• понеделник, 09 март 2026

МИА Општински пул

МИА Општински пул

9 март 2026

Куманово - Повеќе од 26.000 барања за легализација на бесправно изградени објекти се поднесени во Општина Куманово од донесувањето на Законот во 2011 година, а речиси шест илјади од нив сè уште не се решени. Дополнителен проблем претставува и фактот што значителен дел од предметите немаат комплетна документација, соопшти на последната прес-конференција, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Во општината поднесени се вкупно 26.256 барања за легализација, од кои 5.836 сè уште не се решени. Од нерешените предмети, дури 4.308 се некомплетни, што ја отежнува постапката.

-Законот за легализација донесен 2011 година во три наврати наназад се продолжувани роковите за завршување на таа постапка. Точно 26.256 барања се поднесени во Општина Куманово, од кои 5.836 сè уште не се решени, а 4.308 барања се некомплетни. Постапката ќе продолжи согласно последната измена на законот, која не се однесува на поднесување нови барања за легализација, туку првенствено на завршување на постапките што се веќе отпочнати- изјави Димитриевски.

Битола - Стариот музички механизам на градскиот часовник во Битола, наскоро ќе биде јавно изложен во Музичка соба што се подготвува во битолскиот Офицерски дом.

Стариот музички механизам откриен при новинарско истражување, долги години оставен во внатрешноста на битолскиот градски часовник, Општина Битола ќе го донира на Културно информативен центар (КИЦ) Битола, каде целосно ќе биде заштитен, достапен на јавноста и со соодветен информативен агол за улогата што ја имал со децении во овој град.

Како што е познато, до замената со нов современ музички механизам, стариот музички и историски вреден механизам се користеше за емитување на македонски народни песни кои одекнуваа од врвот на саат кулата, а денес со новиот механизам единствено се емитува песната на Ајри Демировски – „Битола мој роден крај“.

Скопје – Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје го објави неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, соопштувајќи дека според сите извршени анализи, водата во главниот град е безбедна и соодветна за употреба.  

Во извештајот се наведува дека Секторот за санитарна контрола во периодот од 2 до 6 март 2026 година земал 184 примероци за физичко-хемиска анализа и 184 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење, од вкупно 40 мерни места во Градот Скопје.  

Од добиените резултати од испитувањата утврдено е дека сите примероци одговараат на одредбите на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). 

Остани поврзан