• сабота, 17 јануари 2026
МИА Општински пул

16 јануари 2025

Штип – Академик Панче Наумов стана полноправен член на Европската академија на науките (European Academy of Sciences) и тоа во Одделението за хемија. Наумов за МИА вели за членство во Европската академија на науки бил номиниран од минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, професор на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД,  а неговата номинација била поддржана од научници од Франција и Финска. Тој за МИА изјави дека убавата вест му е соопштена вчера, а церемонијата за негово пристапување во Европската академија на науките ќе се оддржи оваа година во Брисел.

Наумов е роден во Штип, во моментов е универзитетски професор на Универзитетите „Њу Јорк“ и „Њу Јорк Абу Даби“. Тој веќе е член на две други Академии на науки – надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и полноправен член на Националната академија на Обединетите Арапски Емирати. Исто така е Редклиф визитинг професор на Универзитетот „Харвард“ во САД. Наумов е македонски истакнат хемичар и научник, по потекло од Штип, којшто долги години работи во странство. По завршувањето на студиите по хемија на Институтот за хемија при ПМФ, со спонзорство од јапонската Влада, Наумов се запишува на докторски студии во Токио, Јапонија, каде докторирал во 2004 година на хемија и наука за материјалите. По докторирањето работел во јапонскиот Институт за наука за материјалите, а потоа и во универзитети во Осака и Кјото. Во 2012 година преминува на Универзитетот „Њу Јорк“, каде сега работи во нивните кампуси во Њу Јорк и Абу Даби. Пред четири години, Наумов оформил и Центар за паметни материјали, чиј директор е сега. Академик Наумов има објавено преку 300 научни трудови, коишто се цитирани повеќе од 17.000 пати. Во неговата биографија и се што досега има направено стои и дека е придружен член на Американското хемиско друштво (American Chemical Society) и на Кралското хемиско друштво (The Royal Society of Chemistry).

Охрид - „Идентитетот, културата на меморија, наследството, туризмот или безбедноста во дигиталната ера“ е тематскиот наслов на годинашното издание на меѓународната научна конференција „Охрид- Водици 2026“, што во организација на Центарот за напредни истражувања наредните три дена ќе се одржува во Охрид.

На научниот собир организиран во партнерство со Филмската академија од Охрид,  Социјалната организација за поддршка на проучувањето на културното наследство на Азаербејџан и Универзитетот од Ајдин, Турција ќе бидат презентирани 70-тина трудови од 90-тина учесници од 15 држави.

Отворањето на собирот е предвидено за утре во амфитеатарот на Универезитетот „Свети Апостол Павле“, додека работните сесии ќе се одржуваат во просториите на Куќата на Робевци, Куќата на Христо Узунов и Куќата на Григор Прличев.

Годинашното издание на конференцијата е посветено на д-р Ахмет Ајтач од Измир, еминентниот универзитетски професор и уметник чии научни и уметнички дела имаат оставено силен белег во академскиот и уметничкиот свет на Балканот, Анадолија, Кавказието и Средниот Исток... 

Куманово - По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, на положувањето на крстот да учествуваат само здрави индивидуи, советуваат лекарите од Ургентниот центар Куманово.  Според нивните препораки, во студентите води треба да влегуваат исклучиво лица кои се целосно здрави, без хронични заболувања и кои не користат редовна терапија.

Од Ургентниот центар предупредуваат дека наглата изложеност на ниски температури претставува сериозен ризик за лицата со срцеви, белодробни заболувања, дијабетес, висок крвен притисок, како и за оние кои земаат постојана терапија.

-Апелираме по крстот да скокаат само млади и здрави луѓе, кои немаат хронични болести и кои не примаат никаква терапија. За повозрасните граѓани и хронично болните, оваа активност не се препорачува бидејќи може да предизвика сериозни здравствени компликации, изјави доктор Никола Стефановски од Ургентниот центар.

Тој додаде дека се препорачува претходна медицинска проценка и за здравите лица.

Виница - Акцијата „Чиста животна средина во Општина Виница“ продолжи неделава. Овој пат, покрај невработените лица ангажирани преку Оперативниот план 2025 година на Министерството за економија и труд, имплементиран од Агенцијата за вработување, вклучени се и вработени во локалното ЈП „Солидарност“.

Според информацијата од Општината, се работи надвор од градот, конкретно на потегот од спојот на регионалниот пат Виница-Берово со патот за Делчево преку село Бигла до манастирот „Свети Спас“ и влезот на село Драгобраште.

Во акцијата се собра 5 кубни метри комунален отпад, а покрај чистењето се вршеше и кастрење и сечење на дрвја и жбунести растенија покрај патот, за поголема прегледност и безбедност во сообраќајот на оваа патна делница, велат од локалната самоуправа на Општина Виница.

Струмица - Општина Струмица и годинава објави јавен повик за ослободување од плаќање на надоместок за престој на деца на самохрани родители во градинките „Детска радост“ и „Виножито“ во текот на целата година.

Според повикот, правото на партиципација во детските градинки се остварува за дете од семејство на самохрани родители и дете згрижено во згрижувачки семејства, а кои земаат плата пониска од просечната месечно исплатена нето-плата на ниво на Република Северна Македонија или кои, освен што влегуваат во категоријата самохрани родители или носители на згрижувачко семејство, се невработени лица што живеат на територијата на oпштина Струмица.

Самохраните родители имаат право на ослободување од плаќање надомест за престој на своите деца доколку едниот од родителите е починат, едниот родител е непознат и детето е од разведен брак, а згрижувачките семејства треба да имаат стекнато статус на згрижувачко семејство.

Повикот, заедно со пријавата, е објавен на општинската веб-страница со сите дополнителни информации и е отворен до 31 јануари.

Скопје - Општина Илинден информира дека по повод претстојниот христијански празник Богојавление – Водици, ќе се одржи традиционалната манифестација за положување на Светиот крст во водите на езерото во хотел „Белви“ во населба Илинден.

Манифестацијата е во организација на црквата Св. „Константин и Елена“ и под покровителство на Општина Илинден.

- За таа цел се повикуваат сите граѓани на 19 јануари 2026 година (понеделник), во 12:00 часот, заедно да го одбележиме овој голем христијански празник. Сите заинтересирани учесници, кои сакаат да бидат дел од фаќањето на крстот можат да се пријават во црквата Св. „Константин и Елена“ во населба Илинден. За најсреќниот учесник кој ќе го фати крстот, ќе се обезбедат пригодни награди и подароци, се наведува во соопштението.

Остани поврзан