• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

Скопје - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го обжали решението за куќен притвор за Асмир Јахоски во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го разгледа Решението со кое не се прифати предлогот на Обвинителството за определување на мерка притвор и на осомничен му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, соопшти денеска ОЈО ГОКК.

Незадоволно од ваквата одлука, како што се наведува во соопштението, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение.

Скопје - За две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг. Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, покажуваат резултатите од истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.

Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.

- Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија. На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда, а најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години, покажуваат резултатите од истражувањето.

Москва - Руската служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека спречила доставување пакети со рачно изработени бомби до војниците и државните службеници поврзани со руската офанзива во Украина.

ФСБ ги обвини украинските специјални служби дека стојат зад обидот за напад.

Во соопштението ФСБ наведува дека на аеродромот во Челјабинск, на Урал, биле запленети пет пакети со рачно изработени експлозивни направи, скриени во кутии за парфеми.

Руски државјанин роден 2003 година, кој бил „регрутиран од украинските специјални служби“ се обидел да ги испрати тие пакети по пошта.

Москва - Руската војска синоќа собори 77 украински беспилотни летала над неколку региони, соопшти руското Министерство за одбрана. Силите пресретнале и уништиле 77 дронови, од кои повеќето биле над регионот Брјанск, на границата со Украина и регионот Калуга.

Беспилотните летала беа соборени два дена по најголемиот украински напад од овој тип од почетокот на конфликтот.

Украинската противвоздушна одбрана, пак, собори 74 беспилотни летала кои синоќа ги нападнаа руските сили, додека 38 руски беспилотни летала за мамка исчезнаа од радарот без да предизвикаат штета, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Русија изврши голем воздушен напад, кој започна синоќа во 19 часот по локално време, користејќи балистичка ракета Искандер-М лансирана од областа Курск и 117 нападни дронови Шахед и голем број беспилотни летала-мамки испратени од западните и јужните региони на земјата.

Женева - Израел изврши „геноцидни постапки“ врз Палестинците за време на конфликтот во Газа, систематски уништувајќи ги здравствените установи за жените и користејќи сексуално насилство како воена стратегија, маведуваат експертите на Обединетите нации во новиот извештај.

Постојаната мисија на Израел при ОН во Женева ги оцени обвинувањата како неосновани, пристрасни и без кредибилитет. Комисијата тврди дека одредени дејствија на израелските власти намерно го отежнале или оневозможиле на палестинските жени да се грижат за своето репродуктивно здравје, што би довело до долгорочно намалување на палестинското население во Газа, што е еден од геноцидните акти според Римскиот статут и Конвенцијата за геноцид.

Според извештајот, оваа акција, заедно со зголемувањето на смртните случаи на бремени жени поради ограничениот пристап до медицински материјали, претставува злосторство против човештвото - истребување.

Берлин - Извршниот директор на германскиот производител на оружје Рајнметал, Армин Папергер, изјави дека компанијата е преоптоварена со нарачки за оружје, толку многу што итно треба да го прошири својот капацитет.

На годишното генерално собрание на групацијата Рајнметал, Папергер рече дека нарачките доаѓаат од сите страни и дека „тој никогаш не доживеал вакво нешто во неговите 35 години во Рајнметал“, објави денеска Дојче веле.

Само за време на конференцијата за безбедност во Минхен пред неколку недели, Рајнметал беше посетен од околу педесет шефови на држави или влади, или нивни релевантни министри, а во седиштето на еден од најголемите германски производители на оружје во Дизелдорф, моментално се обработуваат нарачки вредни 55 милијарди евра, што е за 17 милијарди повеќе од веќе рекордната мината година, повеќе од кога било досега.

Киев - Украинскиот експерт за меѓународни односи Максим Камењецки вели дека прекинот на огнот во Украина ќе биде постигнат, но верува дека тоа нема да биде толку брзо. Тој појасни и зошто рускиот претседател Владимир Путин е во војничка униформа.

-Дефинитивно ќе има 30-дневен прекин на огнот, но прашањето е кога? Мислам дека нема да биде брзо, со оглед на тоа што руската страна најверојатно ќе постави услови кои се неприфатливи за украинската страна. Најважното прашање овде е како САД ќе реагираат на војната што ќе продолжи, но не поради Украина, вели Камењецки, кој ја коментираше и ситуацијата во Курск.

„Руската страна контролира поголем дел од областите таму. Мал дел остана под наша контрола. Според мене, уште поиндикативно е тоа што Путин за прв пат облече униформа за време на оваа војна. Тоа никогаш не се случило. Ова веројатно е и знак за тоа како Русија ќе реагира на иницијативите, изјави Камењецки за Н1 Загреб.

Москва - Соединетите Држави и дадоа на Русија конкретни информации за нивниот предлог за прекин на огнот со Украина и ќе продолжат со разговорите лице в лице во наредните денови, соопшти Кремљ.

-Преговарачи од САД патуваат за Русија, додаде портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да даде дополнителни детали.

Авионот што го користеше специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, рано утринава влезе во рускиот воздушен простор, јавија руските медиуми, повикувајќи се на апликацијата за следење летови „Flightradar“.

Вашингтон - Поголемиот дел од Американците веруваат дека претседателот Доналд Трамп е премногу „нечесен“ во неговите обиди да ја разниша американската економија, покажа новата анкета на Ројтерс/Ипсос. Анкетата опфати 1.422 возрасни лица низ САД и имаше маргина на грешка за сите испитаници од три процентни поени.

Околу 57 отсто од испитаниците, вклучително и секој трет републиканец, сметаат дека потезите на Трамп за економијата се премногу нестабилни. Наместо тоа, Американците сакаат Трамп да се фокусира на борбата против високите цени, иако постои зголемена загриженост дека неговите политики ќе ги зголемат наместо да ги намалат трошоците, покажа истражувањето.

Наметнувањето царини од страна на Трамп за сојузниците како Канада и Мексико и неговото одбивање да ја исклучи можноста за рецесија ги исплаши американските пазари. Белата куќа истакна дека ќе има некои краткорочни економски тешкотии додека Трамп не ја спроведе својата политика.

Каиро - Египет денеска ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека нема план за евакуација на Палестинците од Газа, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.

Вчера, за време на средбата во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп рече дека „никој не ги протерува Палестинците од Газа“, пренесоа британските медиуми.

„Оваа позиција го одразува разбирањето за потребата да се спречи натамошно влошување на хуманитарната ситуација во Газа и важноста од изнаоѓање праведни и одржливи решенија за палестинското прашање“, се наведува во соопштението на египетското Министерство.

Трамп претходно предложи САД да ја преземат контролата врз Газа, која претрпе сериозно уништување од израелската воена офанзива во последните 17 месеци.

Кејп Канаверал - „Спејс-Икс“ во последен миг го откажа лансирањето на ракетата за замена на посадата на Меѓународната вселенска станица, што требаше да го почне и долгоочекуваното враќање на американските астронаути Буч Вилмор и Сани Вилијамс.

Вилмор и Вилијамс се заглавени на МВС девет месеци по пристигнувањето со нефункционалниот „Боинг Старлајнер“. Воздухоплловно-вселенската компанија „Спејс-Икс“ вчера го откажа летот поради технички дефект и проблеми со лансирната рампа на ракетата, соопштија официјалните лица за време на директниот пренос од одбројувањето пред лансирањето.

Остани поврзан