МИА Општински пул
- 25 април 2025

Струга - Поставување југуларни катетери под ехо кај пациенти кои се лекуваат со хемодијализа е нова процедура што почна да ја применува Специјализираната болница за нефрологија – Струга, информира директорот на установата Јетмир Зиба.
Постапката под ехо, појасни тој, го прави процесот побезбеден и поконтролиран, а е направена со поддршка на лекари од клиниката Von Basedow од Германија.
- Поставувањето на југуларни катетери кај пациентите кои се лекуваат со хемодијализа има повеќе предности. Намален е ризикот од венска стеноза, побезбедна и полесна положба за манипулација за време на хемодијализата и секојдневно одржување, помал ризик од инфекции во споредба со феморалната вена, подобар проток на крв и полесно поставување под ехографија, истакна Зиба.
Најави дека во соработката со германската клиника ќе продолжи со донација од медицинска опрема.
-Горди сме што носиме модерни методи во здравствената грижа во нашата болница. Во фокусот на нашата мисија секогаш стои пациентот. Затоа, ќе продолжиме посветено да аплицираме нови методи и технологии кои го подобруваат квалитетот на третманот и здравјето на нашите пациенти, рече Зиба.
Скопје - Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозните напори за подобрување на сообраќајната безбедност, со нови интервенции кои вклучуваат поставување на современа сообраќајна сигнализација. Во рамки на тековните активности, на 11 улици во урбаниот и руралниот дел на општината, беа поставени гумени забавувачи на брзината (легнати полицајци), сообраќајни знаци за ограничување на брзината, како и сферни огледала на места со намалена прегледност.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, нагласи дека овие мерки се дел од општинската стратегија за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, посебно за пешаците и децата. „Безбедноста на нашите улици е нашиот најголем приоритет. Овие интервенции се само дел од постојаните напори да ги направиме нашите улици побезбедни за сите граѓани. Поставувањето на легнати полицајци, сообраќајни знаци и огледала ќе помогне во намалувањето на несреќите и подобрување на видливоста, особено во областите каде што има намалена прегледност“, изјави Стојкоски.
Со оваа акција, Општина Ѓорче Петров се стреми кон редовно следење на потребите на граѓаните и извршување на интервенции каде што се најпотребни. Поставувањето на новата сигнализација е дел од долгосрочната стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот и подобрување на квалитетот на животот за сите жители на општината.
Велес - Празникот Источен Петок - Балаклија посветен на Пресвета Богородица, како градска слава и годинава велешани по традиција секој прв четврток односно петок по Велигден го прославуваат во манастирскиот комплекс „Свети Великомаченик Димитрија“ и околните цркви „Света Петка“ и „Свети Никола“ со палење на свеќи за здравје, а велигденски јајца се оставаат на иконите. Прославата започна вчера попладне и трае и во текот на денешниот ден кога велешани масовно одат пеш од Стар Мост до манастирскиот комплекс оддалечен на два километри.
Во манастирот „Свети Великомаченик Димитриј“, во предвечерјето на празникот Митрополитот Повардарски Агатангел во сослужение со бројното свештенство синоќа отслужи Вечерна Богослужба, а утрово и Света Божествена Литургија на која присуствуваа повеќе православни верници од градот и населени места од општината. Некои од нив синоќа преноќија во манастирските конаци за здравје.
Инаку на патот кон манастирот кој и годинава беше запрен за сообраќај од екипи на СВР Велес, а вчера попладне и вечерта по традиција имаше поставени голем број на тезги со разни икони, украси, накит, играчки храна и сокови, со продавачи дојдени од повеќе градови.
Манастирот „Свети Великомаченик Димитрија“ за време на турското владеење на овие простори бил затрупан со земја цели пет века, за да биде повторно откопан во 1855 година,откако на воденичарот Петре Здравев му се јавил светецот.
Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола одржа отворен ден за средношколците од пелагонискиот регион и ги информира за студиските програми и можностите за студирање на вториот македонски универзитет кој денес слави и годишнина од формирањето.
Отворениот ден се одвива под мотото „Корени и крилја“ истакна ректорот Игор Неделковски и појасни дека со мотото јасно се порачува дека младите треба со европска диплома да се стекнат дома.
-Според востановената традиција, денот на основањето на универзитетот го одбележуваме со отворен ден посветен на средношколците, нивните професори, но и на останатата јавност со цел да се запознае со случувањата на УКЛО. Оваа година присутно е највисокото раководство на Алијансата на европски универзитети КОЛОРС предводено од претседателката и директорката на алијансата кои се од Германија од Универзитет Падернборг и тоа секако е важно за сите. Годинава дискутираме водени од мотото „Корени и крилја“, односно како младите да ги задржиме на своите корени и притоа да не им ги намалиме можностите за нивни личен и професионален развој, односно да имдадеме европски крилја на начин што студирајќи дома, на своите корени, да добијат знаења, можности и видици, односно крилја како секој студент на било кој европски универзитет, истакна ректорот Неделковски.
На прес конференција во Битола, новата претседателка на КОЛОРС Хаике Траутман изјави дека УКЛО е значаен сегмент на европската алијанса КОЛОРС.
Битола - Македонско научно друштво-Битола, најстарата институција во земјава посветена на науката, образоваанието, културата и уметностите, со свечена академија го одбележа јубилејот 65 години од основањето.
Македонско научно друштво е формирано на 25 април 1960 година од група битолски интелектуалци чија мисија и визија денеска ја реализира новата генерација членови, истакна претседателката проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска.
-Македонско научно друштво се истакнува во повеќе области, издавачката дејност, одбележување значајни јубилеи, јавни дебати, стручни мислења, меѓународна соработка и други сфери на јавниот живот во градот, државата и странство, посочи Андоновска Трајковска.
На свечената академија се обрати и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој истакна дека научната мисла е темел на секој вистински развој, бидејќи без неа, како што рече, нема ни иновации, ни прогрес, ни иднина.
-Битола отсекогаш знаела да ги препознае и поддржи оние вредности што создаваат траен белег. Токму затоа, горди сме што ова друштво својата историја ја гради во нашиот град и верувам дека Општина Битола и понатаму ќе остане партнер и поддржувач на научните иницијативи и развојот на знаењето. Овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и повик кон иднината – кон нови проекти, нови истражувања и уште посилна поддршка за младите кои денес учат, и создаваат, бидејќи тие ќе бидат идните столбови на македонската наука, посочи Коњановски.
Скопје - Изградбата и уредувањето на новиот парк „Радост“ во Реонски центар во Општина Аеродром е во завршна фаза и во зависност од временските услови, се очекува паркот да го добие својот финален изглед до средината на следниот месец.
Во паркот, кој е со површина од околу 6 000 квадратни метри, поставен е систем за осветлување со канделабри, а во овој момент се градат пешаките патеки, а се врши и хортикултурно уредување на просторот, по што ќе биде монтирана и современа урбана опрема, клупи за седење и канти за отпадоци.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска заедно со други претставници на Општината и на Советот извршија увид во градежните активности на терен.
Притоа, во паркот беа засадени симболични 62 високостеблести платани, донација од Европската Унија во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.
Инаку, во рамките на истиот проект, вчера, во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“ исто така беа засадени 30 садници, при што претставници од Првиот скопски извиднички одред преку практични примери ги запознаа учениците со важноста на урбаното зеленило и влијанието на дрвјата врз квалитетот на воздухот.
Струмица- Со План за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух Општина Струмица ќе го намалува загадувањето за период 2025-2029 година.Планот, кој го подготви „Центарот за климатски промени“, предвидува 20 мерки за намалување на аерозагадувањето, а по нив денеска се дискутираше на јавната презентација и јавната расправа.
-Мерките се поделени според годишните времиња и за секое годишно време, во зависност од тоа какво загадување се појавува во тоа годишно време, такви мерки и се предвидени да се применуваат, односно да се применуваат цела година. Општина Струмица има има голема реализација во однос на преземање мерки против загадувањето, посебно лани и од почетокот на годината, кога беа изречени повеќе казни и важно е што граѓаните стануваат свесни за загадувањето, смета Филип Стојановски од „Центар за климатски промени“.
Според него, мерките се во ингеренциите што ги има Општината, бидејќи тоа е локален план за намалувањето на загадувањето на воздухот.
-Мерките се насочени таму кадешто Општина Струмица сама може да влијае на спроведување на мерките-со донесување на буџет, следење на индикаторите или мерката како напредува и тоа ни беше многу битно мерките да не бидат зависни од државата. Ако се зависни од неа, тогаш дел од мерките нема да можат да се спроведат, бидејќи Општината нема ингеренции да ги спроведува, додаде Стојановски.
Охрид – На Универзитетот за информатички науки и технологии (УИНТ) „Св. Апостол Павле“ во Охрид викендов ќе се одржува натпревар на млади претприемачи – „Startup Weekend Ohrid 2025“.
Од попладнево па во текот на наредните 54 часа млади иноватори распоределени во 12 екипи под менторство на 20 професори ќе разработуваат сопствени бизнис-идеи, ќе креираат „старт-апи“. Нивните иновативни решенија ќе ги оценува стручно жири составено од врвни експерти од светот на технологијата, иновациите и бизнисот.
„Startup Weekend“ е дел од глобалната „Techstars“ мрежа и претставува единствена можност за оние кои сакаат да навлезат во светот на иновациите, технологијата и претприемништвото.
Настанот е отворен за дизајнери, програмери, маркетери, студенти, фриленсери и сите со креативен дух и желба да направат нешто свое.
Покрај натпреварувачкиот дел, во рамки на иновативниот викенд на УИНТ се предвидени инспиративни сесии, вмрежување, со можности за креирање нови пријателства и бизнис-поврзувања во областа на креативното претприемништво.
Дебар - Продолжува појава на узурпација на парцели покрај брегот на Дебарско Езеро, едно од најубавите делови во градот.
Последна од многуте кривични пријави денеска е поднесена против А.Д.(27) од Дебар.
-Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против А.Б. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Тој, неовластено узурпирал дел од катастарската парцела во месноста „Шпиље“ во Дебар, сопственост на АД „ЕСМ-Скопје“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според него, лицето се стекнало со противправна имотна корист од 1.631.520 денари.
Узурпацијата на земјиште освен кај месноста „Шпиље" и градската плажа има и кај месноста Манастирец(Три чешми) на левата страна од патниот правец Дебар-Струга, дел кој припаѓа на општина Центар Жупа и МПЦ-ОА.
Скопје - Општина Кисела Вода денес поднесе нови 10 апликации за проекти на вториот повик на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни инвестиции, со што вкупниот број на поднесени апликации достигна 16.
И овие, како и проектите кои беа одобрени со првиот повик и чија релизација е во тек, се насочени кон модернизација и развој на клучната општинска инфраструктура.
Дополнително, во подготовка е документацијата за уште неколку капитални проекти чија реализација ќе значи траен белег врз урбаниот развој на Кисела Вода.
Куманово - Кумановци можат да поднесат предлози до општината, за мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, повикаа денеска надлежните од локалната самоуправа. Јавна расправа за ажурирање на постоечкиот план за подобрување на квалитет на воздух, со дополнителни предлог мерки за справување со загадувањето ќе се одржи во понеделник во „Комитет“ со почеток во 12 часот.
-Ги поканувам заинтересираните граѓани, граѓанскио рганизации, невладини здруженија и сите засегнати да присуствуваатна презентацијата и со свои предлози да придонесат во спарувањето со аерозагадувањето. Очекуваме добри предлози кои ќе бидат вметнати во постоечкиот план за што имаме право согласно закон да го ажурираме и да го адаптираме на потребите на кумановци, изјави координатор на проектот за општина Куманово, Александра Георгиевска Протиќ.
Во рамки на проектот „Справување со загадување на воздухот“, кој е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од кралство Шведска и кофинансиран од Општина Куманово, во тек е ажурирање на постоечкиот план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на Општина Куманово (2022-2026), кој е усвоен и одобрен од Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање и Совет на Општина Куманово. Целта е граѓаните да дадат соодветни предлози, со цел да делуваме што поефикасно во справување со загадување на воздухот.
Штип, 25 април 2025 (МИА) – Градоначалниците на Источно планскиот регион (ИПР) на денешната 22 редовна седница го верификуваа мандатот на в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, како нов член на советот.
Директорот на Центарот за развој на ИПР, Трајче Здравков истакна дека десетте градоначалници од Источно планскиот регион донесоа и едногласна одлука за користење на медицинската опрема и агрегати на Општина Берово, а кои се наменети за Домот за стари лица „Доктор Иван Влашки“ во Берово.
-Донесовме одлуки со кои се заокружува реализацијата на проектот за одржлив и инклузивен развој. Со овој проект направивме реконструкција и преадаптација на Ламела 4 во постоечкиот старечки дом „Доктор Иван Влашки“ во Берово, со што го зголемивме капацитетот на домот за стари лица за уште 28 легла. Тие корисници се веќе вселени, ги користат услугите во самиот дом, изјави Здравков.
Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски посочи дека се настојува домот во најголема мера да ги прима старите лица кои се од Берово и регионот.
-Вкупниот капацитет е 67, а инаку она што е потпомогнато од овој преоктот е 28. Листата на чекање е огромна. Беа 167, од тие веќе 28 се сместени, но и во овој момент бројот на лица кои чекаат е над 100. Настојуваме да тој дом биде регионален, вели Пекевски.
Штип – Советот на градоначалници на Источно планскиот регион (ИПР) на денешната седница во Штип ја прифатија Иницијативата на в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски за обезбедување на едно противпожарно возила за Територијалната Противпожарна едница (ТППЕ)-Кочани. Иницијативата ќе биде доставена до ЗЕЛС и Владата на Република Северна Македонија, бидејќи состојбата со возилата во ТППЕ-Кочани е лоша и какошто изјави Крстевски недостасуваат три противпожарни возила. Тој потенцира дека пожарникарите на ТППЕ-Кочани на терен ги гасната пожари во општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.
-На трагичниот настан пред 41 ден во Кочани возилото коешто е користено на ТППЕ-Кочани е од 1971 година, во него морало да седи лице во него за да кочи на истото и наместо пожарникарот да го гасни пожарот, заради тоа што сме оскудни со опрема истиот морал да биде внатре во возилото. За таа цел на повеќе места апелирав да се набават колку што е можно повеќе противпожарни возила за Кочани и да не ни се повторат такви ситуации, изјави Крстевски.
Тој посочи дека на Кочани му е потребна помош и тоа во моментов, веднаш.
Претседателот на Советот на градоначалници на ИПР, Борчо Коцев, воедно и градоначалник на Општина Зрновци истакна дека сите општини од источниот регион се сплотени во решавање на проблемите и донесување на позитивни политики и решенија како за развојот и при елементарни непогоди во регионот.
-По дискусијата на градоначалниците донесовме заклучок да поднесеме Иницијатива до Владата на Република Македонија, за да во блиска иднина биде обезбедено возило коешто ќе биде ставено во функција на ТППЕ-Кочани, при вакви ситуации изразувам и благодарност до останатите општини кои со своите можности, ресурси и материјално технички средства секогаш учествуваат во вакви непогоди, вели Коцев.