• четврток, 02 јануари 2025
МИА Радио флеш

   30 декември 2024

 

Скопје - Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за четири лица, како и предлог за мерки за претпазливост за едно лице осомничени дека учествувале во дејствија криумчарење и фалсификување исправи и службени исправи.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од нив еден не е достапен на органите на прогонот и за него притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Скопје - Вчера се извршени 10 претреси кај 10 лица, од кои седум се во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола, по што ќе биде поднесена кривична пријава против 12 лица македонски државјани и 1 странец, за 45 кривични дела поврзани со криумчарење луксузни возила и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба.

МВР денеска соопшти дека врз основа на воспоставена криминалистичка контрола  од страна на СВР Скопје- ЕВР Ѓорче Петров, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, СВР Битола, ОВР Гевгелија и ОВР Неготино, а по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, по изврешените претреси  од слобода се лишени шест лица: К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. За И.А., Д.М. и Ф.С. од Скопје и А.Т. од Неготино се преземаат мерки и активности за пронаоѓање.  

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Согласно Одобрение, од 19 декември воведена е времена измена на режим на сообраќај на магистрален пат А1 делница Фариш – Прилеп поради санација на ударни дупки, што ќе трае до завршување на градежните работи, известуваат од  “Доо Стентон Градба – Битола”.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата денеска ја усвои годишната програма за работа. 

На 13. седница ДКСК ги усвои и годишните планови за следење на имотната состојба и судирот на интереси и за спроведување на антикорупциска проверка на легислативата

Скопје - Претседателот на Националната боксерска федерација, Кристијан Андреевски, е задоволен од постигнатото во тримесечниот период по доаѓањето на функцијата.

- Поминаа точно три месеци откако официјално ја презедов функцијата. Квартал за мене и мојот тим кој беше динамичен и исполнет со многу активности, средби, настани и пред се одлични резултати. Комплетно обезбедивме услови за шест наши боксери кои настапија на ЕП до 23 години во Софија. Боксерската репрезентација на Македонија со девет натпреварувачи учествуваше на Светското првенство за млади боксери во Будва. Имавме активности во домашниот боксерски шампионат. Со 11 боксери учествуваме на Балканското боксерско Првенство во Лозница каде Македонија за прв пат имаше двајца шампиони во името на Ален и Ружди Рустемовски, сребрен медал освои Адријан Рустемовски, додека бронзеното одличје им припадна на Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески, Енис Алиу и Наум Стојаноски, истакна Андреевски.

Загреб - Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од претседателските избори врз основа на 100 отсто обработени избирачки места, според кои актуелниот претседател Зоран Милановиќ освоил 49,09 отсто од гласовите, а второпласираниот кандидат на владејачката ХДЗ, Драган Приморац - 19,35 отсто.

Независната кандидатка, поранешната функционерка на Мост, Марија Селак Распудиќ има 9,25 отсто, а кандидатката на партијата Можеме, Ивана Кекин - 8,89 отсто.

Загреб - Шефот на ХДЗ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа зборуваше во изборниот штаб на претседателскиот кандидат Драган Приморац, но не од говорницата, тврдејќи дека разликата од 30 проценти во поддршката во корист на актуелниот претседател Зоран Милановиќ не е непремостлива.

„Мило ми е што нашиот кандидат влезе во вториот круг. Од утре има нова игра, нови две недели. Веруваме во победнички резултат за две недели. Милановиќ нема програма. Преовладувааше медиумската теза дека сите јајца не треба да бидат во ист кош. Ги потсетувам сите граѓани на достигнувањата што ги постигна владата - сето тоа го направи владата, а не Милановиќ. Не сакаме да не влечат кон Русија, сакаме Хрватска да тргне во вистинската насока“, рече Пленковиќ.  

Нови Сад - Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и поранешната директорка на Инфраструктура на железницата на Србија, Јелена Танасковиќ, за уривање на бетонската  настрешница на влезот на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 луѓе.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека поднело обвинение против тие лица во врска со трагичниот настан од 1 ноември годинава.

Атина – Едно лице го загуби животот во пожарот што рано утрово избувна во хотел во грчкиот град Калабака кај Метеора, а неофицијално најмалку осуммина биле пренесени во болница со проблеми со дишењето, јави дописничката на МИА од Атина.

Противпожарната служба на Грција интервенира со 26 пожарникари, осум возила и специјално возило со скала, а во тек е евакуација на околу 25 посетители на малиот хотел, додека според првичните информации во локалните медиуми, животот го загубил сопствениот.

Атина - Со координирани напори на Министерството за надворешни работи и амбасадите на Грција во Дамаск и Бејрут, денеска безбедно заврши операцијата за репатријација на 33 грчки државјани и членови на нивните семејства од Сирија, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од Министерството за надворешни работи на Грција истакнаа дека „остануваат целосно подготвени за пружање на каква било можна помош“.

Софија - Бугарската Влада денеска ќе одржи седница на кој ќе разговара за нацрт-договорот со Владата на Република Северна Македонија.

Документот ги уредува техничките, финансиските, правните и организационите прашања поврзани со подготовката, изградбата и работењето на објектот на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“, јавија бугарските медиуми.

Тирана - Дочекот на Новата година е една од најомилените традиции кај Албанците - семејствата се собираат да прослават и уживаат во внимателно подготвените оброци, пренесува албанскиот економски магазин „Монитор“.
Но, колку може да чини традиционалната новогодишна вечера за четиричлено албанско семејство?

За да обезбеди приближни податоци за ова, „Монитор“ ги анализираше просечните цени на главните производи и пијалаци потребни за подготовка на празничната вечера.

Брисел – Лидерите на петте партии вклучени во преговорите за формирање на нова Влада на Белгија на средба одржана синоќа договорија конкретна временска рамка за постигнување договор за програмата и составот на идниот владин Кабинет до крајот на јануари 2025 година. 

Братислава – Словачкиот премиер Роберт Фицо во отворено писмо до раководството на Европската унија изјави дека премолченото прифаќање на одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го запре транзитот на гас од Русија од 1 јануари е „апсолутно ирационално и погрешно“ и ќе доведе до „тензии и реципрочни мерки“.

Фицо ги замоли претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, „да ѝ дадат соодветно внимание и итно значење на оваа невидена ситуација“ во име не само на Словачка, туку и на целата ЕУ, пренесува словачкиот портал Стандард.

Њујорк - „На Америка и требаат повеќе луѓе како Картер“,е на насловната страна на „Њујорк тајмс“.

„Неговиот живот нуди безброј лекции за сите лидери. Тој беше дисциплиниран човек со интегритет и непоколебливи вредности“, пишува изданието. Според Њујорк Тајмс, меѓу најголемите достигнувања на Картер е дерегулацијата на цените на нафтата и природниот гас.

Братислава – Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак вчера изјави дека Украина можеби ќе мора да отстапи дел од својата територија за да постигне мир.

Во изјава за телевизијата ТА3, Калинак го опиша ова како реалност на ситуацијата. Тој рече дека во интерес на Словачка е војната во Украина да заврши што е можно поскоро и се заложи за преговори и прекин на огнот.

Женева - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска го повика Израел веднаш да ги прекине нападите врз болниците во Појасот Газа, откако во рок од само неколку дена беа извршени напади врз две болници во палестинската енклава.  

Тедрос на платформата Х предупреди дека здравствениот систем во Појасот Газа повторно е под сериозна закана, повикувајќи го Израел да престане да ги напаѓа болниците бидејќи на Палестинците во енклавата им треба пристап до здравствена заштита.  

Сеул – Јужнокорејската влада денеска соопшти дека наредила безбедносна проверка на сите авиони Боинг 737-800 со кои управуваат домашните авиокомпании, по несреќата во неделата во која учествуваше тој модел на авион на јужнокорејската авиокомпанија Чеџу Ер во која загинаа 179 луѓе.

Официјален претставник на Министерството за транспорт на Јужна Кореја рече дека Министерството конкретно планира да спроведе ригорозни безбедносни мерки за инспекција на Чеџу Ер по повторените проблеми со неговата опрема за слетување.

Париз - Французинот осуден дека ја дрогирал и силувал својата сопруга и дека повикал најмалку 50, а можеби и повеќе од 80 мажи во домот на парот за да ја силуваат речиси 200 пати додека била во бессознание, нема да поднесе жалба на неговата пресуда, изјави неговиот адвокат.

Доминик Пелико (72) беше осуден на затворска казна од 20 години претходно овој месец по судењето што ја згрози Франција и пошироко, додека 50 сообвинети беа исто така осудени и изречени различни казни.

Сеул – Пилотите на јужнокорејскиот комерцијален лет што излета од пистата и се запали, пријавиле судар со птици непосредно пред слетувањето, јави денеска новинската агенција Јонхап, цитирајќи го Министерството за транспорт.

Пилотите испратиле сигнал „Мејдеј“ (Mayday) вчера наутро по судир со птици на меѓународниот аеродром Муан во провинцијата Џеола, околу 288 километри југозападно од Сеул, се вели во извештајот.

Сеул - Јужнокорејски тим задолжен за истрага на сменетиот претседател Јун Сук-Јол од функцијата со парламентарно отповикување, поради неговото прогласување воена состојба претходно овој месец, побара налог за негово апсење.

Јун не се појави на сослушување во полицијата и Одделот за истраги за корупција на високи функционери, кои спроведуваат заедничка истрага за тоа дали воената состојба прогласена на 3 декември може да се смета за бунт.

Адис Абеба - Најмалку 70 луѓе загинаа во Етиопија откако преполн автобус падна во река, соопштија властите во јужниот регион Сидама.

Трагедијата се случила во областа Бона.

„Преживеаните добиваат медицинска помош во централната болница во Бона“, се вели во соопштението.

Кабул - Врховниот лидер на талибанците издаде наредба со којашто се забранува изградба на прозорци во станбените згради со поглед на областите што ги користат Авганистанките. Во случај да постојат такви прозорци, пак, на сопствениците ќе им се наложи да подигнат ѕид или да го блокираат погледот „за да не ги вознемируваат соседите“, се наведува во декретот.

Лондон - Пушачите добија уште една причина да се откажат од својата навика во Новата година, бидејќи најново истражување спроведено во Велика Британија покажа дека мажите губат 17 минути од животот со секоја испушена цигара, а жените - 22 минути.

Ова е повеќе од претходните проценки коишто посочуваат дека секоја цигара го скратува животот на пушачот за 11 минути. Проценките на стручњаци укажуваат дека секоја цигара во просек води до 20 минути загуба на живот кај двата пола, и се засновани на најновите податоци од долгорочни испитувања. Истражувањето е нарачано од британското Министерство за здравје и благосостојба.

Париз - Бордо e бојата што беше апсолутен хит во ова есен, а се чини совршена и за зимскиве денови, како што тоа го докажа Софија Вергара. Колумбиската глумица го привлече вниманието со својот бордо фустан по роденденската вечера во Париз, каде што присуствуваше оваа сабота.

Актерката се прошета во тесниот фустан, со цветен украс на вратот, а фотографите ја сликаа додека го напушташе ресторанот „Монден“ во француската престолнина. Таа ја усогласи тоалетата со елегантен „макси“ капут во истата нијанса и мала сребрена чанта.

Остани поврзан