МИА Општински пул
- МИА Општински пул

13 март 2025
Струга - Струшката полиција пронашла и одзела оружје и муниција од домот и автомобилот на 71 годишен жител на селото Делогожда.
СВР Охрид денеска соопшти дека полициски службеници од ОВР Струга вчера во 8 часот го лишиле од слобода Џ.Д.(71) од селото Делогожда.
- При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени ловечка пушка „Брно ЗХ 321“ калибар 16 милиметри, куршуми со калибар 8х57, ловечки патрони калибар 16 милиметри, други предмети и соодветна дозвола. При претрес во неговото возило „хјундаи“ со швајцарски национални ознаки, кое било паркирнао во дворот, биле пронајдени и одземени ловечка пушка карабин 8х57 „Црвена застава“, ловечки патрони калибар 16 милиметри и куршуми калибар 8х57 што нелегално ги поседувал изјави портпаролот Стефан Димоски.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Куманово - Општинската организација на Црвен крст Куманово синоќа со свечена академија, доделување награди и признанија одбележа 80 години од постоењето. На академијата беше истакната историската улога на Црвен крст низ годините, во обезбедување на хуманитарна помош и поддршка на граѓаните, особено во кризни состојби и временски непогоди.
- Имаме повеќе причини за задоволство, горди сме што во овој период организацијата е една од водечките во хуманитарниот сектор и организација која секојдневно придонесува за доброто на луѓето за подобрување на квалитетот на животот и организација. 80 години е голем јубилеј, малку се организациите во државата кои прославуваат таков јубилеј. Ние велиме за нас дека сме врсници односно современици со државата затоа што толку нашето постоење датира некаде во 45-та кога е формирана денешнава држава, изјави генералниот секретар на Црвен крст на Саит Саити.
Црвениот крст го следи развојот и се приспособува кон потребите на државата на локалната заедница. На вчерашната академија беа презентирани делата на Црвениот крст, улогата што ја имал во одредени периоди во земјава.
Предизвик за надлежните во идниот период останува следењето на современите текови на општеството.
Велес - Општинската организација на Црвен крст Велес веќе неколку недели во своите простории обучува 15 граѓани кои се на различна возраст и постари од 18 години, кои ја сочинуваат новата група која ја следи обуката за личен асистент за издавање на услуги на лица со попречености како што се придружба до училиште, до работно место, помош во домот и други потреби. Нив ги обучува тим од лекар, медицинска сестра, специјален едукатор или дефектолог и социјален работник.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес за МИА, информира дека по посетената обука и стекнатиот сертификат, личните асистенти поднесуваат барање во Центар за социјални работи каде се ставаат на располагање за давање на своите асистентски услуги. Кога таква помош ќе побараат лица со попреченост изборот го прави Центарот којшто ги ангажира личните асистенти. Тие им помагаат на лицата со попреченост за што добиваат финансиски надомест кој изнесува 276 денари, во бруто износ, за ангажман од еден час.
-По завршувањето на обуката и стекнатиот сертификат издаден од Јавната установа -Центар за образование на возрасни, овие граѓаните се лични асистенти кои можат да помагаат во локалната заедница на лица со попреченост и да остварат финансиска надокнада за сопствениот ангажман, појасни Николов.
Оваа интензивна обука, со вкупно 200 наставни часови, во Општина Велес преку Црвениот крст досега ја имаат посетено 27 граѓани. Тие се обучени да даваат услуги на лица со попречености. Од нив во моментов 16 лични асистенти се ангажирани од страна на Центар за социјални работи Велес.
Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во соработка со GREEN ROAD ДОЕЛ, како и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува со обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината. Како што нагласи, ова особено важи за оние кои паркинзите ги узурпираат и користат за препродавање на автомобили.
- Започнуваме со акција за отстранување на хаварисаните и возила без регистарски таблички! Во соработка со GREEN ROAD ДОЕЛ и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината.
Ова особено важи за оние во Расадник кои паркинзите ги користат за препродавање на возила, како авто плацеви.
Скопје - Општина Центар ќе спроведе акција за собирање кабаст отпад во периодот од 15 до 20 март. Поради позитивните реакции и успехот на акцијата реализирана во февруари, зголемен е бројот на пунктови на кои граѓанитe ќе можат бесплатно да го одложат својот кабаст отпад.
Станува збор за следните локации:
- Капиштец, кај Цветен пазар, улица „Народен Фронт“;
- Капиштец, паркингот спроти Завод за вработување, улица „Васил Ѓоргов“ бр. 32;
- Буњаковец, позади ООУ „Ј. Х. Песталоци“, улица „Апостол Гусларот“;
- Дебар Маало, кај кружниот тек, улица „Антоние Грубишиќ“ бр. 20;
- Соборен храм, кај спортското игралиште, улица „Орце Николов“ бр. 22
- „50 Дивизија“ бр. 39, во близина на Клинички центар.