
18 декември 2024
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе го додели признанието „Македонски квалитет“ за 2024 година.
Скопје - Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки и да не споделуваат лични податоци со непознати лица, бидејќи е зголемен бројот на измами.
-Во врска со зголемениот број на измами што годинава беа забележани, а кои опфаќаат фишинг напади и случаи на лажно претставување во име на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти, Секторот за компјутерски криминал при МВР ги известува граѓаните дека главната цел на фишинг измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите, се наведува во соопштението од МВР.
Скопје - Просечната цена на струјата за домаќинствата од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92 проценти, објави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Во првиот блок, како што наведе, зголемувањето е 0,68 проценти, во вториот за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, во четвртиот за 2,24 проценти, додека во евтината тарифа за 0,9 проценти.
- Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата кое има сметка од 2300 денари, зголемувањето ќе има зголемен трошок од 21 денар, рече Бислимоски на прес- конференција.
Согласно барањето на ЕВН хоум, цената за домаќинствата, како што рече, требаше да се зголеми за 4,4 проценти.
Скопје - Извршниот одбор за монетарната политика на вчерашната редовна седница оцени дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со постепеното нормализирање на поставеноста на монетарната политика, и затоа е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,55%, соопшти Народната банка.
На седницата е донесена одлука за намалување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Скопје - Јапонскиот амбасадор Казуја Оцука синоќа одржа проштален прием по повод завршување на неговиот мандат како амбасадор на Јапонија во земјава. Тој во својот проштален говор истакна дека денес кога светот се соочува со големи предизвици на меѓународниот мир и поредок, Јапонија и Северна Македонија се залагаат и придонесуваат за промоција на основните заеднички вредности како што се слободата, демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Скопје - Оружје е пронајдено на локалниот пат од село Орланци во правец кон селото Никуштак во полициска акција што рано утринава ја спроведоа Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пронајдени се еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети.
Скопје - Под претседателство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беа разгледани и усвоени клучни точки од реформската агенда и планот за праведна транзиција за 2025 година. Овој Совет, составен од претставници на институциите, компаниите, работните групи и локалните заедници, има централна улога во управувањето и координацијата на процесот на праведна транзиција во Македонија.
Скопје - Пет милиони евра грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе бидат вложени во проектите за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, што треба да придонесат за енергетската транзиција на земјава.
Договорот за грантот го потпишаа денеска генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и евроамбасадорот во државава Михалис Рокас.
Скопје - На повикот за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција се пристигнати пет понуди, а според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, првата најдобра понуда е за 11 милиони евра пониска од износите од претходниот тендер. Фирмите се од Италија, Турција, Србија, а има и една локална. Се очекува договорот да биде потпишан на крај на јануари.
Скопје - Извршени се директни плаќања во износ од 32.732.971,00 денари за производен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски, градинарски култури, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Скопје – Во петокот веќе е објавен отворен повик за јавна набавка со скратени рокови од 20 дена, а кој ќе копа јаглен наместо „ Маркоски компани “ ќе покаже времето, односно кога ќе заврши целата постапка, информира денеска генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев.
Нагласи дека Маркоски компани засега се уште нема пратено никаква жалба, ниту, пак, го има обжалено известувањето за раскинувањето на договорот и активирањето на банкарската гаранција од страна на АД ЕСМ.
Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека доколку има потреба Владата ќе излезе во пресрет, но дека ингеренциите за санирањето на дефектот којшто во сабота ќе остави поголем дел од главниот град без вода е на јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
- Тенденцијата на Владата е да ја зајакне децентрализацијата и знаете дека оваа Влада веќе почна со тоа милијарда евра да им се доделат на општините. Значи, не е тенденција на Владата да централизира. Ние ќе излеземе во пресрет, но тоа се ингеренции на „Водовод и канализација“ и на градоначалничката Данела Арсовска, како што излеговме во пресрет со јавниот превоз, но мислам дека е време да покажат и докажат дека децентрализацијата треба да зајакне, а не цело време да ургира Владата, изјави денеска Меџити.
Скопје - Подобрување во јавноста и достапноста на податоци за судењата, но и уназадување во перформансот и бројот на решени предмети. Формална, но не и суштинска транспарентност во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и значителен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство, покажуваат извештаите на Коалиција „Сите за правично судење“ што беа презентирани на годишната конференција за презентација на анализите за 2024 година.
Во изјава за медиуми пред конференцијата, Дарко Аврамовски од КСПС ги претстави главните наоди од мониторингот на судските постапки, работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и состојбите со човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства.
Скопје - Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе побара Собранието да распише нов јавен оглас за четвртиот член на Комисијата за заштита на конкуренцијата бидејќи пратеникот Ријад Шаќири го повлекол предлогот член на Комисијата да биде Насер Жарку.
Ова денеска на седница на ова законодавно тело го соопшти претседателот на собраниската Комисија Ѓорѓија Сајкоски.
Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со останатите градоначалници од скопските општини, денес учествувал на координативна средба со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски.
Како што е наведено во соопштението од Општина Кисела Вода, на средбата не присуствувала градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
Скопје - На завршниот Буџетски форум, организиран од Општина Центар и одржан во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, граѓаните и општинската администрација ги дефинираа приоритетите за 2025 година. Се дискутираше за нацрт-програмите за наредната година, тековните предизвици и потребите на граѓаните, а беа дадени предлози и сугестии кои ќе бидат вградени во новите програми и проекти.
„Со заеднички ангажман и соработка меѓу граѓаните и општинската администрација, транспарентно и отчетно ја градиме иднината на нашата општина,“ истакна Герасимовски во обраќањето.
Тетово – Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) со Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје (ФВМ) во рамки на циклусот работилници за превенција на болеста чума кај малите преживари одржа средба со сточари во Тетово. Одгледувачите на кози и овци имаа можност да слушнат кои превентивни мерки можат да се преземат со цел да се спречи појава на оваа болест.
Софија - Поранешниот бугарски премиер и лидер партијата ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека вчера разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за состојбата на државата на меѓународен план, но и за случувањата во врска со соседна Република Северна Македонија, пренесе БТА.
- Од разговорот (со Кошта) разбрав дека во текот на овие години имаше многу процеси за Северна Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, без учество на Бугарија, и се изгуби многу време. Едноставно бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став, изјави Борисов пред новинарите во бугарскиот парламентот.
Белград - Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ најави дека јавниот превоз во Белград ќе биде бесплатен за сите од 1 јануари 2025 година.
„Од 1 јануари 2025 година, целиот јавен превоз во Белград ќе биде бесплатен. Така, веќе никој нема да мора да плаќа билет. Нема повеќе месечни, годишни или попусти“, објави Шапиќ на прес-конференција.
Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Со специјалниот пријател и сега непоколеблив поддржувач на Албанија, Марк Руте, на првата средба со него како генерален секретар на НАТО по 14 години на чело на холандската влада“, напиша Рама на својот Фејсбук профил по вчерашната средба со Руте.
Во понеделникот Руте рече дека стабилноста на Западен Балкан останува кревка и ја изрази својата поддршка за напорите за одржување на безбедноста во регионот, јави Албанската радио и телевизија.
Загреб - Денеска во Загреб по повод одбележување на 15 години постоење на платежната Агенција на Хрватска, беше одржана средба помеѓу министерот за земјоделство, шумарство и рибарство на Република Хрватска Јосип Дабро и директорите на платежните агенции на Р.Хрватска Никола Долачки, Р.Словенија, Миран Михелиќ и Р.Македонија, Илија Стоилев. На средбата се водеа конструктивни разговори од интерес на трите земји со крајна цел воведување на заедничка земјоделска политика, зајакнување и модернизација на агро секторот.
Брисел - Европската унија го поздрави договорот што го постигнаа главните преговарачи на Србија и Косово за спроведување на декларацијата за исчезнати лица.
-Напредокот е важен чекор напред во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација од 2023 година. Ова е директна придобивка за граѓаните на Косово и за Србија, се вели во соопштението, во кое се повикува двете страни да започнат со работа на целосно спроведување на Договорот.
Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон нема да присуствува на самитот на Европската унија в четврток во Брисел и ќе го претставува германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти денеска Елисејската палата.
Макрон треба да отпатува на француската територија на Индискиот Океан Мајот за да ја провери штетата предизвикана од циклонот Чидо во изминатиот викенд. Се верува дека стотици луѓе загинале во катастрофата.
Франкфурт – Инфлацијата во еврозоната во ноември порасна со малку побавно од првично проценетото темпо, покажаа ревидираните податоци што денеска ги објави Евростат.
Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (ХИЦП) се зголеми за 2,2 проценти на годишно ниво во ноември, по растот од 2 отсто во октомври. Стапката беше ревидирана надолу од 2,3 проценти.
Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната, енергијата и алкохолот и тутунот, беше стабилна на 2,7 отсто. Стапката се совпаѓа со блиската проценка.
Вашингтон - Министерството за енергетика на САД е внимателно во однос на проширеното производство и зголемениот извоз на течен природен гас (ТПГ) од земјата, бидејќи тоа би било неповолно за Американците и штетно за климата, јави синоќа „Фајненшал тајмс“ повикувајќи се на најнов извештај на министерството.
Брзиот развој на индустријата за ТПГ ризикува да доведе до зголемени домашни цени на горивото а тоа е неповолно за американските потрошувачи, но и може да ги зголеми емисиите на стакленички гасови, се наведува во долгоочекуваната студија на министерството која се подготвуваше од јануари, соопштува весникот.
Тел Авив - Израелскиот претседател Исак Херцог се сретна со Адам Болер, специјален пратеник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за прашања на заложниците во неговата официјална резиденција во Ерусалим.
Според ДПА, ова е дополнителен знак за напредок кон прекин на огнот во Појасот Газа.
САД заедно со Египет и Катар со месеци се стремат да ја прекинат војната во Појасот Газа. Тимот на Трамп сега игра клучна улога пред неговата инаугурација на 20 јануари.