
Скопје - Министерството за здравство информира дека денеска уште пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Србија. Согласно протоколот, потоа тројца пациенти ќе бидат под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, а еден пациент на сопствено барање лекувањето ќе го продолжи во приватната клиника „Жан Митрев“.
Во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти. Во текот на утрешниот ден е најавено враќање на еден пациент од Белгија, кој ќе биде под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
Струга - Поставување југуларни катетери под ехо кај пациенти кои се лекуваат со хемодијализа е нова процедура што почна да ја применува Специјализираната болница за нефрологија – Струга, информира директорот на установата Јетмир Зиба. Постапката под ехо, појасни тој, го прави процесот побезбеден и поконтролиран, а е направена со поддршка на лекари од клиниката Von Basedow од Германија.
-Поставувањето на југуларни катетери кај пациентите кои се лекуваат со хемодијализа има повеќе предности. Намален е ризикот од венска стеноза, побезбедна и полесна положба за манипулација за време на хемодијализата и секојдневно одржување, помал ризик од инфекции во споредба со феморалната вена, подобар проток на крв и полесно поставување под ехографија, истакна Зиба.
Скопје - Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, ја истакна потребата од подобрување на работничките права во приватниот сектор и ги повика работниците да се приклучат на Првомајскиот протест. Клучните барања на синдикатот се повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.
-Приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата. Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60.000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор особено вработените во трудо-интензивните дејности, рече тој.
Белград - Просечната нето плата за февруари годинава во Србија изнесувала 103.519 динари (883 евра), а просечната бруто плата, вклучувајќи ги даноците и придонесите, изнесуваше 142.908 динари (1.219 евра), соопшти денеска српскиот Завод за статистика.
Растот на бруто и нето заработката во периодот јануари-февруари 2025 година, во споредба со истиот период лани изнесува 11,1 процент номинално, односно 6,2 проценти реално.
Во споредба со истиот месец од претходната година, просечната бруто и нето заработка за февруари годинава е номинално поголема за 10 проценти, а во реалност за 5,3 проценти.
Анкара - Турските власти приведоа 210 лица под сомнение за вмешаност во активностите на терористичката група „Исламска држава“ во последните две недели, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на „Икс“.
Тој информираше дека операциите на властите биле спроведени во 49 провинции, а уапсените се осомничени освен за учество во активностите на „Исламска држава“, и за нејзино финансирање.
Во 2013 година, Турција беше една од првите земји што ја вклучи „Исламска држава“ на својот список на терористички организации. Оттогаш, земјата постојано е цел на напади од групата, при што во најмалку десет самоубиствени напади, седум бомбашки напади и четири вооружени напади загинаа над 300 луѓе, а стотици други се ранети.
Анкара - Турските власти приведоа 210 лица под сомнение за вмешаност во активностите на терористичката група „Исламска држава“ во последните две недели, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на „Икс“. Тој информираше дека операциите на властите биле спроведени во 49 провинции, а уапсените се осомничени освен за учество во активностите на „Исламска држава“, и за нејзино финансирање.
Во 2013 година, Турција беше една од првите земји што ја вклучи „Исламска држава“ на својот список на терористички организации. Оттогаш, земјата постојано е цел на напади од групата, при што во најмалку десет самоубиствени напади, седум бомбашки напади и четири вооружени напади загинаа над 300 луѓе, а стотици други се ранети.
Брисел - Европската комисијата денеска ги усвои својот втор годишен Извештај за Законот за дигитални пазари, како и Извештајот за политиката на конкурентност за 2024 година, јави дописникот на МИА од Брисел.
Извештајот за Законот за дигитални пазари (ДМА) прави преглед на мерките преземени во периодот од јануари до декември 2024 година со цел да се обезбеди негово ефикасно спроведување и да се постигне праведност во дигиталниот сектор на пазарот на ЕУ.
Брисел - Советот на ЕУ донесе одлука за издвојување на 20 милиони евра од Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) за поддршка на Вооружените сили на Молдавија, наменети за модернизација на капацитетите на нивната противвоздушна одбрана (ПВО) преку набавка на лансери и ракети со краток дострел.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова е втора мерка за поддршка на молдавската армија преку ЕПФ овој месец, откако претходно на 7 април Советот одвои 40 милиони евра за зајакнување на пешадиската мобилност на Вооружените сили на Молдавија и на командните и контролните капацитети на противвоздушната одбрана. Овие средства се наменети за набавка на лесни тактички возила и на опрема за команда и контрола за системите за ПВО со краток дострел.
Манчестер - Челикот е цврст, но тежок. Пластиката е флексибилна, но кршлива. Графенот ги надминува и двата материјала - тој е и најтенкиот, а проѕирен, и најсилниот, т.е. толку густ дизајн, што дури и најмалите атоми на гас не можат да минат низ него. Тој е одличен спроводник на електрична енергија, тврд како дијамант, а растеглив до 20 отсто, објави „Конверзејшн“ (The Conversation).
Графенот има дводимензионална јаглеродна структура. Таа е потенка од хартија и е еластична, но посилна од челик, па може да запре и челик. Уште повеќе, овој материјал е шест пати полесен од најцврстата метална легура, има 5-6 пати помала густина и е 13 пати пофлексибилен. Овие својства имаат потенцијал за идната технологија - особено во авијациската индустрија. Со оглед на флексибилноста на графенот, нови и радикални дизајни би можеле да бидат достапни и за сите видови возила. Графенот е исто така рециклирачки материјал, што го прави релативно лесен и евтин за производство.
Берн - Претседателката на Швајцарија, Карин Келер Сутер, денеска, по разговорот со американскиот министер за финансии Скот Бесант за високите американски царини, изјави дека Вашингтон има намера да води „привилегирани преговори“ со 15 земји, вклучувајќи ја и Швајцарија.
-Задоволни сме од дискусиите што ги имавме. Американските власти изразија јасна желба да најдат решение со Швајцарија, изјави Карин Келер Сутер. Таа додаде дека следниот чекор е декларација за намери, што е можно поскоро, по што можат да започнат преговорите, пренесуваат британските медиуми.
Исламабад - Војници од Пакистан и Индија разменија оган во спорната долина Кашмир, соопштија денеска официјални претставници во Исламабад, додека тензиите меѓу соперничките нуклеарни сили ескалираат по смртоносниот терористички напад во регионот.
Индиските војници пукаа кон пакистански граничен пункт во регионот Липа во текот на ноќта, изјавија двајца разузнавачки службеници за ДПА. „Нашите војници возвратија на огнот со лесно оружје. Пукањето сега е запрено“, рече еден официјален претставник, додавајќи дека не се регистрирани жртви од двете страни.
Пекинг - Кинеската национална вселенска администрација (КНСА) соопшти дека научници од Франција, Германија, Јапонија, Пакистан, Обединетото Кралство и САД добиле дозвола за користење на месечевите примероци собрани од мисијата „Чанг-е 5“ за научни истражувања.
Така, седум институции од тие шест земји добиле дозвола да ги позајмуваат примероците. КНСА го соопшти тоа на свеченоста во Шангај по повод Денот на космонаутиката на Кина, што се слави секоја година на 24 април. Сондата се врати во декември 2020 година, донесе 1.731 грам примероци од карпи и почва од површината на Месечината.
Тбилиси - Поранешниот премиер и претседател на владејачката партија „Грузиски сон“, Иракли Гарибашвили, на брифинг во седиштето на партијата објави дека се повлекува од политиката, објави јавниот медиум на Грузија, ГПБ.
„Денес, „Грузиски сон“ конечно се формира како обединета и силна политичка сила, а, секако, посебна улога во тоа одигра основачот и почесен претседател на нашата партија, Биџина Иванишвили, кој е главен гарант за мирот и стабилноста во земјата. Во најкритичниот момент, тој успеа да го консолидира тимот, да го одржи единството, а под негово водство, „Грузиски сон“ спречи огромни закани за земјата и општеството, а воедно донесе опиплив напредок и развој во сите сфери, во сите правци“, рече Иракли Гарибашвили.
Тел Авив - Палестинските медиуми објавија дека израелските сили (ИДФ) синоќа во градот Калкилија, на Западниот Брег, уапсиле четворица Палестинци, кои биле ослободени како дел од неодамнешниот договор за прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас.
Како што пишува „Тајмс оф Израел“, меѓу уапсените се Абдалах Ал-Валвил, Самех Шубаки, Мајсара Афанех и Маргарет Ал-Раи, а Израел сè уште официјално не ги коментирал овие наводи.
Ова е првиот регистриран случај Израел повторно да апси лица кои биле ослободени како дел од неодамнешниот договор.