МИА Општински пул
- 19 декември 2024
19 декември 2024
Скопје - Центарот за култура во Ѓорче Петров денеска беше домаќин на предновогодишниот шаховски турнир, организиран од Општина Ѓорче Петров со поддршка од Шаховската федерација на Македонија.
Настанот обедини шахисти од различни општини, вклучувајќи и наши пензионери, со цел да се промовира шахот како спорт кој не само што поттикнува логичко размислување, туку овозможува и социјална интеракција и создавање нови пријателства.
На турнирот присуствуваше и градоначалникот Александар Стојкоски, кој ја изрази својата поддршка за сите учесници и ја нагласи важноста на шахот како спорт со значајна едукативна и општествена улога. „Нашата цел е оваа манифестација да продолжи да расте и да прерасне во традиционален настан на градско ниво,“ изјави градоначалникот Стојкоски.
Kавадарци - Влезот во Кавадарци од правец на Неготино, кој е доста фрекфентна сообраќајница е реконструиран. Увид на местото денеска извршија кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
- Всушност, реконструиран е дел од регионален пат со проширување и ставање во функција на три наместо две ленти за сообраќај, простор што не бил реконструиран со години, рече Јанчев.
Трајановски додаде дека јавното претпријатие го реализирало овој проект како еден од клучните за Кавадарци, а е под надлежност на претпријатието.
Скопје - Општина Бутел денеска на спортските клубови од оштината им додели финансиска помош од четири милиони денари.
-Искрено се надевам дека оваа финансиска помош ќе им помогне на клубовите и ќе стимулира нови државни, балкански, европски и олимписки шампиони.
Спортот е клучен фактор за развивање на поквалитетно и поздраво општество, додека пак врвните спортски резултати како ништо друго помагаат во градење на нацијата и државата. Општина Бутел е најспортска општина во Македонија согласно постигнатите спортски успеси, а веќе сме и лидери во спортска инфраструктура, напиша градоначалникот Дарко Костовски на Фејсбук.
Битола - Јавната установа Национален парк „Пелистер“ внесува новини во работењето со јасен план за развој на инкаминг туризам (in coming tourism), најави новиот директор на установата, Иванчо Тошевски.
На прес конференција во Битола, Тошевски потврди дека Инфо центарот на Пелистер ќе биде отворено катче за сите планинари, гости и посетители со што повторно по една година затвореност повторно ќе ја врати својата функција.
-Како Национален парк „Пелистер“ сметаме дека претстојниот настан „Куќа имам на Пелистер“ што ќе се одржи в недела, ќе биде стартна точка за првично поврзување на се што е, и може да биде туристичка понуда на Пелистер, и тоа е идна основа за развој на инкаминг/in coming туризам. Настанот ќе го организираме на локацијата Инфо центар затоа што и Инфо центар ќе биде стартна точка за сите активности на Пелистер и многу набрзо истиот ќе биде достапен за сите планинари, љубители на природата и други посетители, истакна Тошевски.
Велес - Над 500 компании во оваа учебна година организираа практична настава за речиси 4000 ученици од дуалните паралелки во 62 средни стручни училишта, информира министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на швајцарската компанија „Ронтис“ во Велес.
Според Јаневска, ова се добри бројки до кои е дојдено со многу труд на Министерството за образование и наука и поддршката од Швајцарската амбасада, Делегацијата на ЕУ, бизнис заедницата и училиштата.
Додаде дека концептот на дуално образование го создава потребниот, добро подготвен кадар за потребите на стопанството и со тоа го намалува јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на човечки капитал.
Скопје - Општина Кисела Вода предновогодишно започнува со исплата на субвенции за граѓаните кои аплицираа и ги исполнија критериумите од јавните повици кои беа објавени во изминатиот период. Исплатата, која започнува од понеделник, опфаќа средства за поддршка на граѓаните кои поднеле барања за субвенции за пелети, печки на пелети и огревно дрво. Целта е да се помогне на семејствата кои се соочуваат со финансиски предизвици за одржување на животниот стандард.
-И оваа година продолжуваме со континуираната поддршка за нашите граѓани, бидејќи ја препознаваме важноста на социјалната поддршка, особено за ранливите категории граѓани, и продолжуваме да вложуваме во мерки кои ја олеснуваат нивната секојдневна борба со финансиските предизвици. Овие субвенции, кои се во вкупен износ од околу 4 милиони денари, се наш придонес за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Сакам да им се заблагодарам на сите кои аплицираа и сакам да ги информирам дека исплатата ќе започне од понеделник. Продолжуваме да бидеме партнер на нашите жители и заедно со нив секојдневно да го унапредуваме квалитетот на живот во локалната заедница, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Битола - Општина Битола се вклучи во проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“ спроведуван од „Конект“, во партнерство со Фондација Аполонија, Индиго и ЕВН, кои своите активности ги реализираат и во општините Гевгелија, Гостивар, Охрид, Струмица, Чаир, Шуто Оризари, а сега и во Битола.
Со овој проект општината ќе воведе нова дигитална алатка, која ќе ја зголеми соработката со граѓаните и ќе овозможи службите на општината да можат соодветно и навремено да одговорат на потребите на граѓаните.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека во рамки за реализација на планираните активности од проектот, секретарот на општината Борче Димитровски, присуствувал на стратешката средба, организирана од здружението Конект, на која е презентирана досегашната локална имплементација на платформата за граѓанско учество Комунити, прва интерактивна веб и мобилна апликација која овозможува директна комуникација помеѓу граѓаните и општините.
Куманово – Националната установа Музеј Куманово со изложби, промоции, едукативни програми одбележува шеесет години од постоењето на установата, информираа денеска надлежните од установата. Тие ги поканија граѓаните да присуствуваат на настаните со кои се промовира придонесот на установата за развој на културата и културното наследство на градот.
-Славиме шеесет годишен јубилеј. Декември беше посветен на шест децении од постоењето. Граѓаните ја проследија изложбата „Сеќавања на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски. На 16 декември беше отворен изложбата на светскиот реномиран академски уметник, Синиша Кашавелски, колекција „Енигма“. На 21 декември, самата установа во уметничка галерија Куманово ќе ја презентира изложбата за развој на музејот и неговите постигнувања на кој ќе го видат историскиот развој на установата, на различните одделенија, дел од изложбите на археолозите, на НОБ во Куманово, уметнички дела од депото на уметничката галерија, етнолошки филм. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и изложбата 50 години јубилеј ликовна колонија „Куманово“ (1974-2024), изјави директорката на установата Марија Живачки.
Битола - Доајенот на Народен театар-Битола, актерот Борис Чоревски, годинешен добитник на највисокото општинско признание за животно дело, наградата „4 Ноември“, засади дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело.
Според востановената традиција, на чинот на засадување учествуваше градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈП „Комуналец“-Битола, Горан Степановски.
Градоначалникот Коњановски истакна дека во блиска иднина ќе се исправи неправдата кон сите останати добитници на наградата за животно дело кои пред 2018 година не засадиле, и да се засадат дрвца во Алејата на добитници на наградата за животно дело. Актерот Чоревски, пак, уште еднаш јавно се заблагодари што стана добитник на наградата како признание на тоа што го направил во Битола.
Кочани – Со потпишувањето на договорот за соработка меѓу компанијата „Еко Проект Ко“ и комуналното јавно претпријатие „Водовод“, во Кочани почнува реализација на заедничкиот проект „Со граѓаните за граѓаните“ за селектирање и собирање на отпадот од пакување, односно на отпадна амбалажа од пластика и хартија.
На почетокот од проектот ќе има тримесечен пилот период во кој на домаќинствата на две поголеми улици во градот ќе им бидат поделени садови за селекција. Исто така, на неколку локации на јавни површини, во дворовите на училиштата и во јавните институции ќе бидат поставени посебни контејнери и садови за депонирање на пластична и хартиена амбалажа.
-Согледувајќи ги проблемите што во изминатиот период произлегоа со загадувањето од комуналната депонија во Кочани, почнуваме проект чија цел е да ги вклучиме граѓаните во селектирањето на отпадот од пакување, за да се избегне неговото палење и чадење, со што ќе придонесеме за почист воздух за сите. Се работи за наша иницијатива, заедно со Општината и комуналното препртијатие, а со поддршка од Министерството за животна средина, со која ќе поделиме садови за селектирање, но ќе работиме и на подигање на свеста на граѓаните за важноста од селекција на отпадот. Со тоа „Водовод“ ќе заштеди средства, енергија и возила, односно ќе го собира само комуналниот отпад, а ние со нашите специјализрани возила ќе ги празниме садовите во коие же се остваат пластика и хартија, истакна Билјана Митева од компанијата „Еко Проект Ко“ – Кочани.
Куманово - Општина Куманово ги распиша тендерските постапки за три проекти кои Владата ѝ ги одобри преку програмата за поддршка на општините, информираа денеска од општината.
По изборот на економските оператори ќе почнат да се одвиваат градежните активности за трите проекти.
-Тендерските постапки за сите три проекти: изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во индустриска зона-Речица во општина Куманово, реконструкција на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ и изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа, дел од улицата „Б. С, Бато“ до село Доброшане (со индустриска зона долж патот во Доброшане) во Општина Куманово се распишани и се води постапка за избор на најповолни понудувачи за истите, информираа од општина Куманово.