• вторник, 31 март 2026
МИА Општински пул

31 март 2026 

Дебар - Кафеава мечка видена е на паркинг-простор во Ростуше, каде што се гледа дека има и присуство на кучиња. Според надлежните, ова е прв ваков случај во последните месеци за разлика од претходно кога мечки беа забележани во неколку села, дури и во дворови на куќи.

- Досега нема пријава на штета предизвикана од мечки. Како и претходно, и за последниот случај ги презедовме сите законски мерки. Веќе ги имаме информирано соодветните министерства - за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина, како и за внатрешни работи - рече за МИА, Харис Ибраими, директор на Националниот парк „Маврово“.

Гевгелија - Како се открива присуство на дрога, пронаоѓање на скриен предмет во возило од страна на тренирано куче, како и презентација на скенер камион за поголеми возила, беа дел од активностите кои на својот отворен ден пред гевгеличани ги претставија вработени во Царинската управа. 

Настанот кој Царината го организира низ неколку градови со цел да се одбележи 14 април, денот на Царинската управа, ги собра минувачите и учениците од гевгелиските училишта на плоштадот во Гевгелија.

Инспекторите од Мобилна царина пред заинтересираните граѓани ги покажаа задачите кои се дел од нивната работа, како и опремата што ја користат секојдневно. Тие пред присутните објаснија како преку хемиска реакција и обојување во одредена боја се откриваат присуство на марихуана, опиум, екстази и останати опојни материи. 

Штип - Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, денеска беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)– Штип, каде одржа предавање на Правниот факултет.

-Посетата започна со средба со ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, на која се разговараше за нови можности за соработка меѓу УГД и јапонските институции, соопштија од УГД-Штип.

Деканката на Правниот факултет при УГД-Штип проф. д-р Билјана Тодорова истакна дека ваквите настани се од големо значење.

Неготино - Поднесена била кривична пријава против велешанец поради сомнение дека со измама зел 4.000 евра од неготинец.

- ОВР - Неготино, до Основното јавно обвинителство - Кавадарци, поднесе кривична пријава против А.С., 67-годишник од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 19 февруари во Неготино, пријавениот од 76-годишен неготинец побарал 4.000 евра за да му ги покаже на друго лице, со цел да докаже дека еврото е валидна валута во земјава, по што не му ги вратил парите. Набргу, по преземени мерки пријавениот е пронајден и лишен од слобода, по што во службен разговор во полициска станица, тој го признал делото, а било извршено и препознавање од оштетениот, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес. 

Штип – Штипското комунално претпријатие  „Исар“ најави кривични пријави против групата на вандали кои искршија дел од жардињерите со цвеќе покрај реката Отиња.  Саксиите и зеленилото долж шеталиштето повторно беа мета на уништување, откако синоќа група млади лица кршеле жардињерии и расфрлале цвеќиња, оставајќи зад себе хаос што предизвика револт кај граѓаните.

Од ЈП „Исар“-Штип денеска информираат дека ќе поднесат кривична пријава против сторителите за кои веќе имаат обезбедено докази, а меѓу кои и видео снимки. Посочуваат дека не станува збор за изолиран случај, туку за повторувачки проблем, при што за дел од претходните инциденти веќе се водат постапки. 

Куманово - Проектот за изградба на нова административно-деловна општинска зграда во Куманово започнат пред повеќе од една деценија, сè уште не е реализиран, соопшти секретарот на општината, Емилија Сларидис Јаневска. Советниците на последната седница изгласаа деталниот урбанистички план за дел од урбаната единица „Благој Стевковски Гојчо“ урбан Блок 43 В и 43 Г-Куманово да бидат предмет на давање на долготраен закуп по пат на непосредна спогодба за објекти од јавен интерес. Парцелата е со површина од над 3.000 метри квадратни и е сместена во строго централно градско подрачје.

Кочани - ОВР Кочани во соработка со Општина Чешиново-Облешево денеска ја реализираше превентивната активност „Не биди нем сведок- пријави насилство“ со цел да се зголеми свеста и информираноста кај жителите за последиците кај оние кои трпат насилство, насилно се однесуваат или пак присуствуваат на настаните во кои има насилство, како и да се потикнат да пријават секаков вид на насилство.

Во непосредна комуникација, на жителите им беше потенцирано и за врсничкото насилство за рано препознавање на знаците и промовирање на емпатија - учење на толеранција и меѓусебно почитување.

Насилството е комплексен процес кој може успешно да се реши во соработка со институциите вклучувајќи го училиштето, полицијата и центарот за социјални флаери, се наведува во соопштението на Општина Чешиново - Облешево.

Крива Паланка - Традиционалната манифестација „Првоаприлска шега" што Општина Крива Паланка ја организира по повод денот на шегата,1 април, ќе биде одложена поради најавени неповолни временски услови, информира службата за комуникација со јавноста на општината, посочувајќи дека одлагањето е направено во интерес на здравјето и безбедноста на најмладите учесници.

-Културно-забавната манифестација „Првоаприлска шега“ ќе се одржи на 7 април 2026 година, вторник, со истата програма и предвидени активности. Дефилето под маски ќе започне во 11 часот од просторот кај автобуската станица, ќе се движи по главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ сѐ до градскиот плоштад, каде од 12 часот ќе продолжи главната програма, на која е предвидено ревијално претставување на маските, избор на најуспешни групни маски и креации, како и културно-забавна содржина. Присутните ќе имаат можност да уживаат во музички настап и забава со Ди-џеј Боно, стои во соопштението.

Битола - Како Општина сериозно и темелно ги решаваме проблемите во градот, истакна градоначалникот Тони Коњановски на денешната редовна седница на Советот на Општина Битола.

Тој пред членовите на општинскиот Совет најави нови решенија по примерот на западноевропските центри за поставување на урбана опрема во централното градско подрачје.

-Урбаната опрема пред кафе баровите ќе ја има и понатаму, но сега ќе бида како во западноевропските градови. Решенија нудиме и за другите јавни простори и во согласност со правила за старото градско јадро кои произлегуваат од надлежностите на Управата за заштита на културно наследство, ингеренциите на Музејот и одлуките кои ги носи Советот. Со новата програма за урбана опрема се опфаќа просторот пред угостителските објекти, но и урбана опрема која вклучува билборди и киосци во централното градско подрачје, клупи, канделабри, детски паркови со реквизити и други елементи, рече меѓудругото Коњановски.

Остани поврзан