МИА Општински пул
- 17 декември 2025
17 декември 2025
Кочани - Амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортис, денеска ја посети Општина Кочани и оствари средба со градоначалникот Владко Грозданов.
- На средбата беше разговарано за актуелната состојба во Кочани, предизвиците со кои се соочува градоначалникот по преземањето на функцијата, како и за состојбата во заедницата девет месеци по трагедијата во „Пулс“, се наведува во соопштението од Општината.
Градоначалникот Грозданов изразил благодарност за солидарноста и поддршката што Кралството Шпанија ја покажа во најтешките моменти, особено за згрижувањето и лекувањето на седум повредени лица од трагедијата, кои беа третирани во меѓународно признати шпански центри за лекување изгореници.
На средбата со градоначалникот Грозданов, амбасадорот Соријано Ортис ја истакнал подготвеноста на Шпанија за натамошна поддршка на Кочани, како во реализацијата на развојни проекти така и преку унапредување на соработката со стопанскиот сектор, се додава во соопштението.
Штип – Штипјани вечер имаат можност да уживаат во Новогодишниот концерт на „Астибо Биг-бенд“. Дваесетина музичари на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе ги изведат најпознатите џез песни и композиции.
Горан Кавраков кој е еден од основачите на овој оркестар вели една година од формирањето на Здружението на музичари и џез оркастерот Астибо биг бенд во Штип ќе го има третиот концерт во Домот на култура „Ацо Шопов“ , со што ја заокржуваат оваа 2025 година.
-Почетната цел за формирањето на овој оркестар е да се подигне џез културата во нашиот град, имајки предвид дека имаме и Средно музичко училиште и Музичка академија, знаеме дека Штип со децении е извор на едни од најдобрите музичари, дел останаа се уште во државава, затоа и како град заслужуваме ова да прерасне во институција која ќе функционира редовно, со вработувања и редовни концерти за нашите сограѓани. Вклучени се професори од средното и факултетот, ученици...и поради дефицит на инструментот тромбон кај нас, на наше огромно задоволство имаме помош од другари од Скопје вработени во Националната опера и балет, вели Кавраков.
Кавадарци - Едно лице се здобило со тешки телесни повреди при сообраќајка близу Росоман, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во ОВР - Кавадарци е пријавено дека во 17:45 часот, на магистралниот пат Прилеп-Градско во близина на Росоман, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Х.С., на возраст од 32 години од село Манастирец, општина Росоман и трактор „имт“ со кавадаречки регистарски ознаки со приколка, управуван од А.Ѓ.(47) од Росоман, соопштија од СВР - Велес.
Како што појаснија, во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Х.С., а со телесни повреди се здобил А.Ѓ., констатирани во Општа болница - Кавадарци.
-Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Кавадарци. Во периодот од 19 до 20:25 часот, сообраќајот на делницата од магистралниот пат Прилеп-Градско беше во прекин и беше пренасочен по локален пат за село Манастирец, општина Росоман, додадоа од СВР - Велес.
Куманово - Општата болница Куманово го решава долгогодишнит проблем со паркирањето во кругот на установата, соопштија денеска од установата. Проектот е реализиран со поддршка на општествено одговорните компании.
Директорот на болницата, Сашо Стошевски, потенцира дека токму преку поддршката од локални компании овозможила запуштениот простор да прерасне во функционален и уреден паркинг.
-Инвестицијата на две општествено одговорни компании, дополнета со поддршка од уште три до четири помали фирми, резултираше со целосно нов паркинг со 86 обележани паркинг-места. Сообраќајот е регулиран еднонасочно, влезот е кај одделението за неврологија, а излезот од спротивната страна на болничкиот круг, со што се избегнува дополнителна гужва и се зголемува безбедноста за пациентите и вработените, изјави Стошевски.
Овој зафат, како што нагласува тој, е дел од поширока стратегија започната со неговото доаѓање на менаџерската позиција. Првиот чекор бил расчистување на хаварисаните возила, уредување на рампите и јасно раздвојување на службениот од останатиот влез, по што следела реализацијата на трајно решение за паркирањето. Иако, временските услови во моментов ограничуваат одредени надворешни интервенции, во тек се активности за уредување на зеленилото и отстранување на дрвја и гранки.
Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ. Средбата се одржа во пријателска, отворена и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани можностите за унапредување на меѓународната соработка и заедничките иницијативи насочени кон развој на локалната заедница и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Како што се наведува во соопштението од Град Скопје, разговорите ја потврдиле заемната подготвеност за продлабочување на билатералните односи и за градење одржливи партнерства на локално и меѓународно ниво.
Во фокусот на разговорите биле развојот на локалната заедница, како и можностите за унапредување на меѓународната соработка.
Двајцата соговорници размениле ставови за посветеноста на Град Скопје кон проактивен пристап во креирањето и спроведувањето иницијативи кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Дебар - Повереникот со надлежности на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски одржа работна средба со претседателите на месните заедници од целата општина, на која се разгледани тековните предизвици и заедничко планирање на буџетската програма за наредниот период.
- На средбата посебен акцент беше ставен на решавање на тековните проблеми од комуналната сфера, како што се, уличното осветлување, одржување на локалните патишта, водоснабдувањето, собирањето на отпадот и тековното одржување на јавните површини, информираа од општинската прес-служба.
Исто така, претседателите на месните заедници ги презентирале клучните инфраструктурни и развојни проекти кои се од витално значење за нивните населени места а нивните иницијативи ќе бидат основа за креирање на општинскиот Нацрт - буџет за 2026 година.
Јакупоски истакнал дека месните заедници се најважната алка меѓу граѓаните и локалната власт, и дека нивниот глас е пресуден за правилна распределба на општинските средства.
Неготино - Пожарот што вчера изгоре куќа во Неготино зафатил и две соседни, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Како што појаснија, вчера во ОВР - Неготино било пријавено дека настанал пожар во куќа на улица „Партизанска“ во градот, сопственост на Б.А., на возраст од 66 години од Неготино.
-Пожарот се проширил и зафатил две соседни куќи, сопственост на Д.П., на возраст од 68 години и Г.М., 65-годишно лице, двајцата од Неготино. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијална противпожарна единица - Неготино. Известен бил јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од ОВР - Неготино, додадоа од СВР - Велес.
Велес - Со Свечена академија во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско синоќа беше одбележан Денот на Општината и 29 години локална самоуправа, а на која беа врачени востановените признанијата - 16 Декември. Нив за 2025 година ги добија д - р Тодор Кичуков за долгогодишната работа на здравствена заштита на жителите во Градско, музичарот Стефан Аризанов кој ја пренесува македонската песна во светот, бизнисменит Афет Момировиќ кој го поддржува ФК „Слога“ и Васко Величковски кој својот ранч со коњи основан од 2011 година, од Галичник оваа година го донесе во Градско и кој го развива туризмот во општината. На свеченоста освен градначалниците од соседните општини присуствуваа и нивните пријатели од збратимената Општина Лебане од Република Србија.
На свеченоста пред голем број присутни се обрати Киро Нацков градоначалник на Општина Градско.
Градоначалникот во своето обраќање до присутните потенцира дека Градско не е само место на мапата, Градско се луѓето. Секој двор, секоја улица кои носат приказна за труд, надеж за заедништво и за љубов кон родното место.
- Тука се испишани спомените од детството, првите чекори и големите човечки одлуки.Тука се нашите радости, но и предизвици кои не’ направиле посилни и посплотени.Нашата заедничка обврска е да создадеме општина во која секој човек се чувствува важен слушнат и почитуван, нагласи Нацков.
Битола - „Визуелни елоквенции“ е ново авторско дело на Лили Бошевска, поетска книга во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“.
Станува збор за оригинален книжевно-ликовен проект во кој секоја од песните во книгата е во дијалог со дело од ликовната уметност, од истакнати ликовни уметници од Македонија и од светот.
Во книгата, покрај песните со оригинален и веќе препознатлив стил, како инспирации и илустрации избликнуваат и ликовните дела на Сергеј Андреевски, Владо Ѓорески и Никола Пијанманов, сите од Македонија, потоа Валерија Бертесина од Италија, Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, Деница Јанева од Бугарија, Снежана Кезеле од Србија и Лукаш Богдан од Полска. Со тоа, најновото дело на Бошевска се вбројува меѓу оние што во македонскиот културен простор, експлицитно го поттикнуваат дијалогот на поезијата со другите, некнижевни форми на уметнички израз, докажувајќи дека делата од различни уметности можат едно со друго да се дополнуваат, оформувајќи ја големата слика за пораките и светот на творецот.
Скопје – Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денеска имаше средба со францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер. Како што се наведува во соопштението од Општината, на средбата биле разменети мислења за унапредување на соработката и продлабочувањето на партнерските односи, со акцент на образованието, културата и промоцијата на европските вредности на локално ниво.
– Посетата има и симболично значење, имајќи предвид дека токму амбасадорот Ле Риголер, на почетокот од 2025 година, на свечена церемонија во Француската резиденција во Скопје, ѝ го додели на Стаменкоска Трајкоска високото француско одликување „Витез од редот на академските палми“. Одликувањето ѝ беше врачено додека таа беше пратеничка во Собранието на Република Македонија и претседателка на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во промоцијата на француската култура, образованието и франкофонската заедница, стои во соопштението.