МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

25 април 2025
Скопје - Во официјална посета на земјава ќе престојува потпретседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
Домаќин на Ибрахимовиќ ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, според агендата ќе се одржи официјален пречек и тет-а-тет средба помеѓу министрите Муцунски и Ибрахимовиќ.
Исто така, двајцата министри ќе потпишат Меморандум за разбирање и билатерална средба со делегациите на двете министерства.
Скопје - Катарскиот амбасадор во земјава, Шеик Јасим Бин Хамад Ал-Тани денеска ќе престојува во посета на Собранието.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Ал-Тани ќе оствари проштална средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Скопје - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков денеска е во работна посета на општина Демир Хисар.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев ќе остварат средба со градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски.
На средбата, додаваат оттаму, ќе се разговара за поголема искористеност на средствата од европските фондови за развој на општината.
Скопје - МВР вчера во центарот на Скопје презеде 20 мерки за непрописно паркирани возила.
-Вчера во периодот од 17:00 до 20:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се зајакнати мерки за санкционирање на непрописно паркираните возила низ централното градско подрачје за зголемување на безбедноста во сообраќајот при што преземени се вкупно 20 мерки од кои изречени се шест прекршочни платни налози за непрописно паркирани возила, 12 возила се подигнати со специјалното возило „пајак“ и две мерки по останати прекршоци, стои во соопштението на МВР.
Приштина – Шестото продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание треба да се одржи денеска, но набљудувачите на работата на парламентот не очекуваат резултати и бараат претседателката на Косово Вјоса Османи да биде вклучена во решавањето на ова прашање.
На дневен ред е избор на претседател и пет потпретседатели на парламентот.
Во ситуација кога блокадата беше предизвикана од противењето на кандидатурата на Аљбуљена Хаџиу од Движењето Самоопределување за претседателка на Собранието, Вулнет Бугаќку, истражувач во Косовскиот демократски институт (КДИ), оцени дека претседателката на Косово треба да ги покани лидерите на партиите на консултативен состанок.
Приштина - Мисијата КФОР во Косово, предводена од НАТО, денес објави дека и се придружиле и војници од Белгија, Луксембург и Холандија.
Церемонијата на кревање на знамињата на овие три земји се одржа вчера во седиштето на мисијата КФОР, во кампот Филм Сити во Приштина, соопштени мисијата на Фејсбук.
Командантот на КФОР, Енрико Бардуани, кој ја водеше церемонијата, рече дека проширувањето на мисијата сведочи за нејзината непоколеблива посветеност на трајната безбедност низ цело Косово и за регионалната стабилност, како и преку поддршка на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.
Од почетокот на 2024 година, војници од пет европски членки на НАТО се придружија на мисијата КФОР. Покрај Белгија, Луксембург и Холандија, тоа го сторија и Франција и Португалија во јануари и септември 2024 година.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави синоќа дека во почетокот на мај ќе биде во САД дека ќе се сретне со „сите најистакнати“ членови на владејачката Републиканска партија и верува оти ќе има можност да разговара два или три пати со претседателот Доналд Трамп, јави допписникот на МИА од Белград.
Во изјава за ТВ Информер тој нагаси дека добил покана да присуствува на состанокот на Републиканскиот национален комитет во почетокот на мај и дека има „конечна потврда“ за средби „со сите важни републиканци“.
„Верувам дека ќе се сретнам со сите поистакнати републиканци. Мислам дека ќе имам можност да разговарам со претседателот Трамп најмалку два или три пати за два или три дена“, рече Вучиќ.
Рим - Ковчегот на папата Франциск ќе биде запечатен за време на литургиски обред што ќе се одржи вечер во 20 часот во базиликата „Свети Петар“. Кардиналот Кевин Фарел ќе претседава со обредот на запечатување на ковчегот на покојниот папа Франциск, пред неговиот погреб утре изутрина.
На литургискиот обред ќе присуствуваат неколку кардинали и функционери на Светата Столица, објави Ватикан њуз. Тоа ќе го означи крајот на јавното изложување на телото на покојниот папа во базиликата „Свети Петар“, каде што десетици илјади луѓе му оддадоа почит.
Тел Авив - Израелската влада синоќа го изрази своето сочувство до Католичката црква и католичката заедница низ целиот свет по смртта на 88-годишниот папа Франциск, три дена откако тој почина, јави ДПА.
„Државата Израел изразува најдлабоко сочувство до Католичката црква и католичката заедница низ целиот свет по смртта на папата Франциск. Нека почива во мир“, се вели во објава од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Односите меѓу Израел и Ватикан значително се влошија по војната во Газа.
Лондон – Британскиот премиер, Кир Стармер, изјави дека Украина мора да има целосна автономија во одлучувањето за условите на мировниот договор со Русија, отфрлајќи го предлогот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за признавање на Крим како руска територија.
-Мора да биде примирје под услови што сите страни можат да ги прифатат, вклучително и Украина. Исто така, мора да биде долгорочно примирје, рече Стармер во интервју за британскиот „Телеграф“.
Премиерот истакна дека Москва мора да се согласи на безусловно примирје и процени дека може да се постигне договор до летото.
Киев – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, повикувајќи се на извештај на Врховниот командант на украинската армија, Александар Сирски, утринава изјави дека руските сили се обидуваат да ги искористат воздушните напади како параван за засилени копнени напади, но дека овие напади биле одбиени.
„Русите, всушност, се обидоа да извршат копнени напади под покритие на нивните масовни воздушни напади“, рече Зеленски на Телеграм, пренесоа британските медиуми.
Вашингтон – Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека делови од можниот договор со САД за завршување на војната во Украина сè уште треба да се „дотеруваат“, иако верува дека процесот се движи во вистинската насока.
„Сè уште има некои специфични точки - елементи - од овој договор кои треба да се дотеруваат и ние сме зафатени со токму овој процес“, изјави синоќа Лавров за американската телевизија С-Би-Ес, пренесе ДПА.
-Постојат неколку знаци дека се движиме во вистинската насока, рече Лавров, додавајќи дека Русија е „подготвена да постигне договор“.
Њујорк - Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) соопшти дека не е во можност да дистрибуира основни залихи со храна во Појасот Газа поради тековната израелска блокада на хуманитарната помош за Газа.
„Хуманитарната помош и залихите не влегле во Појасот Газа повеќе од 50 дена... кога израелските власти воведоа опсада“, се вели во соопштението објавено од агенцијата.
„Како резултат на тоа, критичните хуманитарни залихи, вклучувајќи храна, гориво, медицинска помош и вакцини за деца, брзо се исцрпуваат“, се наведува во соопштението.
Вашингтон - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера ги повика европските членки и Канада да направат „квантен скок“ во зголемувањето на нивните придонеси во алијансата.
Руте, кој во Вашингтон разговараше со највисоките американски претставници, во годишниот извештај објавен вчера напиша дека во 2024 година членките на Алијансата и Канада инвестирале 19,4 проценти повеќе во одбраната отколку претходната година, но дека тие напори мора да се забрзаат во 2025 година.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, пред неколку месеци побара членките на НАТО да издвојуваат пет проценти од својот БДП за одбраната, што ниту една од нив, вклучително и САД, во моментов не го прави.
Вашингтон - Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф ќе учествува во следната рунда нуклеарни преговори со Иран, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент, јави ДПА.
„Виткоф ќе патува на состанок во Оман“, изјави портпаролката Тами Брус.
Техничките преговори ќе ги води Мајкл Антон, директор за планирање на политиките на американскиот Стејт департмент.
По втората рунда преговори во Рим минатиот викенд, двете страни се согласија да ги продолжат разговорите. Преговорите на техничко ниво се одржаа во среда во главниот град на Оман, Мускат.
Вашингтон - Шефот на кабинетот на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ја напушта функцијата, изјави синоќа висок функционер, додека продолжуваат превирањата во одделот оптоварен со случаи со протекување информации и серија заминувања.
Тоа е најновото заминување на вработен во Пентагон, кој е во превирања откако кон крајот на март беше откриено дека министерот учествувал во безбедносен пропуст преку апликацијата „Сигнал“.
Џо Каспер, кој ќе престане да работи покрај Хегсет, сепак ќе продолжи да го советува Пентагон на поинаква основа што ќе му овозможи да работи за одделот до 130 дена во годината.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека подготвеноста на Русија да не ја освои целосно Украина претставува „многу голема отстапка“ од страна на Москва јави ДПА.
Зборувајќи на состанокот во Белата куќа со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, Трамп беше прашан од новинар какви отстапки понудила Русија за да се постигне мировен договор со Киев.
Трамп одговори: „Запирање на војната, запирање на преземањето на целата земја“.
Вашингтон - Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Пит Хегсет, наводно користел необезбедена интернет-врска во својата канцеларија во Пентагон за да ги заобиколи официјалните безбедносни протоколи и да ја користи апликацијата „Сигнал“ на персонален компјутер.
Според извештаите на Еј-Би-Си њуз, Хегсет користел таканаречена „валкана линија“ - комерцијална интернет врска што овозможува пристап до страници што се блокирани на класифицирани и некаласифицирани мрежи на Министерството за одбрана. Пентагон користи две одделни мрежи за пристап до интернет: „SiprNet“ за класифицирани информации и „NiprNet“ за јавна содржина.
Бангкок - Шест лица загинаа утрово кога мал тајландски полициски авион се урна во морето во близина на одморалиштето Хуа Хин, соопштија официјални лица.
Портпаролот на полицијата, Арчаџон Краитонг, изјави дека авионот бил на пробен лет со цел да се подготви за падобрански тренинг, јавија американските медиуми.
Иако моделот на авионот не е официјално потврден, фотографиите од местото на несреќата укажуваат дека станува збор за „Викинг DHC-6 Twin Otter“ со пропелер.
Авионот се урна во близина на аеродромот Хуа Хин, во покраината Прачуап Кири Кан, соопшти локалниот оддел за односи со јавноста.
Сана - Јеменските Хути соборија седум американски дронови „Ем Кју - 9 Рипер“ во изминатите шест недели, јавија агенциите, повикувајќи се на неименувани претставници на американската одбрана.
Само во изминатите седум дена се соборени три дрона, што според официјалните лица укажува дека Хутите ја подобруваат својата способност за откривање и таргетирање на леталата.
Дроновите, чија вкупна вредност надминува 200 милиони долари, биле вклучени во напад или извидување кога биле погодени.