МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
27 септември 2024
- Во Охрид се преземени сите неопходни мерки за безбедно и непречено движење на владините делегации предводени од премиерите на Северна Македонија и Унгарија. Забележително е засилено полициско обезбедување низ улиците во и надвор од градот кој го надлетуваат хеликоптери и дронови. Дислоцирани се и возилата од паркинг местата на булеварот „Турстичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“, а з време на движењето на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид - Св.Наум. Безбедносни мерки во сообраќајот ќе бидат преземени и на подрачјето на Пештани и Љубаништа. Од СВР – Охрид апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои на посочените сообраќајници ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја преводи владината делегација која од вчера е во посета на земјава. Покрај официјалниот дел, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат и цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
- Во Собранието денеска седница треба да одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно- правната комисија. На дневен ред на овие две собраниски комисии има една иста единствена точка - Предлог на законот за изменување на Законот за Царинската управа, по скратена постапка во второ читање. Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со овој Предлог се предвидува уште еден заменик-директор, со кој се доуредува раководната структура на Царинската управа и се овозможува поефективно вршење на работите од надлежност на институцијата.
- Викендов, на 28 и 29 септември 2024 година свечено ќе биде одбележан 100-годишниот јубилеј на храмот „Света Петка“ во Црниче. Како што информира Скопската православна епархија - МПЦ-ОА, свеченоста ќе почне утре со вечерна богослужба со почеток во 17:30 часот. Средишната прослава, пак, Божествената литургија ќе биде прославена в недела, со почеток во 9:00 часот.
– Со „Експлозивниот ајвар“, како што е името што му го дале на роботот, петмина средношколци од Северна Македонија и нивните двајца ментори ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ што од денеска до недела се одржува во Атина и заедно со нивни врсници од над 190 земји ќе се обидат да најдат одржливи решенија преку инженерството и роботиката за глобалните проблемите меѓу кои и справување со кризата со храна, јави дописничката на МИА од Атина. Учениците Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски, од средното училиште „Георги Димитров“, ученикот Тимотеј Николовски од „Михајло Пупин“ и Марко Јанкуловски од средното училиште „Јахја Кемал“, заедно со нивните ментори Јаков Спировски и Ален Куљеван се подготвени за предизвиците на овогодинешниот натпревар.
- Со доделување на наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ и со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, во кој кинематографер е Владимир Самоиловски, вечер во Битола завршува ИФФК „Браќа Манаки“. Тимот за филмот „Убиј ги прво децата“ претпладнево ќе биде претставен на прес конференција во фестивалскиот прес центар, а потоа ќе се одржи предавање во чест на Свен Никвист чија ѕвезда, заедно со останатите вкупно 18 се поставени и откриени на „Патека на славните“ на Широк сокак. Во текот на фестивалот кој годинава се одржува под мотото „Еден е Манаки“ беа емитувани 67 филмови во повеќе натпреварувачки категории.
- На универзитети и научните институции во 25 земји ширум Европа денеска ќе биде одбележана Европската ноќ на истражувачите, како најголем настан на континентот за спознавање на истражувачката работата од страна на граѓаните преку забавни активности. Како што соопшти Еврокомисијата, Европската ноќ на истражувачите обезбедува уникатно искуство за запознавање со истражувањата преку научно-популарни емисии, практични експерименти, игри и натпревари. - Настанот ја прикажува различноста на европските истражувања и иновации, како и влијанието што тие може да го има врз секојдневниот живот на граѓаните. Јавноста може да открие проекти од зачувување на локалниот биодиверзитет, преку истражувања на нови лекови за рак, па се до спознавање на скриените тајни на фосилите за подобро разбирање на климата на Земјата. Со фрлање светлина на ова вредно дело, како и на страста и посветеноста на истражувачите зад него, младите добиваат единствена шанса да поставуваат прашања и да ги осознаат истражувачките кариери, се додава во соопштението.
- Секоја натамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах би имала драматични последици за регионот, но и пошироко, оцени високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со најновата ескалација на тензиите на Блискиот Исток. - Европската Унија е крајно загрижена поради воениот конфликт меѓу Израел и Хезболах, што започна на 8 октомври и ескалира со неодамнешните напади во густо населените реони. Жалиме за високата цена што ја плаќаат цивилите, вклучително и децата и персоналот на ОН, и бараме почитување на меѓународното хуманитарно право во сите околности, наведува Борел во писмената изјава објавена во името на ЕУ.
– Сирени за предупредување утрово се огласија низ Тел Авив додека воздушната одбрана пресретна ракета истрелана од Јемен, соопшти израелската војска. Во објава на ИДФ на Х се вели дека милиони Израелци во централниот дел на земјата побарале засолниште по предупредувањето за ракета. Нема информации за штети или жртви. Експлозиите што се слушнале во раните утрински часови се должат на пресретнувањето на проектилот, соопшти војската. По смртоносниот напад со дрон врз Тел Авив од страна на бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, претходно оваа година, израелските воздухопловни сили го нападнаа пристанишниот град Ходеида во јули, што доведе до огромен пожар и шест загинати. Лидерите на Хутите потоа најавија нова фаза во борбата против Израел.
- Израел ги споделува целите на иницијативата предводена од САД за прекин на огнот во Либан, соопштија денеска од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Израел ги споделува целите на иницијативата предводена од САД да им овозможи на луѓето долж нашата северна граница безбедно и сигурно да се вратат во своите домови“, се наведува во соопштението од Кабинетот, додавајќи дека Израел ги цени американските напори, пишува „Тајмс оф Израел“. Израелските и американските тимови се состануваат за да разговараат за иницијативата на САД за прекин на огнот во Либан и начините за постигнување на заедничката цел за безбедно враќање на луѓето во нивните домови, а тие разговори ќе продолжат во наредните денови, се наведува во соопштението.
- Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека би било „грешка“ израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го одбие примирјето предложено за Либан. „Предлогот што е направен е солиден предлог“, рече тој на прес-конференцијата во Монтреал со канадскиот премиер Џастин Трудо, прецизирајќи дека предлогот е подготвен заедно со Нетанјаху и со САД. Нетанјаху претходно и порача на армијата да продолжи да се бори „со полна сила“ и не одговори на вчерашниот повик за примирје, соопшти вчера неговиот кабинет, откако медиумите објавија дека тој дал зелено светло за примирје со либанската милиција Хезболах.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги претстави клучните точки од „планот за победа“ за време на средбата со делегација на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес составена од претставници на републиканците и демократите. Веста за оваа средба Зеленски ја објави на својот Фејсбук профил, наведувајќи дека ги претставил клучните точки од планот што ќе овозможи зајакнување на Украина на патот кон мирот. „Ние сме во одлучувачки момент во оваа војна. Затоа ни треба навистина силен притисок и силна позиција на Украина“, рече украинскиот претседател. На средбата се разговарало и за ситуацијата на фронтот, за заштитата на енергетската мрежа, како и за подготовките на Украина за зимата.
- Американската потпретседателка и кандидатка за претседател од редовите на Демократската партија, Камала Харис, на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повиците Украина да и отстапи дел од својата територија на Русија се „опасни и неприфатливи“. Како што јавуваат американските медиуми, нејзиниот коментар е критика на сугестиите на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џеј Ди Венс, дека Украина треба брзо да склучи договор за ставање крај на војната. -Тоа не се предлози за мир, туку предлози за предавање, рече Харис. Средбата меѓу Зеленски и Харис следеше веднаш по средбата на украинскиот лидер со претседателот Џо Бајден, кој најави дополнителни осум милијарди долари помош за Украина во форма на проектили, беспилотни летала, муниција и други испораки на оружје, вклучително и една батерија на ракетниот систем Патриот.
- Најмалку три лица загинаа во невремето кога ураганот Хелена ги погоди САД, најсилниот досега што ја погодил областа Биг Бенд на Флорида. Хелена синоќа стигна во северозападна Флорида како бура од четврта категорија. Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека Хелена синоќа ја погодила областа во близина на реката Аусила во областа Биг Бенд во Мексиканскиот залив. Брзината на ветрот била 225 километри на час.Поради Хелена властите издадоа предупредувања за урагани и поплави кои се проширија во северна Џорџија и западна Северна Каролина. Повеќе од милион домови и фирми останаа без струја на Флорида и повеќе од 50.000 во Џорџија.
- Суд во Хонг Конг осуди двајца новинари кои го уредуваа продемократскиот дневен весник Стенд Њуз на затворски казни, откако беа прогласени за виновни за поттикнување бунт. Новинарите Чунг Пуи-куен и Патрик Лам објавија написи за задушувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, кој е под кинеска власт, јави Би-Би-Си. Чунг е осуден на 21 месец затвор, додека Лам беше осуден на 11 месеци, но беше ослободен од медицински причини. Издавачот на сега веќе непостоечкиот весник, Бест Пенсил, е казнет со 643 долари. Ова беше прво судење на новинари за поттикнување бунт во Хонг Конг откако Велика Британија ѝ ја предаде територијата на Кина во 1997 година. По долго судење што започна во октомври 2022 година, судијата Квок Ваи-кин Квок откри дека написите на двајцата новинари повикуваат на бунт и дека весникот Стенд Њуз станал „опасност за националната безбедност“.
- Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека денеска во Њујорк ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој им рече на новинарите дека ќе се сретне со Зеленски во кулата Трамп на 5-та авенија на Менхетен. Зеленски, кој вчера се сретна со американскиот претседател Џо Бајден и со американскиот потпретседател и кандидат на демократите Камала Харис, го продолжи престојот во САД за да се сретне со Трамп.Трамп минатата недела рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД. Сепак, официјален претставник од изборниот штаб на Трамп во вторникот за Политико потврди дека средбата не е закажана.
– Либанскиот министер за надворешни работи Абдалах Бу Хабиб вчера повика на прекин на насилството на Блискиот Исток, во апел до Генералното собрание на ОН во Њујорк. - Ова е ситуација која бара меѓународна интервенција на итна основа пред ситуацијата да излезе од контрола, со домино ефект, што ќе ја оневозможи контролата на оваа криза, рече Бу Хабиб во своето обраќање на Генералното собрание на ОН. - Иднината на нашиот народ и нашиот просперитет се загрозени, нагласи тој.Тој, исто така, ги повика Израел и милицијата Хезболах поддржана од Иран да ги преземат „сите можни мерки“ за да обезбедат прифаќање на предлогот за прекин на огнот. По неколкумесечните прекугранични престрелки меѓу израелските сили и Хезболах, кој вели дека делува од солидарност со Хамас во Газа, Израел во понеделникот почна интензивна воздушна кампања со напади врз цели на Хезболах во Либан, со што регионот сега е на работ на сеопфатна војна.
– Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика да се избере првата жена што ќе ги предводи Обединетите нации, барајќи од меѓународната организација да избере жена генерален секретар по речиси 80 години машко лидерство. Жените сочинуваат 50 отсто од секоја земја, рече Бербок на Генералното собрание на ОН во Њујорк, „но во 80 години оваа организација никогаш немала жена генерален секретар“. - Значи, ако оваа организација повикува на еднаквост и правда во светот, одамна требаше да го покажеме тоа овде во Њујорк, додаде таа. - Следниот генерален секретар на оваа организација треба да биде жена, рече Бербок. Досега имало девет шефови на светската организација, сите мажи, вклучувајќи го и актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш.