• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио Флеш

26 септември 2024 

-Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека му е одземена можноста да свика седница на собраниска Комисија за која веќе била свикана. Потенцира дека останува во доменот на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади да одлучи за измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства. -Мене ми е одземена можност да свикам седница која е веќе свикана во одреден ден кога се требало да се постапи по тоа прашање. Така да, тоа останува во доменот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади да одлучи за Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, рече тој.

-Претседателот на Собранието, Африм Гаши не сакаше да ги коментира информациите дека Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ и тоа што земјата во процесот се одделува од Северна Македонија. Потенцира дека тој дел останува во доменот на политичките партии. -Не би сакал да навлезам во дневна политика. Значи тој дел останува во доменот на политичките партии. Така да, не би сакал да коментирам, рече спикерот Гаши по денешниот брифинг со новинарите. Гаши потенцира дека сепак функцијата претседател на Собрание е да се грижи за носење на закони и примена на Деловникот, законите и Уставот на државата. 

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека уште кога бил во посета на Брисел било најавено дека најверојатно Албанија ќе ги почне преговорите и ќе се одвои од земјава, но нагласи дека тоа е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во, како што рече над дводецениски пат кон интеграција во ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, а кои најчесто немаат никаква врска со Копенхагенските критериуми. Тој и посака многу успех на соседна Албанија брзо да го заврши преговарачкиот процес и како, што рече, можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“. -Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше се, мафташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски остапки без гаранции да прифаќаме услови, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, по посетата на Фондот за здравствено осигурување.

-По вчерашната одлука на Уставниот суд да се укине одредбата за застарување за извршувањето на долговите и реакцијата на  здруженијата кои побараа помош од владата, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека како влада се отворени да се сретнат со здруженијата за да најдат решение. -Владата е отворена да се сретне со здруженијата и да најдеме заедничко решение за ова за кое тие велат дека претставува должничко ропство. Жалам и штета е што во минатото се правени набрзина законски изнудени решенија коишто ете, за жал, паѓаат на Уставен суд и се носат различни мерки итн. Затоа понекогаш човек треба да остави работите да издигестираат за да може да направи чекор напред. Ако сме брзоплети, ќе ни се случуваат вакви работи, изјави Мицкоски при посетата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). 

-Остануваме посветени на евроинтегративниот пат, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, одговорајќи на новинарско прашање во врска со ставот на „Вреди“ и Владата по информацијата од Брисел дека Албанија на патот кон ЕУ ќе се одвои од земјава за која услов се уставните измени. -Прво да почекаме официјални информации. Владата и „Вреди“ остануваат посветени на ова прашање кое е еден од врвните приоритети во нашите политики. Се надевам дека брзо ќе најдеме решение, истакна Меџити на прес-конференција.

-Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ивана Гиновска денеска, во пресрет на претстојните есенски и зимски месеци, најавија засилени контроли на квалитетот на воздухот. Контролите ќе почнат, како што рекоа, од најголемите индустриски производни капацитети, а први ќе бидат оние во скопскиот регион. Работните тимови ќе спроведуваат увиди на терен и надзор на издадените интегрирани еколошки дозволи. Целта е, нагласи Меџити, да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на капацитетите. Според него, Владата сака навреме да стартува со активности за ублажување на последиците од загадувањето. 

- Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, денеска го презентираше планот за намалување на долгот на Јавно здравствените установи. Како што посочи Клековски, долгот на ЈЗУ во земјава изнесува пет милијарди денари, а само на почетокот на годинава бил зголемен за една милијарда. Долг, кој рече, можеше да го загрози редовното работење на здравствените установи и да доведе до блокирање на сметките на некои здравствени установи. Клековски, денеска пред премиерот Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Фондот, истакна дека благодарение на ребалансот на Буџетот, долгот ќе биде намален за две милијарди денари, со што, рече, ќе биде донесен на едно одржливо ниво.

- Во 2023 година вкупните приходи во радиодифузната индустрија изнесувале 2.458.000 денари, а вкупните трошоци 2.708.000 денари. Резултатот од работењето на сите субјекти на пазарот покажува загуба од 261 милион денари, при што  загубата на јавниот сервис изнесувала 132 милиони денари, а на комерцијалните телевизии 140 милиони денари. Добивка оствариле само комерцијалните радија која изнесувала 10 милиони денари. Тоа го покажуваат наодите од Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година, претставени денеска на третиот јавен состанок на Агенција за аудио и аудиомедиумски услуги.

-Четирите најавени локомотиви од „Србија Карго” пристигнаа во Македонија и веднаш ќе бидат ставени на располагање и во функција на „Македонски железници”, објави денеска министерот за односи помеѓу заедниците Иван Стоиљковиќ. Станува збор за четири локомотиви за товарен сообраќај што, како што наведува во објавата на Фејсбук, ќе бидат од суштествено значење за непречено фунционирање на товарниот сообраќај низ Македонија, преку Србија, до земјите од Европската Унија.

-Иницијативниот одбор на проектот „Стоп на политичкиот терор и прогон“ денеска одржа презентација на проектот чија главна цел е слобода за осудените за „27 април“. Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат. Едната фаза е ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече. „уставобранителите“. 

 -Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата, изјави на прес-конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче, откако амбасадорите на државите-членки на ЕУ вчера донесоа одлука Албанија да ги продолжи преговорите и да се раздвои од Северна Македонија на патот кон Европската Унија. -Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства, и на уште една цела нова генерација, рече Филипче, додавајќи оти „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“. 

- Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Северна Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува БТА. Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.

-Европската комисија со нетрпение очекува што е можно поскоро почеток на преговорите по поглавја со Албанија и Северна Македонија, изјави портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро во однос на одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја. - Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот, изјави Писонеро во одговор на прашањето за ставот на ЕК за „раздвојувањето“ на Тирана и Скопје на европскиот пристапен пат. 

- Папата Франциск денеска ги повика лидерите на Луксембург, мала нација со развиена економија и најголем број милионери по жител во светот, да им помогнат на земјите во развој. Папата, кој е во еднодневна посета на земјата, рече дека зголемувањето на помошта може да помогне да се ограничи протокот на бегалци и мигранти во Европа. - Да не заборавиме дека поседувањето богатство вклучува и одговорност. Повикувам на постојана будност за да им се помогне на најсиромашните народи да излезат од сиромаштијата, рече папата на собирот на политички и граѓански претставници.

-Велика Британија денеска соопшти дека санкционирала пет нови бродови и две други бродски компании како дел од режимот санкции против Русија. Претходно овој месец, Велика Британија воведе санкции за уште 10 бродови од таканаречената „флота во сенка“ на руски бродови, за што наведува дека користи нелегални практики за да ги избегне западните ограничувања за руската нафта.

-Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му се заблагодари на американскиот претседател Џозеф Бајден и на двете партии во американскиот Конгрес, откако беше објавено дека САД ќе испратат воена помош на Киев во вредност од речиси осум милијарди долари и ќе воведат нови санкции против Русија. „Во име на украинскиот народ и нашите храбри воини на фронтот, му благодарам на нашиот најблизок сојузник, Соединетите Американски Држави, што најде начин да ја отстапат преостанатата безбедносна помош во Украина и да обезбедат претседателските овластувања да траат до крајот на фискалната година во САД“, напиша Зеленски на мрежата Икс.

-Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека Хезболах лансирал 45 ракети врз градот Акре на северот на Израел, додека израелските авиони продолжиле да ги гаѓаат целите на либанската милитантна група во Либан. ИДФ соопшти дека некои од 45-те ракети биле пресретнати од израелската противвоздушна одбрана, додека останатите паднале на отворени области и дека нема повредени.

-Израелската армија соопшти дека изведува „прецизни воздушни напади“ врз главниот град на Либан, Бејрут. Според израелските медиуми се чини дека главна цел на нападот во Бејрут е командант на Хезболах. Во јужните предградија на либанската престолнина се гледа чад и се слушаат звуци од експлозии, велат очевидци. 

Остани поврзан