• сабота, 21 декември 2024
МИА  Флеш

27 септември 2024

- Повеќе од 60 експерти од дваесеттина научни и професионални институции од 11 држави учествуваат во работата на 17.  Меѓународна научна конференција за услужен сектор (International Scientific Conference on Services Sector – INSCOSES 2024) што во организација на Факултетот за туризам и угостителство се одржува во Охрид.

Организаторите посочуваат дека се работи за еден од најзначајните научни настани во Охрид оваа година, со големо влијание на развојот на научната мисла, иновациите и решавањето на предизвиците во услужниот сектор, не само во нашата земја туку и на глобално ниво.

- Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, остварил средба со група просветни работници од земјава, кои предаваат на босански јазик.

Како што соопштуваат од Кабинетот на Стоилковиќ, на средбата присуствувале и директорот на Управата за унапредување на образованието на јазиците на заедниците Мирослав Тричковиќ и советникот за босански јазик при Управата Исмаил Демировиќ.

- Преку медиумска писменост до активна партиципација во општеството, Институтот за комуникациски студии има долги години активности за медиумска писменост, како модел, форма на активно граѓанство. Ова го истакна денеска Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, во изјава за МИА, пред почетокот на панел - дискусијата насловена: „Зошто граѓанска наука во образованието?“, организирана од Здружението на граѓани „Еко логик“ од Скопје.

Таа се осврна на вештините што се потребни, умеење за пребарување и пристап до информации, анализирање и критички пристап кон тоа што се чита, гледа, слуша, умешност за сознавање на тоа како медиумите влијаат на нас, а како ние кон нив во тој општествен контекст, создавање медиумски содржини за да може поединец или група, заедница, да твори и изрази свои барања, умешност да се користат медиумите за граѓанска вклученост, активна партиципација во општеството, да се покрене одредена иницијатива, да се смени регулатива, да се смени нешто во заедницата. 

- Моника Зафировска е добитникот на годинашната награда „ВАВИЛОН - Нова генерација“ за најдобар студентски превод што ја додели вчера Делегацијата на ЕУ во земјава, во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, по повод Европскиот ден на јазиците.

Зафировска ја доби наградата за нејзиниот превод на дел од „Песната на Пророкот“ од Пол Линч, од англиски на македонски јазик. Наградата се состои од студиско патување поврзано со преводот, како и објавување на победничкиот превод во Годишните собрани трудови на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.Наградата ја додели амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас.

 - Нов Договор за соработка потпишаа гувернерката на Народната банка (НБ), Анита Ангеловска-Бежоска и в. д. директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков. Со Договорот, како што информира НБ, се проширува опфатот на податоците што се разменуваат, се олеснува и се осовременува начинот на таа размена, а истовремено се скусуваат и роковите за доставување податоци.

-Сето ова ќе придонесе за исполнување на статистичките барања на европските и меѓународните институции и подготовка на квалитетни, веродостојни и навремени статистички податоци. Квалитетната статистика е клучна за процесот на носење добри одлуки и за водењето солидни економски политики. Оттаму, функционалниот статистички систем и соработката помеѓу институциите од тој систем се од суштинско значење за осмислувањето на јавните политики, но и за носењето деловни одлуки од приватниот сектор. Потпишувањето на новиот Договор за меѓусебна соработка и размена на податоци и публикациски материјали помеѓу Народната банка и Државниот завод за статистика, со кој понатаму се унапредува досегашната соработка на овие две институции е од особено значајно за функционалноста и ефикасноста на домашниот статистички систем, што го исполнува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, наведува Банката.

- Изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта, односно поврзување на Македонија преку брза пруга со пристаништата во Грција и со земјите од Централна Европа била главна тема на средбата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и  министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар. Средбата е во рамки на работната посета на Македонија од страна на делегацијата на Владата на Унгарија која ја предводи премиерот Виктор Орбан.

-Ова е проект што ќе донесе големи придобивки за сите земји од регионот, ќе го зајакне економскиот развој и соработка меѓу земјите и ќе овозможи сигурен и брз транспорт на патници и производи. Го фаќаме последен чекор Македонија да се приклучи на напредните технолошки достигнувања во железницата во регионот и затоа овој проект е приоритетен, не само за нас туку за сите земји долж Коридор 10, истакнал Николоски.

- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска во Охрид остварил билатерална средба со министерот за внатрешни работи на Република Унгарија, Шандор Пинтер.

На средбата, соопштија од МВР, било разговарано за повеќе прашања од заеднички интерес на двете држави, особено за соработката во борбата против илегалната миграција и криминалот со криумчарење на лица.

 - Заменикот-претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски денеска во Охрид оствари билатерална средба со вицепремиерот на Унгарија Золт Семјен во рамките на меѓувладината седница меѓу Република Северна Македонија и Република Унгарија.

Соговорниците, како што соопшти Владата на РСМ, разговарале за повеќе актуелни теми при што заклучиле дека двете држави споделуваат исти традиционални вредности во многу сфери, пред сѐ во делот на проширувањето на Европската унија, економијата и слободата на вероисповест и правото на верско изразување.

 – Во два одвоени случаи, едниот во близина на островот Кос, другиот во близина на Пелопонез, спасени биле 85 бегалци и мигранти, а било извлечено и безживотното тело на една жена, според информациите од крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Жената загинала во морскиот дел југоисточно од Кос, откако се превртил чамец со 16 лица, а останатите 15 биле спасени и пренесени на пристаништето на островот.

- Седумгодишно момче е убиено во државата Утар Прадеш во северна Индија за време на ритуално принесување жртва за да му „донесе среќа на своето училиште“, поради што се уапсени пет лица, меѓу кои таткото на момчето и директорот на училиштето во кое тоа одело.

Телото на момчето било пронајдено во угостителскиот објект каде што живеело во Хатрас, во близина на Таџ Махал на северот од земјата, изјави полицискиот службеник Брам Синг, јави денеска француската телевизија БФМ.

- Мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на рака, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан во својот говор на 79-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Ова е мој четврти говор пред Генералното собрание на ОН и овој говор ќе се разликува многу од претходните. Главните пораки од моите претходни говори беа поврзани со ќор-сокакот во постигнувањето мир меѓу Ерменија и Азербејџан, но денес сакам да кажам дека мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на раката. На 30 август Ерменија и Азербејџан потпишаа 'Регулатива за заедничка активност на комисиите за утврдување на државната граница меѓу двете земји'“, рече Пашинјан.

- Бројот на невработени во Германија се зголеми за 17.000 во септември на вкупно 2,82 милиони, што е повеќе од очекуваното од аналитичарите на Блумберг. Тие предвидуваа зголемување на бројот на невработени за 13.500 лица.

Стапката на невработеност во Германија во септември изнесуваше шест отсто, исто како и минатиот месец, се наведува во извештајот објавен денеска на германската Федерална агенција за труд. „Есенското заживување на пазарот на труд е бавно“, ги коментираше резултатите Андреа Налес, директорката на оваа организација.

 

Остани поврзан