МИА Општински пул
- 15 декември 2025
15 декември 2025
Делчево - Општина Делчево распиша јавен повик за доделување награди и признанија за избор на млад надежен спортист, спортист на годината, тренер на годината и спортска екипа на годината за 2025 година.
Како што информираат од локалната самоуправа, повикот се распишува врз основа на Програмата за спорт на Општина Делчево, а наградите ќе се доделуваат за постигнати резултати во индивидуален и екипен спорт. Право на предлагање кандидати имаат спортските клубови со седиште во Делчево, нивните членови, како и физички и правни лица.
Изборот ќе се врши во четири категории: млад надежен спортист/ка, спортист/ка на годината, тренер на годината и спортска екипа на годината. Наградите за млад надежен спортист, спортист и тренер можат да бидат доделени и на спортисти кои настапуваат надвор од територијата на Општина Делчево.
Наградите се доделуваат во форма на парични средства и плакета. Висината на паричните награди изнесува 10.000 денари за најдобар млад надежен спортист, 15.000 денари за најдобар спортист и тренер, како и 20.000 денари за најдобра спортска екипа.
Неготино - Градоначалничката Марија Нацева на „Фејсбук“ објави дека мигранти од Велика Британија нема да има ни во Неготино, ни на територија на државата.
-Ви се обраќам како градоначалничка на Неготино со цел да Ве информирам и уште еднаш потврдам дека одбиени мигранти од Велика Британија како резултат на договор помеѓу двете земји, на територијата на општина Неготино, нема да има. Дотолку повеќе, вакви мигранти нема да има ни на територијата на Република Македонија, нешто што беше потврдено и од премиерот на државата. Општина Неготино останува безбедна и мирна општина за живеење, пишува во објавата на социјалната мрежа.
Таа додава дека ги замолува сите да не бидат жртва на шпекулации и дезинформации.
Скопје - По повод претстојните новогодишни и божиќни празници, Општина Илинден и оваа година, во соработка со општествено одговорни компании, ќе го организира традиционалниот Новогодишен базар, кој ќе се одржи на новоизградениот парк – плоштад во населеното место Марино.
-Во таа насока, денеска во кабинетот на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, се одржа средба со македонскиот рапер и продуцент Тони Петковски, познат како Тони Зен и младиот музички артист Христијан Настески, познат како Пајак. На средбата беа разгледани можностите за тековна и идна соработка, како и нивното учество во музичката програма која ќе биде дел од новогодишните случувања, соопшти Општина Илинден.
Крива Паланка - Незаборавни концерти, програма за радосни детски авантури, спектакуларни настапи на бројни изведувачи од земјата и регионот во празнична атмосфера за сите генерации најави Општина Крива Паланка во рамки на програмата на годинашното издание на „Новогодишен базар“.
Отворањето е на 27 декември, со концерт на Мирза Селимовиќ, а до крајот на програмата и годината, следува богата и разновидна дневна и вечерна културно-забавна програма за сите генерации.
-„Новогодишниот базар 2025“ ќе биде епицентар на празничните случувања од 27 до 31 декември, на градскиот плоштад во Крива Паланка. Во топлиот претпразничен амбиент под илјадници светилки Крива Паланка и оваа година ве поканува да бидете дел од најмагичната новогодишна приказна со незаборавни концерти, детски авантури, спектакуларни настапи и празнична атмосфера за сите генерации, велат од службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Велес - Четириесет и едно годишен велешанец бил приведен од страна на полициски службеници од СВР Велес, по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 58 годишна мајка, по што и се заканувал со остар предмет.
Како што соопштија денеска од СВР Велес, тој бил задржан во полициска станица, а предметот бил пронајден и одземен.
Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Битола - Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска во Битола промовира нови Амбасадори на читањето.
Станува збор за ученици, промотори на книгата кои во иднина ќе бидат инспирација за своите врсници.
-Книгата повторно станува центар на детското внимание, а младите нејзин најгласен промотор. Новата иницијатива на битолската библиотека „Амбасадори на читањето – читај и препорачај“ има за цел да ја поттикне љубовта кон читањето, да создаде ученички глас во библиотеката и да ја зајакне соработката меѓу училиштата и библиотеката, истакна м-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола и додаде дека денес се слави креативноста и успехот на младите.
Во амбасадори на читањето промовирани се ученици од основните училишта „Кирил и Методиј“, „Стив Наумов“, „Тодор Ангелески“, „Трифун Пановски“ и „Даме Груев“, како и од средните училишта „Ѓорги Наумов“ и гимназија „Јосип Броз Тито“.
НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола денеска додели и награди за ученици кои учествуваа во проектот „Читањето ме прави херој“.
Куманово - Денеска во Куманово се одржа работилница за проценка на ризик од поплави, информираа од општината. На работилницата стручни лица и експерти ги презентираа наодите од проценката на ризик од поплави и можности за намалување на ризикот, како и одржливо урбано планирање, климатска адаптација, заштита на заедницата.
Присутните проследија анализа и моделирање на поплави, карти на опасност и ризик, предлог-мерки и критериуми за избор на мерки. Работилницата се спроведе како потреба за надминување на еколошкиот и инфраструктурниот предизвик и потребата од одржливо урбано планирање во организација на ГИЗ.
Главна цел на работилницата е да се презентираат наодите од проценка на ризикот од поплави во Куманово, со посебен фокус на опасности од речни поплави и влијанието во подрачјето на интерес.
Куманово - Куманово годинава ќе има новогодишно – божиќен базар, во организација на Занаетчиската комора, Општината и Секторот за локален економски развој. Поставувањето на куќичките почна денеска.
Претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији, информираше дека подготовките започнале со обезбедување на сите административни предуслови за организирање на настанот, имајќи предвид дека на градскиот плоштад подолго време немало слични манифестации. Со одлука на Управниот одбор, Комората обезбеди 13 дрвени штандови куќички наменети за локални занаетчии и креативци.
-Има голем интерес, а јавниот оглас веќе е затворен. Очекуваме разноликост во понудата, од рачни изработки и дела на ликовни уметници, до крофни, вино, греани чаеви и други производи кои ќе го надополнат празничниот амбиент, изјави Фазлији.
Штип – Tретиот претседател на Македонската aкадемија на науки и уметности (МАНУ), aкадемик Јордан Поп Јорданов е носител на орденот Свети Никола, кој се доделува традиционално од страна на градоначалникот на Општина Штип. Орденот ќе биде врачен постхумно на неговото семејство на 18 декември на Свечената академија во Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип.
Академик Поп Јорданов е македонски и светски познат јадрен физичар. Завршил гимназија во Штип, дипломирал филозофија во Скопје и електротехника во Белград, а докторирал на Oтсекот за техничка физика во Белград. Автор е на универзитетски учебници во државата и странство, објавил и околу 300 научни трудови. Има добиено голем број награди во областа во којашто истражувал, а бил член и на неколку академии. Во 2007 година има добиено и Орден за заслуги за Македонија.
Од Општина Штип најавија дека покрај орденот „Свети Никола“ ќе се доделат и четири признанија „Свети Никола“ по повод 19 декември, партон празникот на градот Штип.
Скопје - Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со израелската амбасадорка во земјава, Вивиан Аисен, како и со почесниот конзул на Израел во Македонија, Градимир Шумковски.
-Денеска остварив исклучително конструктивна и пријателска средба со амбасадорката на Државата Израел, Н.Е. Вивиан Аисен, како и со почесниот конзул на Израел во Македонија, г. Градимир Шумковски. Во рамки на разговорот ја претставив визијата за развој на Скопје, заснована на одржливи политики, јасна стратешка рамка и силна посветеност кон модернизација на јавните услуги и унапредување на урбаното уредување, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
На средбата, како што информира, ја нагласил важноста од размена на добри практики со Израел, земја препознатлива по напредните технолошки решенија и успешните модели на урбана трансформација.