• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

27 септември 2024

Скопје – Унгарија е подготвена да го искористи Претседателството со ЕУ и да посредува во прашањето со Бугарија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочувајќи дека има предлог што му го презентирал на премиерот Христијан Мицкоски. Одвојувањето од Албанија, Орбан го оцени како голема грешка и порача дека „Вие до крајот на годината мора да ги започнете преговорите за зачленување во ЕУ“.

Моментално, како што посочи Орбан, навистина изгледа дека придвижување на Северна Македонија е можно „ако на некој начин да се спогоди со Бугарија“. 

- Јас за тоа имам свој предлог и го пренесов на премиерот. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник. Тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение, такво какво што одговара и на Македонија и на Бугарија. Но, тоа е работа на страните кои се во судир, ние сме тука да им помогнеме, изјави Орбан, одговарајќи на новинарски прашања на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски. 

Во однос на одвојувањето од Албанија, Орбан рече дека „тешко е тоа да се разбере од една нација постојано да ги залажуваат со започнување на преговорите за членство, а потоа сите оние држави со кои заедно тргнаа во овој процес напредуваат, а нив ги држат во позадина“. 

Скопје – Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година и заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење. Хрватска веќе е членка на ЕУ, а со Северна Македонија уште не се започнати преговорите за зачленување. Ова е огромна грешка од страна на ЕУ, што би ја карактеризирал како историска и сега може да се стави на квадрат, бидејќи Северна Македонија ќе биде ставена зад Алабанија, за што не гледам никакви причини, изјави денеска во Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја во моментов претседава со ЕУ.

Тој денеска даде предлог Унгарија да биде посредник меѓу Скопје и Софија да најдат решение за спорот. Нагласи дека овој предлог му го презентирал на премиерот Христијан Мицкоски. 

-Имам предлог за спорот со Бугарија. Подготвени сме за тоа да посредуваме во ова прашање. Унгарија да биде посредник во спорот меѓу двете држави, да се најде решение кои ќе им одговара на двете страни, рече Орбан на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

Најважната тема на денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски, посочи Орбан, било зачленување на Македонија во ЕУ и Унгарија како претседавач на ЕУ.

-Ставот на Унгарија е добро познат. Многу е важно стабилноста на Западен Балкан и интеграцијата во ЕУ. Зачленување на една држава не е проблем и предизвик, туку една огромна можност. За сите држави кои се веќе членки на ЕУ, така и за Унгарија. Сите видовме дека со зачленување сите добивме многу напредок, но ЕУ во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување и тоа е најдобар начин, изјави Орбан.

Скопје – Кинески заем и кинески пари не можеме да даваме, бидејќи Унгарија со Кина има договор сите пари кои доаѓаат од Кина да одат на конкретни проекти за развој во Унгарија, истакна денеска во Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан.

-Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме, рече Орбан во одговор на новинарското прашање дали парите од унгарскиот заем во висина од 500 милиони евра се кинески или унгарски, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Охрид. 

Од аспект на Унгарија, како што кажа, економијата не е најважно прашање меѓу нашите две држави, туку е второстепено. Примарно прашање е националната безбедност и борбата против миграцијата.

-Во Унгарија сите прашања ги решаваме од аспект на безбедноста и имаме поразвиена соработка со земјите кои се побитни за нашата национална безбедност. Северна Македонија не е само пријателска земја на Унгарија, туку и многу важна држава за безбедноста на Унгарија, бидејќи се наоѓате на мигрантската рута. Доколку има потреба, имаме волја да ви помогнеме на сите начини, порача Орбан.

Охрид – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пред медиумите во Охрид истакна дека официјалната политика на Унгарија е да биде на страната на силен претседател на САД, кој ќе биде во служба на мирот во светот.

Орбан на прес-конференцијата одржана по средбата со македонскиот колега Христијан Мицкоски во контекст на прашање на новинарите потсети дека Унгарија уште во 2015/16 година била отворен поддржувач на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој нагласи дека Унгарија нема намера да се меша во внатрешните работи на САД, но ја истакна улогата што ја имаат САД како еден од клучните играчи на светската политичка сцена и воопшто во светскиот мир.

- Доколку на чело на САД се наоѓа претседател кој сака војна, тогаш во светот ќе има војна. Кога во САД има претседател кој е против војна, тогаш војна нема да има. Кога во Вашингтон има силен претседател, тогаш војна нема да има. Искуството ни говори дека кандидатот Трамп, кој веќе беше претседател, е на страната на мирот. Унгарија би сакала САД да ги води претседател кој се залага за мир во светот, посочи Орбан.

Скопје – Министерот за правда Игор Филков на денешната билатерална средба во Охрид со неговиот унгарски колега Бенце Тузсон, ја потенцираше важноста на поддршката од Република Унгарија во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ.

Како што информираат од Министерството за правда, унгарскиот министер Тузсон посочил дека нашата држава мора да го следи патоказот во врска со пристапот кон ЕУ и да го забрза процесот на хармонизација на националните закони согласно со легислативата на унијата.

- Министрите потенцира дека не постојат проблеми во однос на меѓународната правна помош во кривични и граѓански предмети меѓу двете држави, известуваат од Министерството за правда.

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид оствари билатерална средба со својот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, кој е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбан, која е во дводневна посета на нашата земја, соопшти Министерството за култура и туризам.

Министрите Љутков и Ханко потврдиле дека оваа посета и денешната средба се уште еден значаен момент во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено, како што рекле, за македонско-унгарска соработка во областа на културата и туризмот преку конкретни активности.

-Република Северна Македонија и Унгарија во наредниот период ќе отворат ново поглавје во развојот на културните врски меѓу двете држави и ќе настојуваме тоа да резултира со низа проекти и иницијативи. Ќе работиме на обновување и унапредување на соработката во областа на културата, на програмата меѓу надлежните државни органи, но и на документ за регулирање на соработката во областа на туризмот меѓу институциите од оваа сфера од двете држави, рекол Љутков по средбата. 

Скопје - Со спроведување на анкета помеѓу наставниците и учениците од трета и четврта година во средните гимназиски училишта, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието го започнуваат процесот на унапредување на квалитетот на гимназиското образование и негово усогласување со европските образовни стандарди.

-Повеќе од 20 години гимназиското образование е непроменето и неопходна е потребата од прилагодување на глобалните трендови и стандардни, како и на општествените текови. Во таа насока, преку анкетни прашалници за наставниот кадар и учениците во гимназиите, МОН и БРО ќе ги идентификуваат актуелните предизвици, но и силните страни на постојниот систем на гимназиско образование, соопшти МОН. 

Со спроведување на реформа на гимназиското образование,како што посочуваат од МОН, се отвораат бројни можности за подобрување на квалитетот на наставата и учењето, како за учениците, така и за наставниците. 

Скопје - На Детската клиника и на Инфективната клиника нема згрижено деца од основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ кои имаат симптоми на труење со храна. Информацијата за МИА ја потврдија од двете јавни установи.

Деца кои учат во ова училиште во скопската општина Аеродром, се пожалиле на стомачни тегоби со дијареа и повраќање. 

Директорот на училиштето Александар Филипчев попладнево изјави дека од 360 ученици кои добиваат храна во целодневна настава, околу 140 се со исти или слични симптоми.

- Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк, појасни Филипчев во изјава за медиуми.

Случајот, како што изјави, е пријавен до сите надлежни институции и извршен е вонреден инспекциски надзор. 

Нанси - Три филмови на македонски режисери ќе бидат прикажани на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси (ФИФН), во рамки на програмата „Aye Aye Cinema Express“, што се одржува од 25 до 29 септември годинава.

Според програмата, ќе биде прикажан филмот „Џипси Меџик“ на режисерот Столе Попов, кој во 2016 година на барање на еден од главните актери на филмот Предраг – Мики Манојловиќ беше повторно преведен и титлуван на француски јазик и повторно и беше прикажан на француската публика, која и му ја додели наградата на публиката.

Во селекцијата на фестивалот се наоѓа и краткометражниот филм на Марко Ѓоковиќ „Еклер“, кој во 2017 година ја доби Големата награда на фестивалот за краткометражен филм.

Француската публика исто така ќе има можност повторно да го открие и краткометражниот експериментален филм на Милчо Манчевски   „Kрајот на времето“.

Скопје – Бендот „Дивље јагоде“ вечерва во Скопје ќе одржи концерт на кој ќе го претстави новиот албум „Прати моје старе трагове“. 

Како што иформираше членот Зеле Липовача, на концертот што ќе се одржи со почеток од 21 часот во Филхармонија на Македонија ќе има и unplugged дел, а ќе биде изведена и песната „Македонски девојче“.

- За секој успешен бенд кој трае долги години, не се важни годините колку свират, првиот албум, број на концерти, важно е за тој бенд дека постојат песни кои публиката ги чувствува, може да ги поместат нашите емоции и дека постојат песни на кои секогаш се враќаме, рече тој.

Скопје - Средношколци од четири училишта во земјава денеска во рамки на Осмиот медиумски ден за средношколци ја посетија Медиумската информативна агенција која трета година по ред се вклучува во оваа активност со цел да се подигне свеста кај младите генерации за медиумската писменост.

Учениците од СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје, СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, СУГС „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и ОСЕУ „8 Септември“ од Тетово се запознаа со начинот на кој работи МИА, како се изработуваат и  дистрибуираат вестите и како се проверува дали некоја вест е лажна или не. Учениците беа запознати и со тоа дека вестите на МИА можат да ги најдат и на социјалните мрежи.

Брисел - Европската Унија го поддржува напорот за наоѓање решение за блискоисточниот конфликт преку формирање две држави – една за Израел и една за Палестина, соопшти портпарол на Европската комисија на прес-конференција, одговарајќи на прашање во однос на најновата иницијатива на Саудиска Арабија претставена во ОН.

Алијансата предводена од Саудиска Арабија има за цел да создаде услови за обновување на преговорите меѓу Израел и Палестина, истакна портпаролот.

Претходно денеска, Саудиска Арабија ја претстави Иницијативата.

- Денеска, во име на арапските и исламските нации, заедно со нашите европски партнери, го најавуваме лансирањето на Меѓународниот сојуз за спроведување на решението со две држави. Ве покануваме да се приклучите на оваа иницијатива,изјави саудискиот министер за надворешни работи, Фаисал бин Фархан, на министерскиот состанок посветен на палестинското прашање и напорите за мир.

Њујорк - Членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и претставниците на земјите-членки на Арапската лига се согласија на неформални консултации во Њујорк за неопходноста од итен прекин на огнот на Блискиот Исток, и во Појасот Газа и во Либан, изјави по состанокот словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. 

„Како претставник на Словенија, ќе кажам дека сме многу загрижени за развојот на настаните на Блискиот Исток. Од почетокот на војната во Газа, Словенија предупредува дека може да се прелее и насилството во Либан да доведе до за војна во регионот“, изјави Фајон по состанокот кој беше затворен за јавноста.

Таа додаде дека ги повикала сите влијателни земји да го зголемат притисокот за прекин на огнот и повлекување на Израел од палестинските територии.

Брисел - Во првите шест месеци од оваа година вкупниот извоз на прехранбени производи во ЕУ достигна 116,4 милијарди евра, што претставува зголемување за 1,1 милијарди евра или еден отсто во однос на истиот период лани, покажува Извештајот на Европската комисија за извозот во земјоделско-прехранбениот сектор на Унијата објавен денеска. 

Според Извештајот, во посочениот период ЕУ остварила суфицит во надворешната трговија со храна од 33,7 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,5 милијарди евра споредено со првите шест месеци во 2023 година. 

Само во јуни годинава извозот на храна во ЕУ достигнал 18,9 милијарди евра, што претставува намалување од пет проценти во однос на претходниот месец и пад за четири проценти споредено со јуни 2023 година.  

Брисел - Европската комисија (ЕК) им даде на Турција и Германија рок од шест месеци да постигнат компромис околу спорот за донер кебапот, објавува британскиот магазин „Економист“.

Турција побара од Европската Унија заштитен статус за донер кебапот, бидејќи рецептот на ова популарно јадење во Германија значително се разликува од традиционалната варијанта.

Донер кебапот се појави во Германија во 70-тите години од минатиот век, кога во земјата пристигнаа голем број работници од Турција.

Класичниот рецепт, кој Турција сака да го заштити, вклучува месо, ориз, домати и лути пиперки, кои се сервираат во пита леб.

Во Европа, донер кебапот најчесто вклучува зелка, зелена салата и сосови, вклучувајќи лук и се завиткува во лаваш.

Белград - Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ зборувајќи за арсеналот на оружје пронајден вчера во гаража во Нов Белград, изјави дека тоа е „очигледно“ подготвувано за извршување на тешки кривични дела и дека е осомничена криминална група која тоа логистички го подготвувала и која дејствува и во странство, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што појасни Дачиќ, сопствениците на гаражата каде што е пронајдено оружјето ја изнајмиле гаражата на некои луѓе, а бидејќи не можеле да стапат во контакт со закупецот, отишле да видат што се случува и го нашле оружјето, по што се јавиле на полицијата.

Брисел - Папата Франциск се најде под притисок на белгискиот крал и премиер да преземе поконкретни акции во врска со сексуалната злоупотреба од страна на католичките свештеници, прашање кое доминира во неговата посета на Белгија.

Кралот Филип и премиерот Александар Де Кро на тој проблем предупредија на невообичаено отворен начин за патувањата на папата во странство, кои секогаш се внимателно организирани настани.

Кралот му рекол на папата дека на Црквата и требало „многу долго време“ за да почне да се справува со скандалите. Де Кро додаде дека „треба уште многу да се направи“ и дека „зборовите не се доволни“.

– Мора да се повлечат конкретни потези, рече премиерот.

Во фокусот на посетата на папата Франциск на Белгија треба да биде 600-годишнина од постоењето на двата католички универзитети. Но, телевизиските документарни серии и парламентарната истрага го привлекоа вниманието на тоа како Црквата се справува со педофилските скандали.

Остани поврзан