МИА Општински пул
- 12 декември 2025
12 декември 2025
Скопје - Во пресрет на новогодишните и божикните празници, Град Скопје ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“ со цел да ги поттикне граѓаните да ги украсат своите домови и да придонесат кон создавање празнична атмосфера низ главниот град.
Како што информираат градските власти, сите заинтересирани граѓани кои сакаат да учествуваат и да се натпреваруваат за најкреативно и највпечатливо новогодишно украсување може да се пријават на телефонскиот број: 3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот, до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените домови или дворови, заедно со податоците за сопственикот, контакт-телефон и адреса, може да се испраќаат и на e-адресата: kabinet.nastani@skopje.gov.mk или по пошта, на адреса: бул. „Илинден“ бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Скопје - Корисниците од улиците „Урош Џудовиќ“, „Осло“, „Будимпештанска“ и „Љубица Георгиева“ во Општина Карпош денеска ќе бидат без електрична енергија, соопшти РЦУК-Скопје по известување од ЕВН Македонија АД.
Како што е најавено, електрична енергија ќе немаат во периодот од 9 до 12 часот.
Скопје - Дел од корисниците на улиците „Натанаил Кучевишки“, „Краишка“ и „Хо Ши Мин“ во општина Бутел денеска од 10:30 часот ќе бидат без вода.
Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, прекинот на водоснабдувањето е поради замена на вентил на улица „Натанаил Кучевишки“ бб, градинката „11 Октомври“, и ќе трае до завршување на работните активности.
Делчево – Во Спомен-домот „АСНОМ“ синоќа се одржа традиционалниот Новогодишен концерт во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“. На концертот настапија фолклорната група при установата и Женската пејачка група „Ѓурѓа“.
Директорот на НУЦК „Никола Ј. Вапцаров“, Златко Начовски, изјави дека концертот е дел од традицијата која установата ја одржува со години.
-Се надевам дека публиката уживаше во програмата што ја подготвија нашите учесници, од најмладите до најискусните членови. Особено ми е драго што пејачката група ,,Ѓурѓа" се претстави одлично и го потврди својот квалитет. Со овој концерт официјално ја отвораме и новогодишната програма на Општина Делчево, изјави Начовски, најавувајќи содржини за претстојните празнични настани.
Скопје - Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ денеска со почеток во 18 часот ќе биде промовирана монографијата „Професорот Петре Т. Георгиевски: Социологијата како професија и како вокација“, издание на „Матица македонска“ посветено на 85 години живот и 60 години научно-истражувачка работа на професорот.
Професорот Георгиевски се смета за еден од пионерите на македонската социологија, а монографијата го претставува неговиот придонес во развојот на науката и академската заедница.
Изданието содржи анализа на значајни трудови на Георгиевски, искази од колеги од Балканот и Европа, како и бројни прилози.
Скопје - Во Мала станица денеска во 12:30 часот ќе биде отворена изложбата „Патувања“, составена од колажи изработени низ креативни работилници организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Изложбата, која ќе биде поставена во наредните десетина дена, претставува инклузивен проект во кој учествуваа ученици од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ и ДСУРЦ „Партенија Зографски“, под менторство на студенти од Факултетот за ликовни уметности – Скопје и Универзитетот Фонтис од Холандија. Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Охрид - Во Охрид денеска ќе биде отворена Конференцијата на Советот на министри за култура од ЈИЕ посветена на јакнење на културата во функција на одржливиот развој.
На отворањето на конференцијата најавено е воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, како и министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата се очекува да биде усвоена Охридска декларација „Одржливи културни модели за иднината“.