МИА Радио флеш
- 25 април 2025

25 април 2025
Скопје - Мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот – вработен во едно од обвинетите правни лица и мерки на претпазливост за две лица - едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино и за актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, определи Судот, постапувајќи по предлог на Обвинителството во продолжената акција за предметот „Адитив“.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против три лица, поврзани со продолжување на акцијата, од обвинителството означена како „Адитив“, по нивно произнесување во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител.
Скопје - Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри обвинението на Основното јавно обвинителство против осомничениот Васил Јованов за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ поврзан со сообраќајката од јануари годинава што се случи на Булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова, соопштуваат од Основен Кривичен суд Скопје.
-Ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт, ГО ОДОБРИ обвинението на Основното јавно обвинителство со КО бр. 271/25 од 27.03.2025 година против осомничениот В.Ј. за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 в.в. со чл. 297 ст.1 од КЗ, поврзан со сообраќајката од јануари 2025 – та година на булеварот Партизански одреди во Скопје во која животот го загуби 22 – годишната Ф.К, стои во соопштението од Кривичен.
Скопје - На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) во текот на денот е пристигната биолошката терапија по новата јавна набавка, потврдуваат за МИА од оваа јавна здравствена установа.
- Пациентите благовремено ќе бидат известени од страна на персоналот на УК за радиотерапија и онкологија за кога да дојдат за апликација на терапијата и/или за подигање на таблетарната терапија, појаснуваат од клиниката.
Скопје - Силна и независна централна банка е клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност, било истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата, како што соопшти Народната банка, присуствувала и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.
-Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка, било посочено на средбата.
Рим - Повеќе од 128.000 луѓе од завчера наутро до денеска до 8 часот поминаа покрај ковчегот со телото на поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск, во базиликата „Свети Петар“ во Рим, за да се збогуваат со него, соопшти Ватикан.
Од завчера во 11 часот до денеска во 8 часот, „повеќе од 128.000 луѓе дојдоа во базиликата „Свети Петар“ за да му оддадат последна почит на папата, чиј отворен ковчег е изложен пред главниот олтар на базиликата, се наведува во соопштението.
Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Унгарија не може да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи, како што рече, „достигнувањата што се постигнати досега мора да бидат заштитени“.
Во интервју за јавното радио, Орбан објасни дека проширувањето на ЕУ во минатото било корисно за постојните членки, како што е Унгарија, но дека приемот на Украина во блокот би бил штетен за Унгарија, објави МТИ.
Павлоград - Три лица загинаа, меѓу кои и едно дете, а осум беа ранети во рускиот напад врз украинскиот град Павлоград во вторникот, објави регионалниот гувернер на регионот Дњепропетровск, Сергеј Лисак.
„Агресорот повторно изврши масовен напад врз регионот со беспилотни летала“, напиша Лисак на Телеграм, додавајќи дека 11 беспилотни летала се уништени во областа.
Киев - Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави за Би-Би-Си дека Украина може да биде принудена да се откаже од делови од својата територија како дел од мировниот договор со Русија, поради, како што е наведено, зголемениот притисок од американскиот претседател, Доналд Трамп, да се прифатат територијални отстапки.
-Едно од сценаријата е... да се откаже од територијата. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено, рече Кличко.
Бразилија - Судија од Врховниот суд на Бразил го осуди поранешниот претседател на земјата, Фернандо Алфонсо Колор ди Мело (1990-1992), на осум години и десет месеци затвор по обвинение за корупција, објави шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Судијата Александар де Мораес ја отфрли последната жалба на поранешниот претседател и нареди веднаш да се започне со издржување на казната изречена во мај 2023 година, соопшти Врховниот суд.
Нејпидо - Војската на Мјанмар ја продолжи својата воена кампања, вклучувајќи воздушни и артилериски напади и покрај објавувањето на прекинот на огнот што следеше по земјотресот во март.
Според податоците на Обединетите нации и анализата на организацијата „Оружје за конфликтни локации и настани“ (ACLED), војската извршила повеќе од 200 напади од објавувањето на прекинот на огнот на 2 април, вклучувајќи 140 воздушни напади и 24 артилериски бомбардирања.
Рим - Од патроли на реката Тибар до беспилотни летала за надзор и снајперисти распоредени околу плоштадот „Свети Петар“, Рим се подготвува со поставување целосно модерен безбедносен штит за време на погребот на папата Франциск, на кој се очекува да присуствуваат повеќе од 200.000 луѓе.
Италијанското Министерство за одбрана спроведува засилени безбедносни мерки поради погребот со распоредување системи против дронови, борбени авиони „Еурофајтер“ и воен брод разурнувач покрај брегот на Фјумичино, соопштија официјални претставници.
Брисел - Фокусот на НАТО е кон исполнување на неговата основна мисија - обезбедувањето колективна одбрана на сојузниците, се наведува во Годишниот извештај на генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте за 2024 година, кој нуди преглед на главните постигнувања на Пактот во текот на минатата година во исполнувањето на врвните политички приоритети - од зајакнување на одвраќањето и одбраната, до обезбедувањето поддршка за Украина.
- Во последниве години, НАТО јасно го пренасочи својот фокус на зајакнување на својата способност да обезбеди колективна одбрана на сојузниците во еден посложен свет. Мојот приоритет како генерален секретар е да го засилам ова прилагодување, така што НАТО може да стане уште посилен, поагилен и поподготвен кредибилно да одвраќа и да се брани од сите закани за нашата безбедност, наведува Руте во извештајот.
Франкфурт - Европската централна банка (ЕЦБ) размислува да ја промени својата стратегија, врз основа на која ја спроведува својата монетарна политика, за да може побрзо и пофлексибилно да реагира на можни ценовни шокови, објави Ројтерс, повикувајќи се на публикација на Блумберг.
Управниот совет на ЕЦБ ќе разговара детално за можна промена во својата стратегија за прв пат за време на неформален состанок што ќе се одржи на 6 и 7 мај во португалскиот град Порто. Блумберг се повикува на анонимни претставници запознаени со подготовките за состанокот.
Москва - Специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, денеска пристигна во Москва, каде се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, објавиja странските агенции.
Како што е наведено, Виткоф се појавува како клучен соговорник на Вашингтон со Путин, додека американскиот претседател Доналд Трамп се залага за договор за прекин на војната во Украина. Пратеникот веќе одржа три долги лични средби со лидерот на Кремљ.
Пекинг - Претставници на Кина, Русија и Иран денес се сретнаа со претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за да разговараат за нуклеарната програма на Иран, јави Ксинхуа.
Средбата на трите земји со претставниците на МААЕ и генералниот директор на агенцијата следеше откако шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, претходно неделава го посети Пекинг.