МИА Општински пул
- 11 март 2026
11 март 2026
Скопје - Денес со тешко срце се сеќаваме на нашите 7.144 сограѓани македонски Евреи, кои на овој ден беа насилно одземени од своите домови, од своите семејства и од своето Скопје, испратени кон сигурна смрт во логорот Треблинка, напиша во објава на Фејбук градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Ова, како што поочува скопкиот градоначалник, е болка што сè уште живее во сеќавањето на нашиот град.
-Тие беа наши соседи, пријатели, еснафи - луѓе што со својата работа, култура и дух го градеа животот на Скопје. Еден ден исчезнаа, а зад нив остана тишина што трае со децении, нагласува тој.
Трагедијата на Холокаустот, како што вели Ѓорѓиевски, е вечна опомена за човештвото и доказ колку ниско може да падне човекот кога омразата ќе стане идеологија, а злото политика.
Скопје - Општина Аеродром започна со целосна реконструкција на пешачките површини кај ТЦ „Три бисери“, простор што секојдневно го користат голем број наши сограѓани. Со овој проект, како што велат, ќе се уредат околу 4.000 квадратни метри јавен простор, на потегот покрај бул. „Јане Сандански“ – од зграда број 7 до зграда број 11.
-При тоа, старите и дотраени павер-елементи се заменуваат со нови и современи, со што овој фреквентен дел од Аеродром ќе добие модерен и уреден изглед. По неколку децении, конечно се создаваат услови за поголема безбедност и поквалитетен јавен простор за жителите, но и за сите посетители на трговскиот центар, посочуваат од Општина Аеродром.
Инвестицијата во вредност од 17,2 милиони денари, прецизираат, се реализира со поддршка од Владата и претставува уште еден чекор кон системско подобрување на инфраструктурата и урбаниот изглед на нашата општина.
Тетово - Повозрасна жена го загуби животот во пожар што утрово околу 08:30 часот избувна во семејна куќа во тетовската населба Вонвардарска. Според информациите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, во моментот на несреќата жената била сама во домот, додека нејзиниот сопруг бил излезен. Во интервенцијата пожарот е локализиран, по што е забележано дека во внатрешноста има едно починато лице.
-Имаме една жртва за жал внатре во куќата. Пожарникарите отишле таму со три камиони и со осум пожарникари интервениравме. Човекот што бил со неа, бил надвор од куќата, немало некој друг што може да го забележи тоа. Комшиите што живеат околу нив, забележиле дека има чад и викнале противпожарна единица, информираше Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Демир Капија - Повторно е во функција системот за осветлување на железничката во Демир Капија, информираше денеска градоначалничката Наталија Димитриева.
- Општина Демир Капија, во соработка со ЈП Железници, реализираше активности за повторно ставање во функција на системот за осветлување на просторот на железничката станица во Демир Капија. Со спроведените активности обезбедено е повторно функционирање на осветлувањето на просторот околу железничката станица, што се наоѓа во централното градско подрачје. Со тоа се подобрува безбедноста, прегледноста и условите за движење на граѓаните и патниците кои ја користат железничката инфраструктура, појасни таа.
Притоа подвлече дека Општина Демир Капија и во иднина ќе продолжи со активности насочени кон подобрување на јавната инфраструктура и унапредување на условите за живот на граѓаните.
Скопје - Општина Кисела Вода, преку Секторот за месна самоуправа, ги започна теренските активности за средување на нараснатата трева низ сите урбани и месни заедници, информираат од локалната самоуправа.
Во оваа акција, која ќе се одвива секојдневно во текот на целата сезона, како што велат, ангажиран е тим од 20 обучени сезонски работници.
-Денеска екипите работат во 11 Октомври - Згради, населба Кисела Вода и населба Драчево, а веднаш потоа продолжуваат по утврден ред и во сите останати делови на општината. Оваа активност е дел од тековните планови за уредување на јавните простори низ целата територија на Кисела Вода, посочуваат од општинската власт.
Скопје - Завршени се градежните работи за асфалтирање на улици во делот до и околу црквата „Св. Архангел“ во Ново Село во Општина Ѓорче Петров, со што се подобрува локалната инфраструктура и пристапот за жителите во оваа населба.
Во рамки на проектот, асфалтирани се седум краци со вкупна должина од околу два километри нов асфалт. Со реализацијата на овој зафат, првпат се уредува поголем дел од овој простор, кој претходно беше со неуредена и каллива подлога, соопшти Опптина Ѓорче Петров.
Со новата инфраструктура се овозможува подобар пристап до домовите на жителите, побезбедно движење за сите учесници во сообраќајот, како и поквалитетни услови за живот во овој дел од населбата.
Дебар - Жител на населбата Ченто од Скопје, иако имал забрана за управување, сепак стигнал до Дебар управувајќи товарно возило.
-Вчера во 12:30 часот на улицата „Јусуф Грвала“ (поранешна Вељко Влаховиќ) во Дебар, полициски службеници од одделението за внатрешни работи го лишија од слобода А.А.(22) од скопската населба Ченто, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид.
Според него, при сообраќајна контрола, било сопрено товарно возило „мерцедес спринтер“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал и покрај тоа што му била изречена забрана за управување моторно возило од Б категорија.
Скопје - Македонската академија на науките и уметностите претставува една од најзначајните институции во нашата држава, храм на знаењето, науката и уметноста, но и чувар на интелектуалниот, културниот и научниот идентитет на Република Македонија. Низ децении постоење, МАНУ игра клучна улога во развојот на научната мисла, во заштитата на националното културно наследство и во создавањето визии за иднината на државата, објави на Фејсбук градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска на покана на претседателот на МАНУ д-р Живко Попов присуствувал на редовното годишно собрание.
Градоначалникот на Скопје потенцира дека академската заедница претставува еден од најсилните столбови врз кои мора да се потпираме кога носиме сериозни и одговорни одлуки.
Охрид – Секторот за внатрешни работи од Охрид информира за зачестени доставени пријави од граѓани за добиени СМС-пораки со известувања за евиндентирани сообраќајни прекршоци.
Според полицијата, граѓани добивале пораки на нивните мобилни телефони, наводно испратени од Одделението за моторни возила при МВР со известување за безбеден град дека нивното патничко моторно возило било евидентирано за сообраќаен прекршок.
Притоа, на лицата им биле давани насоки на која електронска адреса можело да се видат деталите за наводниот прекршок, со повик да ја платат казната во рок од осум дена за истата да биде намалена за 50 проценти.
Охрид – „Има помош, за живот без насилство“ е новата проектна активност што СВР - Охрид отпочна да ја реализира на подрачјето под своја ингеренција.
Станува збор за проект од превентивно-едукативен карактер, а се спроведува со понагласени и интензивни контакти на полициските службеници од отсекот за превенција со граѓаните.
Целта е нивно поблиско информирање за појавните почетни форми и манифестации на семејно и родово базирано насилство, механизми за рано пријавување и интервенирање за заштита на ранливите категории, подигање на јавната свест за превенција и заштита од родово базирано насилство и семејно насилство како и јакнење на довербата во полицијата како една од институциите за собирање информации за родово базирано насилство и постапување за ефективна заштита на жртвите.
Штип – Такси услугите во Штип нема да се зголемат и покрај воениот конфликт на Блискиот Исток. Претседателот на Здружение на такси компании „Такси 2003“-Штип, Глигор Арсов денеска образложи дека последните промени на цените на такси услугите се направени пред два месеци и се изгласани од страна на советниците на советот на Општина Штип. Посочува дека ги следат случувањата и доколку има потреба да се реагира тоа треба да биде во согласност со одлуките, кои се носат на седници на советот на Општина Штип.
- Околу Нова година се качи цената на такси услугата во Штип, цената е солидна, содејствува со моменталните услови. Гледаме дека на берзите цената на нафтата падна. Така да ќе чекаме некој период, за да видиме што понатаму, изјави Арсов.
Тој истакна дека во моментот такси компаниите размислуваат за набавка на нови електрични возила, со што такси превозот не би бил зависен од ситуацијата со нафтата. Арсов вели помош треба да има и од државата, бидејќи тоа ќе значи и зачувување на почиста животна средина.
Велес - Во СВР Велес вчера во 10:30 часот било пријавено дека во домот во Велес бил пронајден починат 64 годишниот Д.И. од Велес.
-Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес, информираат денеска од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Куманово - Граѓаните и посетителите можат да се поврзат на бесплатна WI-FI мрежа на градскиот плоштад во Куманово, информираа денеска од општината.
-Wi – Fi мрежата е поставена во рамките на иницијативата WiFi4WB, финансирана од Европската унија и Владата на Сојузна Република Германија, а се спроведува од германската агенција за меѓународна соработка (GIZ), како дел од проектот EU4Digital, наведуваат од општината.
Со овој проект Куманово добива сеопфатен пакет што опфаќа опрема, инсталација, поврзување и одржување на Wi-Fi мрежа, обезбедувајќи и непосреден ефект и долгорочна одржливост. Целта на иницијативата е да се овозможи бесплатен јавен интернет низ државата и Западен Балкан. Куманово е една од општините кои ќе добијат WiFi4WB мрежа по примерот на EU програмата WiFi4EU, која обезбеди бесплатен јавен интернет на 7000 локации низ државите-членки на Европската Унија.
Дебар - Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше Онер Јакупоски и турскиот амбасадор во нашата земја Фатих Улусој, на средбата во Ростуше, седиште на општината, разговарале за унапредување на соработката во повеќе области.
-На средбата, која помина во пријателска атмосфера, беше потврдено традиционалното пријателство помеѓу двете страни, но и изразена силна подготвеност за подигнување на соработката на повисоко ниво, информираше Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за односи со јавноста во општината.
Според него, главниот фокус на разговорите бил ставен на неколку клучни столбови за развој на овој регионот.
- Во секторот туризам стана збор за промоција на природните убавини на Маврово и Ростуше и привлекување на турски туристи и инвеститори. Во однос на образованието беше нагласена поддршка за образовните установи и можности за нови размени и проекти, рече Ибраими.
Скопје - Во врска со изнесените обвинувања од страна на политичката партија Левица, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека станува збор за, како што вели, уште една манипулација со факти и обид за креирање политички наратив кој не соодветствува со реалната состојба.
-Тендерската постапка за која Левица пласира обвинувања во јавноста е потпишана во периодот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Станува збор за постапка која е наследена од претходната администрација и претставува дел од континуирани развојни процеси во институциите на Град Скопје, вели градончалникот.
Граодначалникот на Град Скопје потсетува дека токму во периодот на администрацијата на Арсовска, претставници и блиски кадри на Левица имале изразена блискост со управувачките структури во градските институции. Во тој период, вели, нивни претставници учествувале во управни одбори, добивале работни позиции, како и договори на дело во институциите под надлежност на Град Скопје.
-Дополнително, јавноста треба да знае дека институциите на Град Скопје беа оставени во исклучително тешка финансиска состојба, со обврски и финансиска дупка проценета на околу 300 милиони евра, што е резултат на недомаќинско и неодговорно управување во претходниот период. Оттука, Градоначалникот порача дека пред да се делат лекции за транспарентност и отчетност, неопходно е политичките актери да се соочат со сопствената улога и одговорност во процесите од минатото, вели Ѓорѓиевски.