МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

25 април 2025
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе присуствува на погребната миса посветена на Неговата светост папата Франциск, којашто ќе се одржи пред базиликата Свети Петар во Ватикан.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, со мисата ќе претседава Неговото Високопреосвештенство кардинал Џовани Батиста Ре, декан на Колеџот на кардиналите.
На последното испраќање на папата на плоштадот Свети Петар најавено е присуство на бројни светски лидери - претседатели и премиери, членови на кралски семејства, верски водачи и на околу 200.000 верници.
Папата Франциск на негова желба ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.
Скопје - Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска во просториите на Владата оствари работна средба со Анџела Агелер, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Средбата беше оддржана во исклучително конструктивна, работна и пријателска атмосфера, при што фокусот беше ставен на понатамошното продлабочување на партнерските односи помеѓу двете држави, влади и нивните граѓани, информираат од Министерството.
На средбата било потенцирано значењето на стратешкото партнерство кое Република Северна Македонија го има со САД на билатерално и мултилатерално ниво, особено континуирата поддршка која САД ја дава на остварување на стратешките приоритети на Северна Македонија.
Скопје - Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“ не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Димитровска, вчера беше изведена пред Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, кој одлучувајќи по предлогот на Обвинителство, и определи мерки за претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности.
Скопје - Последната посета на Обединетите Арапски Емирати го донесе првиот конкретен резултат. На наше барање, тие ги укинуваат визите кои беа потребни за патување кон оваа земја, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Наскоро, како што најави Мицкоски, со конкретната примена на одлуката за без визното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување, зајакнување на меѓусебното партнерство.
-Се бориме на секој можен начин да се помогне на нашите граѓани, и со секој ден да се носат промени за заедничката иднина, напиша премиерот Мицкоски.
Скопје - Ние зацртавме цел да станеме 28 држава во ЕУ до крајот на 2028 година. Некој би рекол тоа е амбициозно, но јас би кажал ние им праќаме силна порака на Брисел и на нашите граѓани дека сме подготвени за ова. Општеството на Црна Гора беше единствено околу националниот интерес и така стигнавме до целта, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Тимчо Муцунски.
-Не можеме да зборуваме за сигурноста и просперитетот на целиот Западен Балкан, без европската и евроатлантската перспектива на регионот. Секој успех на која било држава секој чекор, секое отворено поглавје, секој отворен кластер, е уште еден чекор поблиску до Брисел и до европската приказна. Од друга страна Црна Гора засега има епитет на предводник, но ние сметаме дека нашиот успех е и успех на Северна Македонија, и на Србија и на сите други држави од Западен Балкан, рече тој.
Скопје – Новиот закон за енергетика кој го помина првото читање во Собранието е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
-Не добивме забелешки за новиот закон за енергетика, но ќе има многу придобивки од законот кој требаше да биде донесен кон крајот на 2023 година. Напорно работевме и го направивме овој закон кој има 317 члена. Со него ќе се формираат енергетски заедници преку кои граѓаните ќе можат да ставаат соларни панели и да се грижат за своите сметки за струја, изјави Божиновска по денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Скопје - Министерството за образование и наука ќе им распредели 344 милиони денари на државните универзитети и факултети, јавни научни установи и на МАНУ за да ја унапредат научно-истражувачката инфраструктура и за да реализираат иновативни научно-истражувачки проекти. МОН објави два јавни конкурса на кои треба да се аплицира електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во рок од 45 дена.
На прес-конференција денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека дел од средствата се обезбедени во рамки на годинашниот буџет за наука кој е речиси двојно поголем од ланскиот и изнесува 680 милиони денари, додека еден дел од парите за проектите ќе се исплатат во текот на следната календарска година, кога и треба целосно да завршат проектите што ќе бидат прифатени.
Скопје - Во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), денеска во Скопје се одржува обука насочена кон информирање и запознавање на младите работници со нивните основни права на работното место.
Обуката е во рамки на програмата „Права од работен однос – достоинствена работа за младите луѓе” и има цел да им обезбеди поддршка на синдикатите, институциите за образование и обука, како и на младинските организации во нивните иницијативи што се насочени кон подигнување на свеста на младите луѓе за нивните права на работното место.
Приштина - Парламентот на Косово ни по шести пат не успеа да избере свој претседател, со што продолжува институционалната блокада по парламентарните избори одржани во февруари, јавуваат локални медиуми.
Движењето „Самоопределување“ на досегашниот премиер Албин Курти, кое победи на изборите на 9 февруари, повторно ја предложи досегашната министерка за правда Аљбуљена Хаџиу за претседател на Собранието, но, како и на претходните гласања, таа доби 57 гласа од потребните 61 во парламентот со 120 пратеници.
„Против“ гласаа 47 пратеници, а тројца беа воздржани.
Белград - Студентскиот пленум на Техничкиот факултет во Нови Сад денеска гласаше - студентите во блокада бараат распишување вонредни парламентарни избори во Србија, јави МИА од Белград. Тоа беше објавено денеска нанивниот официјален профил на Х.
Како што е наведено во објавата тоа е еден од заклучоците на денешниот студентски пленум. Освен тоа, пленумот донесе низа други одлуки поврзани со оперативната работа на пленумот, како и одлуката студентите во блокадата да состават список за потенцијални вонредни парламентарни избори.
Разговорите, официјални и неофицијални, за понатамошната артикулација на протестот и начинот на исполнување на студентските барања, се водат практично од почетокот на 2025 година, а особено се интензивираа по 15 март и собирот што го свикаа студентите, објавија српски медиуми.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска во Бања Лука изјави дека „Бонските“ овластувања на високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) се „блеф што има за цел да овозможи наметнување на одредена волја“.
-Овој блеф се случува уште од Бонската конференција. Токогашниот висок претставник, Карлос Вестендорп, рече дека ова е нелегална одлука, која не е во согласност со Дејтонскиот договор, рече Додик на конференција по учеството на Конференцијата на српските национални организации од земјите од регионот.
Загреб - Вкупно 17 тони нафта се излеаја денес во Јадранското Море кај хрватскиот остров Хвар откако пукна цевка на резервоар за нафта во сопственост на хрватската нафтена компанија Ина, објавија хрватските медиуми.
Полициската управа на општина Сплит-Далмација денеска во 9:30 часот по локално време добила информација за загадување со нафта во морето во близина на четвртиот по големина хрватски остров Хвар, објави локалното издание „Слободна Далмација“.
Според соопштение од полицијата, од резервоар на компанијата „Ина“ се излеале 17 тони нафта, забележува изданието „Вечерни лист“. Полициски и крајбрежни стражарски екипи, пожарникари и претставници на пристанишните власти се на лице место. Тие се обидуваат да ги ограничат последиците од излевањето.
Рим - Портпаролката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека е возможно да има средба со американскиот претседател Доналд Трамп додека тој е во Рим за погребот на папата Франциск, објави италијанската новинска агенција АНСА.
„Разгледуваме можност за средба, иако во моментов ништо не е потврдено“, изјави портпаролката Паула Пињо.
Таа додаде дека главната цел на патувањето на Фон дер Лајен во Рим е погребот на папата Франциск, а не разговор за трговија и царини.
Рим - Шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани изјави дека верува оти на погребот на папата утре во Рим, на кој ќе присуствува претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нема да се зборува за американските царини, бидејќи тоа би било непочитување кон покојниот поглавар на Римокатоличката црква, пренесоа денес италијанските медиуми.
Тајани додаде дека, покрај тоа, за состанокот на таа тема е потребна подготовка, пренесе агенцијата Нова.
Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за доделување на 15 милиони евра помош во рамките на Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) за зајакнување на одбранбените капацитети и способности на Армијата на Република Северна Македонија и нејзината оперативна подготвеност, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Денеска се согласивме да и обезбедиме на Северна Македонија дополнителна поддршка од ЕУ во вредност од 15 милиони евра за нејзината Армија, изјави во врска со одлуката високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска го прими специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф, изјави портпаролот на Кремљ за новинарите, на нивната четврта средба од почетокот на годината.
Ова е втора средба меѓу Путин и Виткоф во последните две недели и четврта од почетокот на годината.
Последниот се одржа во Санкт Петербург на 11 април и траеше повеќе од четири часа, а на дневен ред беше Украина. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков објасни дека проблемот има многу аспекти, додавајќи дека „суштината е многу сложена, па затоа разговорите обично се доста долги“.
Кито - Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди подрачјето во близина на брегот на Еквадор, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Земјотресот се случил на длабочина од 23 километри, соопшти EMСЦ.
Епицентарот на земјотресот бил на 21 километар североисточно од крајбрежниот град Есмералдас.
Токио - Владата на Јапонија денеска презентираше пакет итни економски мерки за сузбивање на негативните ефекти од новите американски царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Пакетот олеснувања се состои од пет столба, вклучувајќи поддршка за корпоративно финансирање и чекори за стимулирање на потрошувачката, а владата, исто така, вети дека ќе ја намали цената на бензинот и дизелот за 10 јени по литар, ќе обезбеди субвенции за сметките за енергија и ќе го разгледа обемот на кредити со ниска камата за мали компании од следниот месец, пренесува Кјодо.
Постои загриженост дека царините на Трамп би можеле негативно да влијае на јапонскиот извоз и да нанесат штета на целокупната економија на таа земја.