• четврток, 02 јануари 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   30 декември 2024

 

Гостивар – На последната седница на советот на општина Гостивар која се одржа денеска, беше изгласана одлука со која во наредната година за секое новороденче ќе се издвојуваат по 6.000 денари.

Вршителот на должноста градоначалник, Ваљбон Лимани во образложението на предлог одлуката пред членовите на општинскиот совет, напомена дека оваа мерка треба да им помогне на родителите кои во 2025 година ќе добијат принова. Во него се превидени и повеќе пари за заштита на животната средина и спорт.

Лимани посочи дека во програмата, покрај оваа мерка, предвидена со Програмата за социјална и детска заштита се разгледува и издвојување на средства од општинската каса и за првачињата.

Одлуката за финансиска помош на семејство со новородено дете, ја поддржаа сите присутни советници, освен советничката група на ДУИ кои претходно ја напуштија седницата.

На денешната седница беше изгласан и буџетот за 2025 кој изнесува околу 27 милиони евра.

Тетово - Советот на Општина Тетово во рамки на денешната 43-тата седница го усвои буџетот за 2025 година кој ќе изнесува 49,3 милиони евра.

Буџетот беше изгласан од 27 од вкупно 31 советник, а пред гласањето ниту еден од советниците не се јави да дебатира за оваа точка на дневен ред.

Новинарските прашања до претставниците на локалната власт денес беа насочени кон тоа дали ќе се одвојат буџетски средства за здружението на граѓани кое сака да се формира албанска академија на науки и уметности, што во неколку наврати беше најавувано од градоначалникот Биљал Касами.

Тој рече дека стојат за таа преземена обврска, но и дека тоа не е прашање на буџетот кој беше усвоен.

- Што се однесува за албанската академија сигурно дека ние како општина Тетово, согласно нашите преземени обврски ќе стоиме на тоа, а ќе бидеме понатаму во договор со нив како ќе се реализира. Значи не е тоа прашање на буџетот кој беше усвоен денеска. Реков значи дека тоа е прашање на поддршка која ние веќе сме се договориле и ќе видиме како ќе се реализира, изјави Касами.

Советниците од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ гласаа против програмата за култура предвидена за финансирање со буџетот, каде се предвидени речиси 13 милиони денари.

Глигорије Стојановски, советник од СДСМ рече дека се прави обид да одвојат средства за таканаречена албанска академија.  

-На денешната седница на Советот на општина Тетово градоначалникот Касами, коалицискиот партнер на ДПМНЕ, сака да протурка одлука за одвојување 40.000 евра за формирање на паралелна институција таканаречена албанска академија на науките. Советниците од СДСМ Тетово категорично се против одвојување пари на граѓаните на Тетово за формирање на паралелни институции кои наместо да служат за интересите на граѓаните, поттикнуваат поделби и создаваат тензи. Науката ниту треба да се партизира ниту да се етнизира и злоупотребува во дневно политички цели и потреби како што тоа сака да се направи, изјави Стојановски.

Ангел Карапетров, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, вели дека имаат направено подетална анализа на буџетот и програмите при што констатирале дека такви средства не се предвидени.  

- Затоа дадовме поддршка на буџетот но видовте дека сите советници го поддржаа буџетот за 2025 година. Програмата за културата не ја гласавме затоа што видовме дека таму се предвидени 13 милиони денари односно 215.000 евра но проектите се општи.  Сакаме значи да се почитува соодветната и правична застапеност на проектите во општина Тетово. Не сметаме дека од овој буџет може да се издвои за Албанската Академија, вели Карапетров.

Тетово - Министерката за образование и наука Весна Јаневска го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово, каде е завршена реконструкцијата на една од четирите згради, со што дел од учениците во второто полугодие наместо онлајн ќе имаат можност за настава со физичко присуство.  Реконструиран е најстариот училишен објект во центарот, каде настава ќе следат 400 од вкупно 700 ученици од прва, трета и четврта година.

-Од она што го видов во однос на реконструкцијата, можам да кажам дека сум сосема задоволна. И се надевам дека со иста брзина и со ист квалитет ќе бидат завршени и другите згради. Ќе бидат вложени околу 4 000 000 евра во овој регионален центар кој ќе обучува ученици, ќе подготвува кадар во соработка со бизнис заедницата за пазарот на труд. Сметам дека ова е голем успех за училиштето затоа што физичкото присуство ќе им обезбеди сериозна погодност во понатамошното учење, изјави министерката Јаневска.

Таа очекуваа во иднина да се проширува овој Центар и да надмине над 1200 ученици во иднина.

Димитрија Апостоловски, директор на Регионалниот центар, вели дека во нивното училиште се опфатени сите технички струки.

-Денеска е голем ден за нас, бидејќи второ полугодие ќе го започнеме делумно со физичко присуство за учениците, бидејќи од 1 септември целосно започна реконструкцијата и рехабилитацијата на нашето училиште училиште, со тоа што се опфатени четири објекти. За неполни пет месеци е прилагоден објектот којшто вклучува 17 универзални училници и шест специјализирани училници учениците од прва, трета и четврта година ќе можат да започнат со физичко присуство во нашиот регионален центар, каде што комплетно создадени сите услови за нормално одвивање на наставата, истакна Апостоловски.

Средствата за реконструкција се обезбедени од Европската Унија, а министерката Јаневска рече покрај петте досега формирани регионални центри за стручно образование и обука во земјава и за две други училишта веќе се донесени одлуки за трансформирање во такви установи. 

Кочани – Во просториите на Општина Кочани денеска беа потпишани договорите за доделување стипендии на 30 редовни студенти кои студираат на јавните високошколски установи во државата.

Нивниот избор беше направен по претходно објавениот конкурс според кој кандидатите требаше да задоволат одредени критериуми во поглед на постигнатиот успех, социјалната состојба и дефицитарноста на струката. Во предвидениот рок на конкурсот се пријавиле вкупно 33 кандидати, при што двајца студенти ги повлекле пријавите, а еден бил запишан на приватен факултет.

Износот на стипендијата по студент изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплаќа за периодот од септември годинава до јуни идната година.

Градоначалникот Љупчо Папазов присуствуваше на потпишувањето на договорите што лично им ги додели на студентите, посакувајќи им успех во студирањето.

-Се надевам дека финансиската поддршка што ја обезбедува Локалната самоуправа ќе биде добра мотивација за натамошни успеси во образованието, но таа ви дава и обврска да бидете дел од потенцијалните кадри кои, како професионалци во струките за кои се школувате, ќе работат во јавните институции и приватните компании во општината. Очекувам навреме да ги завршите студиите и со вашиот стручен придонес да станете корисни граѓани за општината и целата општествена заедница, истакна Папазов.

Според критериумите што ги пропиша Општината, се планираше десет стипендии да се доделат на студенти од социјално загрозени семејства, по пет за лица од ромската етничка заедница и за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите на студентите кои постигнале висок успех во студирањето, што им носеше и најмногу бодови. Услов за добивање стипендија е кандидатот да е жител на Општина Кочани и да не прима друг вид парична помош.

По поднесените пријави, 14 стипендии се доделени на студенти на факултетите за медицина, а останатите се кандидати кои се образуваат на математичко-информациските, образовните и општествените науки.

Во изминатите 16 години Општина Кочани додели околу 400 стипендии, главно за студенти, а во првата година од стипендирањето финасиска помош добија и средношколците. Вкупната сума што до сега ја добија младите лица кои студираат на високошколските установи во државата изнесува околу 200 илјади евра. 

Тетово - Жителите на населбата Колтук во Тетово поминаа околу 12 часа без електрична енергија, поради дефект на тамошната трафостаница.

Од компанијата Електродистрибуција ДООЕЛ информираат дека дефектот е саниран, по што е продолжено со снабдувањето,а како причина наведуваат преоптовареност на мрежата.

-Вчера околу 19 часот настанал дефект на нисконапонски кабел од дистибутивната трафостаница во населбата „Колтук” во Тетово поради преоптоварување на мрежата, а како резултат на неконтролираното трошење на електричната енергија. Екипите на Електродистрибуција излегоа на терен веднаш по пријавата на прекинот и активно работеа се до санација на истиот. Снабдувањето со електрична енергија е нормализирано и корисниците веќе имаат стабилно снабдување, информираат од Електродистрибуција ДООЕЛ-ЕВН Групација

Според информацијата на Електродистрибуција ДООЕЛ дефектот бил комплексен и затоа било потребно повеќе време за санација.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт Борко Ристовски заедно со економскиот оператор кој ги изведува градежните активности за продолжување на изградбата на базенот во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ денеска извршија увид на терен.

Овој базен чија изградба беше во неколкугодишен застој, како што соопшти Општина Кисела Вода, ќе биде завршен кон крајот на мај.

-Со големо задоволство денес сме заедно со министерот Борко Ристовски, да извршиме увид во возобновените активности за изградба на базен во ООУ „Невена Георгиева Дуња“. Овој објект е добар симбол на она што претставуваше релација локална-централна власт во минатото, наспроти она што е сега. Од моментот кога станав градоначалник на Општина Кисела Вода постојано упатував прашања до тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, во повеќе наврати барав да видиме до каде е процесот и зошто е настанат застојот, кога ќе продолжат активностите, но немаше никакво придвижување напред. На мое задоволство, со актуелниот министер Ристовски, низ низа проекти, а и со денешниот, покажавме дека со ефикасна соработка и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина, рече Ѓорѓиевски.

Тој посочи дек овој базен, чија изградба ќе биде завршена кон крајот на мај, ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди и ќе им служи на пред се, на учениците, спортистите, но и на сите граѓани.

-Пливањето, како еден од најкомплексните спортови, има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации. Со оваа инвестиција, овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината, рече градоначалникот.

Потсети дека во изминативе три години Општина Кисела Вода направи значителни вложувања во спортската инфраструктура – обновивме и изградивме девет спортско-рекреативни центри.

-Со оваа динамика и посветеност, ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој во Кисела Вода. Искрено се заблагодарувам на министерот Борко Ристовски и Министерството за спорт, за неговиот активен ангажман, посветеност и поддршка за изградбата на базенот, но и за темелната реконструкција на салата „Расадник”, која е во тек.  Ова е уште еден доказ дека кога институциите работат заедно, резултатите се видливи и значајни за граѓаните, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Министерот Ристовски истакна дека е многу горд што конечно е најдено решение за нешто што беше запоставено четири години.

-Најдовме заеднички јазик со операторите и отпочнуваме со работа и порано од она што го планиравме. Сите пет базени кои беа отпочнати од претходната власт и оставени, ќе бидат завршени до крајот на летото, изјави министерот Ристовски.

Изјава за медиумите, како што соопшти Општина Кисела Вода, даде и претставникот од економскиот оператор Висар Палоши, градежен инженер во компанијата „Вивинт”, кој се заблагодари на добрата соработка со министерот и градоначалникот и ги соопшти техничките карктеристики на базенот.

-Базенот е од затворен тип со должина 25 метри и ширина 9 метри и длабочина 1.2 метри односно 0.8 метри -останатиот дел. Овој тип на базени се нарекува полуолимписки базен, наменет е и се користи за едукација, обука и пливање, истиот е со 'FINA' стандарди, изјави Палоши.  

Битола - Општина Битола ќе се збратими со турската Општина Бејликдузу, а меморандумот за соработка ќе го потпишат градоначалниците Тони Коњановски и Мехмет Мурат Чалик.

Од кабинетот на битолскиот градоначалник за МИА потврдија дека размената на неопходните информации и писма на намери е завршена, а иницијативата е потврдена и од локалните општински Совети.

-Прифатена е иницијативата на градоначалникот на Општина Бејликдузу, Мехмет Мурат Челик воедно поддржана од бизнис секторот на Бејликдузу со која ќе се овозможи збратимување на општините. Нивната одлука е со претходна согласност на тамошното Министерство за животна средина, урбанизација и климатски промени и е со цел развивање на соработка на солидарност во општествените и културните односи. Со актот за збратимување ќе се развиваат економски, културни, инфраструктурни и урбанистички проекти и соработки, како и развој на нови технологии, нагласија од Општина Битола.

Збратимувањето на градовите овозможува промовирање во странство и со чинот на потпишување во 2025 година, Битола покрај градот Бурса, ќе биде збратимена и со Бејликдузу, општина во која живеат над 400 илјади жители и гравитира на т.н. европска страна на Истанбул. 

Куманово - Во општата болница Куманово има недостаток на средно медицински персонал, надлежните од уставната се надеваат дека и овој проблем ќе се надмине со најавените нови вработувања на почетокот на 2025-та, соопштија денеска од општата болница во Куманово. 

- Среден медицински кадар генерално имаме дефицит, но носители на дејноста затоа и ги ставаме во прв план се лекарите. Но имаме дефицит и од медицински сестри, од болничари, помошно технички персонал, имаме одлив на кадар, по основ пензионирање, префрлување по основ на живеење, колешки кои мигрираат во други градови со склучување на брак... Се надевам и верувам дека февруари-март ќе имаме и во тој дел дополнување на кадар, ние имаме поднесено барања за вработувања, изјави Владимир Симоновски, главен медицински техничар во општа болница.

И министерот за здравство, Арбен Таравари денеска на брифинг со новинарите рече дека е обезбеден буџет за 1.117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, конкурсите ќе бидат објавени на почетокот на новата година.

-Министерството за здравство во соработка со Владата потегна една идеја дека ќе се вработуваат лекари специјализанти. Се надеваме дека ќе имаме убава бројка за Куманово примени специјализанти. И со тоа ќе го надополниме нашиот дефицит од кадар лекари, ќе ги намалиме листите за чекање, дали за операции, мамографија, снимање на рендген и таму имаме проблем, се во интерес на граѓаните и секоја пациент да биде задоволен. Што побргу се случат новите вработувања, тоа подобро, додава Симоновски.

Општа болница покрива територија на шест општини од североистокот и обезбедува секундарна здравствена заштита за Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце со приближно 200.000 граѓани. Во близина се три гранични премини, меѓу нив Табановце како најфреквентен и затоа надлежните, најавија дека ќе преземат мерки за подобрување на функционирањето за итните случаи.

Остани поврзан