• недела, 29 септември 2024
МИА Радио флеш

5 јули 2024 

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку социјалната мрежа „Фејсбук“ најави  германско-белгиска инвестиција. Станува збор за германската компанија ЕПСОТЕХ која во партнерство со белгиската АИМ ќе инвестира во изградба на нов производствен погон во земјава, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра. - Објектот ќе биде лоциран во општината Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија. Со градежни активности се започнува на крајот на август, а за една година се планира вработување на повеќе од 110 наши сограѓани. Toa што е значајно дека дел од инвестицијата е и Центар за истражување и развој што дава голема додадена вредност на истата и ќе значи ангажирање на високо стручни вработувања, напиша Мицкоски на Фејсбук. 

-Директорката на државниот испитен центар Билјана Михајловска денеска на прес конференција информираше дека годинашната средна оценка на матурата е 3,25 и како што потенцираше, иако е пониска од претходните години, сепак е одлична оценка по однос на објективноста. -Оценката можеби е малку пониска, меѓутоа споредено со она што сме го имале минатата година како начин на фунцкионирање, можам да кажам дека е одлична оценка по однос на објективноста, рече Михајловска.

-Во рамки на акциската контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возачи кои управуваат со возила со брзина поголема од дозволената, полицијата казни 223 возачи. Од нив, како што соопшти МВР, 20 возачи управувале со возилата со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а осум со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 114 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 109 надвор од населено место.

-Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги отфрли како неточни наводите на весникот Нова во текстот со наслов „Грушко брзо ја напушти Србија, Путин не сакаше да му се јави на Вучиќ“ и порача дека се што е напишано е лага, и да Србија има многу коректни односи со Русија. Се огласи и Министерството за надворешни работи со порака дека текстот на Нова е дезинформација, јави дописникот на МИА од Белград. -Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, набргу по средбата со Александар Вучиќ во Белград ја напушти Србија, незадоволен од епилогот на средбата, пишува Нова.рс., наведувајќи го како причина одговорот на Вучиќ на прашањето како српското оружје завршува на украинскиот фронт т.е дека Србија нема влијание каде по продажбата ќе заврши нејзиното оружје. На руската страна не и се допаднало и тоа што дводневната посета на Грушко се одвивала без соодветно медиумско покривање, што официјален Белград го објаснил со фактот дека се под голем притисок од Западот.

-Правилата за проверка на патниците на турските аеродроми се заоструваат. Турскиот Парламент доцна синоќа ги усвои измените на законот за цивилна авијација, со кои се заоструваат процедурите за проверка на патниците на аеродромите, пренесува турски информативен сајт. Новите правила ќе бидат во согласност со Конвенцијата за меѓународно цивилно воздухопловство (Конвенција од Чикаго), која им овозможува на службениците за безбедност да ги претресуваат работите на патниците на влезот на терминалот и на влезот во зоната за бординг. Ова се однесува и на личниот багаж и на електронските уреди.

-Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас ќе го посетат седиштето на европската операција „Аспидес“ (Штитови) во Лариса, додека пак утре ќе бидат во Џибути во посета на грчката фрегата што учествува во конкретната операција во Црвеното море, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерството за одбрана на Грција соопштија дека Дендиас и Борел денеска ќе имаат средба во Атина, а потоа ќе го посетат грчкиот град каде што е и седиштетот на „Аспидес“ и ќе бидат информирани за активностите.

-Управата на аеродромот во италијанскиот град Катанија соопшти дека дел од аеродромот денеска ќе биде затворен поради големото количество пепел создадено од активноста на вулканот Етна. Секторите Б2 и Б3 ќе бидат затворени за сообраќај, се наведува во соопштението, а пренесува италијанската новинска агенција Анса. Еруптивната активност на Етна заврши утринава, но беше исфрлена голема количина пепел.

-Се очекува британскиот премиер Риши Сунак, чија конзервативна партија претрпе пораз од лабуристите на вчерашните избори, во следните неколку часа и формално да поднесе оставка пред кралот Чарлс, јави Би-Би-Си. Сунак денеска се враќа во Лондон, каде наскоро ќе треба да се сретне со кралот Чарлс, откако вчера успеа да го задржи своето парламентарно место во Јоркшир.  По оставката на Сунак, се очекува кралот Чарлс официјално да побара од лидерот на лабуристите Кир Стармер да формира влада.

-Опасноста од закани од терористички напад во Белгија ќе остане на третото на ниво најмалку до крајот на летото, соопшти директорот на белгиската Координативна единица за анализа на закани (ОЦАД), Герт Веркаутерен. - Тоа значи дека Белгија се соочува со сериозна закана. Таквата состојба не се очекува да се промени пред крајот на летото, изјави Веркаутерен. Третото нивото на закана од напади во земјата беше воведено во октомври минатата година, кога азилант, кој тврдеше дека е припадник кон терористичката група Исламска држава, со истрели од огнено оружје усмрти двајца шведски навивачи во Брисел, во пресрет на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и Шведска. 

-Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во текот на ноќта уништило 50 украински беспилотни летала во руските региони Ростов и Крастодар, како и во јужниот украински регион Запорожје, што Москва го има анектирано. „Во текот на ноќта кога режимот на Киев се обиде да изврши терористички напади врз Руската Федерација, руската противвоздушна одбрана уништи 14 беспилотни летала на територијата Краснодар, 26 над регионот Запорожје и десет над Ростов“, соопшти Министерството за одбрана преку каналот Телеграм. Иако Москва тврди дека го анектирала регионот Запорожје во јужна Украина, руската војска не го контролира целосно регионот.

-Американскиот претседател Џо Бајден последните денови се соочува со притисок од некои големи демократски донатори кои јавно предупредија дека ќе го укинат финансирањето доколку Бајден не биде сменет како кандидат на партијата по неговиот настап на дебатата минатата недела. Меѓу донаторите кои предупредија дека ќе укинат средства се Абигејл Дизни, наследничка на семејното богатство на Дизни, холивудскиот продуцент Дејмон Линделоф, холивудскиот агент Ари Емануел и филантропот и претприемач Гидеон Стајн, јави Би-Би-Си. Бајден се обидува да ја спаси својата кандидатура овој викенд, а тоа го вклучува и денешното телевизиско интервју во ударен термин и организација на собир во Висконсин.

Се поголем број мигранти и бегалци тргнуваат на опасни патувања од Африка до јужните брегови на Средоземното Море, а на патот се соочуваат со зголемен ризик од киднапирање и кражба на органи, покажува најновата студија на Обединетите нации. Втората рута, која води преку Сахара кон север, се смета дека е двојно посмртоносна од рутата преку Медитеранот, каде, сепак, повеќе од 800 луѓе веќе се удавиле оваа година, според податоците од студијата.

 

Остани поврзан