• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

4 октомври 2024

Скопје - Да се применуваат соодветни агротехнички и превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, но и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води, препорачуваат агрометеоролзите согласно најавите на УХМР дека под влијание на циклонска активност утре и за време на викендов ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.

 Дождот, нагласуваат, е потребен, зашто влажноста на почвата по долгото сушно лето значително се намали.

Скопје - Подобрување на здравствениот систем, здравствената заштита и на услугите за пациентите е приоритет на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски. Сто дена нова влада, значи вработување 600 специјализанти во дефицитарните области, укинување економски директори, нова магнетна резонанца во поликлиниката „Идадија“, реновирано Одделение на дигестивна хирургија и нова апаратура, проширување на Позитивната листа за девет генерици или 87 лекови, се истакнува во денешното соопштение на владината прес-служба.

- За 100 дена влада се укинаа постоењето 1.000 економски директори и со тоа се става крај на дуализмот во здравствениот систем. Со ова, прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите, а ќе се заштедат и финансиски средства. Здравствените установи имаат само медицински директори, кои ќе управуваат со здравствените установи, се наведува во соопштението.

Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи работилница за наставници од основните училишта насловена „Собранието и граѓанското образование“.

Работилницата ќе ја отворат Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт и Бобан Стојаноски, заменик-генерален секретар на Собранието. 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе се обрати на дискусијата посветена на  „Неформална наспроти формална политичка едукација (состојби, перспективи и можности за соработка). На оваа сесија ќе зборува и Марина Димитриевска Георгиевска од Бирото за развој на образованието, пратеници од Комисијата за образование, наука и спорт, Роберт Скот Хајзлет, виш резидентен директор на Националниот демократски институт, како и експертот Виктор Новаковски, кој исто така ќе зборува и за новиот курикулум „Истражувачко новинарство“. 

На настанот ќе има и претставување на едукативните активности на Парламентарниот институт и промоција на електронските системи за пријавување.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ќе го посети Арачиново, каде што ќе врши увид на регулацијата на дел од ободниот канал.

Овој канал има улога во заштитата на станбените површини и обработливите површини од поплави во четири општини, Арачиново, Гази Баба, Илинден и Петровец, и е во вкупна должина од 27 километри.

Министерство за животна средина и просторно планирање најави дека е предидено за време на посетата Меџити да даде изјава за медиумите.

Скопје - Градежниот факултет како составен дел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје годинава слави 75 години од основањето. Одбележувањето на јубилејот почна синоќа со Свечена академија во Филхармонија, а продолжува денеска со Меѓународна конференција „Од логаритмар до вештачка интелигенција“.

На конференција ќе бидат презентирани монографијата издадена по повод јубилејот, во која се содржани основните податоци за развојниот пат и сегашните состојби на Факултетот, како и најновите научно-истражувачки достигнувања на наставниот кадар.

Во рамки на меѓународната соработка на Градежниот факултет, во моногграфијата се застапени и соработници од странство кои се поканети на одбележувањето. 

Во поглавието „Пријатели на Градежниот факултет”, пак, со свои реализирани достигнувања, иновации или реклами се претставени и деловни партнери од земјата и странство.

Скопје - Македонското здружение на млади правници и Македонското пенолошко друштво денеска организираат настан на тема „Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“.

- На настанот ќе присуствуваат директорот на Управата за извршување санкции, судии, професори по кривично право, претставници на Управата за извршување на санкции, пробациската канцеларија, директори на казнено-поправни установи и на невладиниот сектор, се наведува во соопштението.

Како што е најавено, на настанот ќе се даде преглед на моменталната состојба во казнено-поправните установи „во врска со кратките казни, условните осуди, институтот на условен отпуст, употребата на електронските алки“. Воедно, се додава во соопштението, ќе биде презентиран и документ за јавни политики, што ќе се осврне на работата како облик на третман во насока на остварување успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, по што ќе следува дискусија. 

Скопје - Годишната прослава на Светската недела на вселената во земјава започнува денеска со темата „Вселената и климатските промени“. Целта на овој настан е да се истакне важноста на вселенските истражувања и нивното позитивно влијание врз човештвото.

- Секоја година од 4 до 10 октомври, луѓе од целиот свет се обединуваат за да ги прослават достигнувањата во истражувањето на вселената и да ги едуцираат и инспирираат младите, вели Марина Таневска, национален координатор на Светската недела на вселената во Македонија.

Овие датуми одбележуваат два историски настана:

●       4 октомври 1957 година: Лансирањето на првиот човечки направен сателит, Спутник 1, со што започна ерата на истражување на вселената.

●       10 октомври 1967 година: Потпишувањето на Договорот за принципи за мирно користење на вселената, Месечината и другите небесни тела.

Куманово - Малолетник загина, а друго лице се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа која се случи вчера на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка во населбата Карпош, соопшти денеска СВР Куманово.  

Во сообраќајката учествувало возило „бмв" со албански национални ознаки и мотоцикл ,,јамаха".

- Вчера околу 21.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на магистрален  пат Куманово - Крива Паланка, во населба Карпош – Куманово, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од И.Б.(37) од Скопје и мотоцикл  „јамаха“ управувано од малолетник од Куманово. Во незгодата, од здобиените повреди на местото починал 15 – годишен сопатник на мотоциклот од Куманово, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, 16 – годишниот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово, информираше полицијата.

Прилеп - Денешниот ден, петок 4 октомври е ден на жалост во Прилеп поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера изутрината загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. Во несреќата загинаа: радиологот примариус д-р Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и Фанче  Јованоска, радиолошки технолог.

Советот на општина Прилеп одлуката ја донесе синоќа на вонредна седница.

Денеска знамињата во Општината се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложуваат за наредниот ден.

Сараево - Повеќе од сто партии ќе се борат за корист на гласачите на локалните избори во Босна и Херцеговина в недела, осми од потпишувањето на Дејтонскиот договор.

Сто и десет политички партии ќе се борат за гласови и избор на градоначалници или началници во 142 града и општини, како и 3.200 претставници во градските и општинските совети, како и во собранието на областа Брчко.

Локалните избори по правило се и еден вид тест за популарноста и влијанието на партиите кои ги сочинуваат владејачките коалиции на ентитетско, односно на државно ниво, па за нив постои голем интерес.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој e во посета на Киев. Тоа е негова прва посета по преземањето на функцијата.

- Јасно е колку е важно целосно да се имплементира секој наш договор за поддршка во областа на одбраната, што е неопходно за завршување на оваа војна (со Русија), истакна Зеленски.

Тој додаде дека „тоа што функционира на небото на Блиски Исток и помага во одбрана на Израел може да дејствува и на небото во нашиот дел од Европа“.

Париз - Економијата на ЕУ треба да стане поконкурентна со САД и Кина или „може да умре“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на настанот „Глобален дијалог“ во Берлин.

Според Макрон, 27-члениот блок заостанува зад Вашингтон и Пекинг, кои ја надминаа ЕУ по економско производство и инвестиции.

Тој предупреди дека Европската унија е во многу несигурна ситуација и може да се соочи со проблеми доколку не успее да го продлабочи својот единствен пазар и да ја реши „фрагментацијата“.

Лондон - Велика Британија ја предаде својата последна африканска колонија. Островите Чагос беа вратени на Маурициус, по меѓународен притисок и 13 рунди преговори.

Британија се откажа од суверенитетот во договорот што ќе им овозможи на раселените пред повеќе од 50 години да се вратат дома, но го задржа правото да ја користи стратешката воена база која ја управува со САД.

Владата на Маурициус тврдеше дека била незаконски принудена да се откаже од Островите Чагос во замена за сопствената независност од Обединетото Кралство во 1968 година.

Њујорк - Советот за безбедност на ОН синоќа изрази целосна поддршка за генералниот секретар Антонио Гутереш, откако израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го прогласи за "персона нон грата" во Израел.

Во официјалното соопштение на 15-члениот Совет се наведува дека „секоја одлука да не се соработува со генералниот секретар на ОН или Организацијата на Обединетите нации е контрапродуктивна, особено во контекст на зголемените тензии на Блискиот Исток".

Во соопштението не беше спомнат Израел.

Вашингтон - САД и уште четири земји ја разгледаа потребата од финализирање на плановите за нова мировна мисија на Африканската унија за стабилизација на Сомалија, соопшти американскиот Стејт департмент.

На средбата, која се одржала на 1 октомври, присуствуваа претставници од САД, Катар, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Велика Британија, се наведува во синоќешното соопштение.

Според Стејт департментот, разговорите вклучувале и финансирање на новата мисија.

Вашингтон - Американските власти поднесоа обвиненија против 10 лица за нелегална продажба на околу 70 милиони опиоидни таблети, соопшти Министерството за правда на САД.

Според Министерството, ова е најголемата акција досега против дистрибутерите на опиоиди и други лекови кои често се злоупотребуваат, чија вредност на црниот пазар достигнува 1,3 милијарди долари.

Обвинетите се поврзани со фармацевтската индустрија, вклучувајќи трговски претставници и брокери.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден рече дека нема да преговара јавно кога го прашаа дали го повикал Израел да не ги напаѓа иранските нафтени постројки.

Израел, имено, одлучува како да одговори на големиот ракетен напад што Техеран против него го изврши во вторникот. Неофицијални извори блиски до израелската влада велат дека цел може да бидат иранските нафтени постројки.

Бајден веќе јавно кажа дека во својот одговор го советува Израел да не ги гаѓа иранските нуклеарни постројки. На новинарско прашање дали ќе го повика Израел да не ги напаѓа иранските нафтени постројки, тој рече: „Знам дека нема потреба јавно да се преговара“.

Вашингтон  - Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Мајкл Мекол, вчера го повика претседателот Џо Бајден да ги забрза испораките на оружје за Израел, вклучително и бомби од 2000 килограми кои биле задржани поради грижи за човековите права.

„Ве повикувам да дејствувате веднаш за да се осигурате дека сите испораки на оружје за Израел, вклучително и бомбите од 2.000 фунти, ќе бидат забрзани за поддршка на нашиот сојузник“, напиша Мекол во своето писмо до Бајден.

Вашингтон – Поранешната конгресменка на Републиканската партија, Лиз Чејни синоќа учествуваше на предизборен митинг во Рипон, Висконсин, за поддршка на противкандидатката на потпретседателката и кандидатка на Демократската партија Камала Харис.

Чејни изјави дека поранешниот претседател на САД и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп „не е способен да ги води САД“.

Лиз е ќерка на поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни за мандатот на Џорџ Буш помладиот.

Лиз и Дик Чејни се најистакнатите републиканци кои ја поддржуваат Харис. 

Порт-о-Пренс – Најмалку 11 луѓе загинаа, а десетици се повредени во нападот на вооружената банда Гран Гриф во градот Понд-Сонде на Хаити.

Бандите на Хаити се обидуваат да го прошират своето влијание надвор од главниот град Порт-о-Пренс врз Понт-Сонде. Поради насилствата речиси илјадници жители го напуштија градот.

Понт-Сонде е лоциран во регионот Артибонит каде што се произведува најмногу ориз, влошува кризата со глад.

Десетици илјади Хаиќани од екстремно насилство и сиромаштија бегаат во Доминиканската Република. 

Газа - Највисокиот лидер на Хамас надвор од Газа изјави за Би-Би-Си дека кризата што ја предизвика неговата организација на Блискиот Исток, која доведе до илјадници смртни случаи низ целиот регион во изминатата година, е оправдана.

На прашањето на меѓународниот уредник на Би-Би-Си, Калил ал-Хаја, заменик-лидерот на Хамас, негираше дека борците на Хамас целеле цивили за време на нападот на 7 октомври минатата година.

Околу 1.200 луѓе, главно израелски цивили, беа убиени, а повеќе од 250 однесени во Газа како заложници. Велика Британија и други влади го прогласија Хамас како терористичка организација.

Тел Авив - Израелската армија (ИДФ) соопшти дека од Либан кон Израел истрелани се околу 20 ракети.

Ракети се истрелани врз израелските области Хаифа и  Галилеја, од кои поголемиот број биле пресретнати, а другите погодиле ненаселено подрачје.

Израел извршува воздушни напади врз цели на Хезболах, а на 1 октомври почна и копнена операција во јужниот дел на Либан.

Киншаса – Најмалку 78 луѓе се удавија откако се преврти брод со 278 патници во езерото Киви во Демократска Република Конго, соопшти гувернерот на провинцијата Јужен Киви, Жан Жак Пуриси.

Преоптоварениот брод потонал на само неколку метри од пристаништето во Китуку.

- Потребни се најмалку три дена за да се добијат точните бројки, сè уште не се пронајдени сите тела, посочи Пуриси.

Ова е уште една смртоносна бродска несреќа во централноафриканската земја.

Техеран – Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи денеска ќе ја води петочната молитва и ќе има одржи проповед.

Тоа ќе биде негова јавна проповед по речиси пет година, а ќе се одржи три дена пред годишнината од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Ајатолахот, кој ја има највисоката моќ во Иран, проповедта ќе ја одржи во џамијата Голема Мосала на Имам Хомеини во центарот на Техеран.

Молитвата ќе уследи по комеморацијата за убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала.

Токио - Светот е повеќе поделен од кога било и подготвен за конфронтација, изјави новиот јапонски премиер Шигеру Ишиба во својот програмски говор пред Парламентот, пренесоа светските агенции.

-Денешна Украина може да биде предупредување за тоа што може да се случи утре во Источна Азија, рече тој.

Ишиба го постави реторичкото прашање зошто разубедувањето не функционира во Украина.

Тој додаде дека ако се земе предвид ситуацијата на Блискиот Исток, меѓународната заедница станува се поподелена и подготвена за конфронтација.

Пјонгјанг - Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун изјави дека земјата нема да се двоуми да прибегне кон сите расположливи напаѓачки сили, вклучително и нуклеарни, доколку непријателот се обиде да го загрози нејзиниот суверенитет, пренесе севернокорејската агенција КЦТА.

Ким го критикуваше јужнокорејскиот претседател  Јун Сук-Јол за заканите упатени кон Северна Кореја, тврдејќи дека тие покажуваат кој ја загрозува регионалната безбедност и мирот.

КЦТА пренесува дека Ким ги направил овие коментари за време на воената обука на специјалните единици.

Остани поврзан