• среда, 21 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Скопје - Општина Аеродром издала одобрение за доградба и надградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и со овој проект веќе е аплицирано на вториот јавен повик од Владата за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти.

В.д. градоначалникот, Дејан Митески го потпишал одобрението со кое најстарото училиште во Аеродром прв пат од своето постоење ќе добие проширување на капацитетите за над 100 ученици.

- Доградбата и надградбата опфаќаат 300 квадратни метри нова површина на постојното источно крило од училиштето, при што покрај трите нови училници и нова канцеларија, ќе бидат изведени нова кровна конструкција, внатрешна и надворешна столарија, нови подови, нова термичка фасада, целосно нова опрема, како и нови електрични, водоводни, термотехнички и противпожарни инсталации, соопштија денеска од Општина Аеродром.

Во централното училиште во Горно Лисиче учат околу 500 ученици, додека во подрачното училиште на ООУ „Гоце Делчев“ што се наоѓа во Долно Лисиче настава посетуваат речиси 200 деца.

Струга - Под мотото „Дали се вашите бубрези во ред?“ Специјалната болница за нефрологија – Струга се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот - 13 март.

По тој повод, вечерва Болницата ќе биде осветлена во сина боја, а утре, како што информира установата, на пациентите ќе им бидат поделени подароци.

Во рамките на одбележувањето, низ Болницата беа поставени банери и постери, со логото на Светскиот ден на бубрегот, а во дворот засадени се дрвја, како симбол на засадување живот и здравје.

- Пациентите се основата поради која ние работиме и се стремиме постојано да се усовршуваме и од ден на ден да стануваме се подобри. Но не само оваа недела и не само поради прославата на Светскиот ден на бубрегот, ЈЗУ Специјална болница за нефрологија – Струга секој ден го слави здравјето на луѓето, секој ден слави победа над болестите и секој ден се бори да биде подобра од претходниот, вели директорот Јетмир Зиба.

За заштита на бубрезите и превенција од бубрежни болести препорачуваат: здрав начин на исхрана, одржување нормална телесна тежина, редовно вежбање и физичка активност, контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, одговорна и претпазлива употреба на лекови, пиење доволно вода, редовни медицински прегледи...

Кавадарци - Физички напад и закана од сопрузите, пријавиле две сопруги во полицијата во Кавадарци и во Неготино, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.  

- Вчера во 16.40 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Б.П.(37) од Росоман, постапувајќи по пријава од неговата 34-годишна сопруга дека во семејниот дом во Кавадарци физички ја нападнал. Б.П. бил задржан во полициска станица и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Оттаму додадоа дека синоќа во 18.00 часот во Полициската станица Неготино, 34-годишна неготинчанка пријавила дека нејзиниот сопруг Б.Д., со кој не живеела зедно, ѝ се заканувал. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. 

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек и ќе заврши заклучно со  2 април годинава.

- Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата. Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Град Скопје, како и од општините во Град Скопје, се вели во соопштението. 

Граѓаните можат да добијат повеќе информации на телефонскиот број 02 3073 010, Дежурно-информативен центар, 02 3240 300, дирекција или на меил адресите kontakt@vodovod-skopje.com.mk,  www.vodovod-skopje.com.mk   и на www.facebook.com/jpvodovod.skopje

Акцијата за отплата на долговите на рати без камата почна на 17 февруари годинава.

Велес - Во СВР Велес вчера во 13. 25 часот од Итна медицинска помош Велес било пријавено дека во дворот од семејната куќа бил пронајден починат  63 годишниот Г.К. од Велес со траги од крв во пределот на главата, информира денеска од СВР Велес, портпаролот Биљана Ѓаковска.

Таа појасни дека лекар констатирал смрт, увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од СВР Велес. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

Тетово - По повод една година од воспоставувањето јавно-приватно партнерство за стопанисување со отпадот во Тетово, општината и австриската компанија Саубермахер организираа форум за животна средина.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами рече дека е задоволен од едногодишната соработка со Саубермахер затоа што со тоа се решени повеќе проблеми кои го отежнуваа собирањето на отпадот низ градот.

-После една година, јас како градоначалник, не се соочувам со проблемите, вработените да бараат 3-4 неисплатени плати, да ми ѕвони телефонот од депонијата и да ми кажуваат дека ќе се затвори депонијата ако не се плаќаат фактурите, не ми ѕвонат од компанијата која ги снабдуваше камионите со гориво, да ми кажат ако не се платат заостанатите фактури дека нема да се снабдуваат. Тетово секојдневно имаше проблем и ризик менаџирање со отпадот да пропадне и Тетово да се задуши ѓубре и ние да имаме и опасност од некои заразни болести. Сега веќе тој проблем е решен, рече Касами.

Скопје - Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски заедно со локалното население од Злокуќани ги повикаа владата и министерството за здравство да ја преиспитаат намерата да го префрлат центарот за зависници од Кисела Вода во болницата Бардовци.

Имам крајно непријатна потреба да се обратам до јавноста, затоа што се наоѓаме пред болницата за душевно болни „Бардовци“ што се наоѓа на територија на општина Карпош и уште понепријатно ми е што граѓаните мораат на ваков начин да го изразуваат револтот на ваков начин и јас како градоначалник. Нормално е кога треба луѓе да се лекуваат. Треба и ние да создадеме услови за лекување на секој еден. Оваа душевна болница е скоро 60 и кусур години на оваа локација. Граѓаните се веќе научени со проблемите што ги имаат со нејзе, со децении, и очигледно дека веќе немаме никаков проблем. Но, сега се јавува еден огромен проблем, затоа што министерството за здравство сака сите лица зависници од опојни дроги да ги донесе овде и лекувањето да биде во душевната болница. Ние немаме проблем да се врши лечење, но секој треба да се лечи во својата општина. Што значи тоа? Сите зависници од општина Карпош, треба да се лекуваат во Карпош, и сите што се во други општини да се лечат на други места. Јас го побарав министерот за здравство, му објаснив дека имаме сериозна реакција од граѓаните, во исто време и јас не се сложувам со ваквиот начин на решавање на проблемите. Објаснувањето беше дека имаат само два тима, изјави градоначалникот Јакимовски на прес конференција.

Јакимовски предупреди дека доколку се реализира планот на министерот за здравство директно ќе се загрози животот на жителите на Злокуќани, кои во моментот веќе трпат огромен терор од неколку семејства доселени од Косово кои се недопирливи за полицијата, обвинителството и судот.

Струмица - На стартот на бербата пролетната зелка во струмичко се откупува за рекордни 60 до 65 денари за килограм. Толку висока откупна цена на почетокот на откупот не паметат ниту трговците, ниту производителите. Според нив, тоа се должи на зголемената побарувачка, но и немањето доволни количини пролетна зелка во соседните земји.

Според трговецот Блажо Витанов од компанијата „Империјал фруит“, ваквите високи откупни цени се должат на зголемената побарувачка, но и на малата понуда на оваа градинарска култура на почетокот, додека поголеми колични се очекуваат на крајот на месецот.

-Пролетната зелка се извезува во Украина, Романија, Бугарија, во сите поранешни југословенски држави, Полска, Литванија, Латвија, Естонија и Шведска. На високата цена на зелката влијае и фактот што при крај е нејзината берба во Албанија, па затоа сега е зголемена побарувачката за нашата пролетна зелка, вели Витанов.

Според градинарите, годинава зелката е насадена на поголеми површини, но на многу насади забележано е цветање на зелката наместо таа да врзува плод. Според нив, тоа се должи на променливото време и студовите кои го зафатија регионот во средината на минатиот месец.

Куманово - Општина Куманово објави јавен повик за граѓански организации и фондации за прибирање предлог проекти, информираа денеска надлежните од одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски разво од општината.

Заинтересираните треба да достават предлог проекти за четири приоритетни области, заштита на животна средина, социјална кохезија и намалување на сиромаштија, туризам и култура и младински иницијативи.

Финансиските средства во висина од 900.000 денари се предвидени се во програма на секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР наменети за граѓански организации и фондации од Општина Куманово за проекти во рамки на стратегиските развојни документи, соодветни на приоритетните области и цели.

Проектите може да бидат со времетраење од шест до девет месеци.

-Планиран термин за реализација на активностите од проектите е: од 15мај до најдоцна 15 декември ако е шест месеци или до 15 феваруари 2026, ако се девет месеци. Проектите мора да се спроведуваат исклучиво на територијата на општина Куманово. Целосната документација е достапна на општинската веб-страница, а за секое прашање можат да се обратат и до одделението, изјави Донка Петровска раководител на одделение за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој.

Ресен - По завршувањето на изградбата на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“, за што денеска беше поставен камен-темелник, граѓаните од двете страни на границата ќе ја интезивираат културната размена, економската и туристичката соработка, истакнаа учесниците на денешната свеченост што се одржа на брегот на Преспанско Езеро, во непосредна близина на селото Долно Дупени.

Според градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, проектот финансиран од ЕУ и имплементиран од УНДП, е значаен затоа што ќе ја заживее Преспа

-Се надевам на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе, се разбира и локалното население да го види својот бенефит од овој проект. Покрај овој проект ние заедно со ЕУ работиме и на еден исто така голем проект кој се вика ЕУ за Преспа, којшто е во финална фаза, во вредност од околу 20 милиони евра и тој содржи изградба на канализациони системи со прочистителни станции во седум села, крајбрежјето на Преспанско езеро, повик за култура, повик за туризам, повик за земјоделие, повик за заштита на животната средина и други.

Најголемиот дел од овие веќе се започнати, посочи Тозиевски, домаќин на денешната свеченост во Преспа.

Струмица - По 30 години од изградбата привршува реконструкцијата на Градската капела во Струмица. Општината и ЈПКД „Комуналец“ реконструкцијата ја почнаа во ноември лани и според информацијата од градоначалникот Костадин Костадинов, досега се завршени 85 отсто од планираните работи.

Со реконструкцијата се врши комплетна замена на старите салонитни плочи со нови термо панели, замена на дрвената конструкција, како и поставување нови олуци, термо и хидроизолација.

-Со цел да се подобри заштитата се врши и санација на калканските ѕидови, се инсталира и нова громобранска заштита, а се санираат сите внатрешни површини од претходните протекувања. Реконструкцијата започна во ноември минатата година и целосно треба да заврши во мај, напиша струмичкиот градоначалник на неговиот фејсбук профил.

Инаку, реконструкцијата на Градската капела чини 6 милиони денари, средства обезбедени од општинската каса и комуналното претпријатие. 

Остани поврзан