милијарди денари, односно околу 700 милиони евра за исплата на пензии и тоа претставува зголемување за 8 милијарди денари во споредба со 2024 година. Се грижиме и за граѓаните кои се во социјален ризик, а за 2025 година обезбедивме 14,5 милијарди денари за исплата на правата од социјална и детска заштита и бегалци и азиланти, што е околу 100 милиони денари повеќе во однос на буџетот од 2024 година и зголемен е износот на одделни права со порастот на трошоците за живот. Обезбедивме 275,3 милиони денари, односно околу 4 милиони евра за довршување или започнување инвестиции, изградба и опремување на нови детски градинки, домови за стари лица и други објекти за социјална заштита, како и за трансфер на средства до општините за капитални инвестиции, истакна министерот Лимани. 

Скопје - Новозибраните членови на Судскиот совет, Данка Ристова и Аритон Ала, денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Африм Гаши, соопшти собраниската прес-служба.

Претходно, свечена изјава пред Гаши даде и новиот член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Ардијан Демири.

Скопје - ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, денеска донираше свежо подготвени оброци на Пунктот за бездомници Момин Поток при Црвен Крст на Град Скопје.

Донацијата наречена „ТАВ готви“, која што опфаќа и волонтерска помош од вработените на ТАВ, се состои од 110 свежо приготвени хранливи оброци кои, како што информира компанјата, имаат за цел да обезбедат топлина, вкусна храна и комфор на луѓето на кои тоа им е потребно во празничниот период.

Скопје - Законот за социјално претпримеништво е во завршна фаза, истакна на денешната прес-конференција министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој одговараше на новинарско прашање, до каде е постапката за донесување на новиот Закон за социјално претпримеништво. Забележа дека за кратко време ќе биде завршена целата процедура од страна на сите кои учествуваат во негова изготовка.

- Усогласување е направено со сите институции со кои се спори. Наша цел е секој Закон којшто ни ги отвара вратите на оваае Европска унија да се подготват и истовремено да ги поминуват сите филтри од нашето министерство во Влада и до Парламент. Мислам дека за кратко време ќе биде и целата оваа процедура завршена, вели Лимани.

Брисел - Пазарот на трудот на ЕУ во текот на 2023 година остана силен и покрај економското забавување, историски ниската невработеност и отворените нови 5,5 милиони работни места од 2019 година, во најголемиот дел благодарение на државјаните на трети земји кои не се членки на Европската Унија, се наведува во Извештајот на Европската комисија за состојбата на пазарите на трудот и платите во Европа за 2024 година. 

Според извештајот, поволните движења на пазарот на труд овозможуваат подобрување во усогласувањето меѓу бројот на баратели на работа и слободните работни места.

Брисел - Европската комисија испрати „прелиминарни наоди“ до американската компанија „Епл“ во врска со двете барања од септември годинава за обезбедување на интероперабилност на уредите ајФон, како и за овозможување на попредвидлива и транспарентна интероперабилност за трети страни согласно Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА).

„Прелиминарните наоди“ претставуваат документ со спецификации на предложени мерки за кои Еврокомисијата смета дека една компанија треба да ги спроведе врз основа на одредбите од ДМА. Во случајов со „Епл“, ЕК смета дека компанијата треба „ефективно да се усогласи со своите обврски за интероперабилност во врска со неколку функции за поврзување со ајОС, кои претежно се користат за и од поврзани уреди“.  

Брисел - Вистинскиот војник се бори не затоа што го мрази она што е пред него, тука затоа што го сака она што е зад него, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во празничната честитка упатена денеска до војниците кои служат во мисиите на Алијансата. 

- Во овој момент на неизвесен свет, каде што не е секогаш лесно да се размислува за мир, надеж и светлина, ние можеме да бидеме смирени и силни знаејќи дека стоиме заедно. За тоа им должиме голема благодарност на нашите мажи и жени во униформа, изјави Руте.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на воведување даночни и деловни субвенции низ Европа за електричните автомобили, што според него е добар начин да се спротивстави на кинеската конкуренција на пазарот на електрични автомобили.

Шолц рече дека најдобро би било „да се најде европско решение во врска со стимулации за купување“.

Загреб - Според новите детали кои ги соопшти хрватската полиција напаѓачот во основното училиште „Пречко“ во Загреб, кој утрово со нож повреди наставничка и неколку деца, при што едно дете почина, е 19-годишен хрватски државјанин.

Во полициското соопштение се наведува дека во болниците се примени петмина повредени, од кои три деца и двајца возрасни. Напаѓачот е под полициски надзор.

 

Остани поврзан