• сабота, 04 јануари 2025
МИА Радио флеш

31 декември 2024 

Скопје – Домаќинствата во 2023 година половина од домашниот буџет го трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб - 177.6 килограми и компир – 69.5 кг. Од месо најмногу живина - 44.6 кг, како и 15.9 килограми риба. Домаќинствата во просек испиле 180.7 литри безалкохолни пијалаци и 34,6  литри алкохолни. Изеле и 21,8 килограми чоколади и кекс и испиле 8,1 килограми кафе и какао. За сообраќај оделе 5,9 проценти од домашниот буџет, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2024 на Државниот завод за статистика.

Најголем дел од домашниот буџет домаќинствата во просек трошеле на лична потрошувачка – 315 219 денари или 98,1 процент, потоа за отплата на кредити и заеми – 3 855 денари или 1,2 проценти, за загуби, подароци и слично – 853 денари или 0,3 проценти, за штедење – 718 денари и за членарина, даноци, царини и слично - 602 денари или 0,2 проценти од домашниот буџет, додека за издатоци за стан, куќа и имот само 127 денари.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека уставни измени нема да има без добиени гаранции од Брисел, односно, како што вели, заеднички изготвен јасен план дека нема понатамошна билатерализација на процесот на пристапување.

-Очекувам дека македонското досие конечно во Брисел ќе добие светлина, и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во кој што ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може нас да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Затоа што ние милиментар не сме се поместиле овие 20 години, поради билатералните прашања. Не дека ние сме брилијантни дома, но има многу земји членки кои што станале земји членки па не биле брилијантни. Да бидам подиректен, не секогаш станува збор за кластери и поглавја, туку има и политичка волја и одлука. Очигледно за македонското досие таква политичка волја и одлука во изминативе 20 години немало. Ова е двосмерна улица, ние сме поготвени нашата насока да ја возиме, но дали вистински е подготвен Брисел да тие ја возат својата насока - не декларативно, не тапкање по рамо, не испраќање пораки, да седнеме и да направиме јасен план. Ете тоа очекувам од Брисел, вели Мицкоски на новинарско прашање на заедничката прес - конференција во владиниот медија - центар со министерката Весна Јаневска.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од досегашната борба со корупција, но истакна дека конечните резултати зависат од судската власт. Во однос на бегството на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, тој не гледа пропуст во институциите и верува дека правдата ќе стигне. Потенцираше дека Владата ќе продолжи со своите напори во борбата против корупцијата и во следната година.

-Ние како Влада, како извршна власт, можеме за оние случаи на високопрофилирани политички коруптивни случаи каде што има основано сомневање да влеземе во истрага, да видиме дали има докази, доколку има да ги обезбедиме, да формираме досие и тоа досие да го доставиме до надлежниот обвинител. Таков е законот. Ние не можеме како Влада да бидеме и извршна и судска власт. Од тој момент па натаму обвинителството е тоа кое што цени дали тие докази се доволни за да се отпочне процес, односно да има обвинение или не, рече премиерот на денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија.

Дополни дека Владата ќе продолжи со своите напори во борбата против корупција и во следната година.

Скопје - Повторното повлекување на автобусите на ЈСП Скопје во гаражите, според премиерот Христијан Мицкоски, не е поврзано со немање нафта туку проблемот е административен. Апелираше до раководствата на ЈСП и на Град Скопје да ги надминат, како што кажа, меѓусебните насогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз.   

-Јас тоа го дознав пред неколку минути би рекол дека се случува. Такво барање од Градот Скопје нема. Од тоа кое што можам да го добијам како информација е дека раководството на Јавното сообраќајно претпријатие не доаѓа на работа. Административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта туку дека е административен проблемот. И апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз, бидејќи овде не станува збор за, колку што јас сум инфомиран, за недостаток на количини на нафта туку едноставно нешто друго е проблемот. Дали не е потпишан договор, дали нешто друго...нека се именува ново лице, или пак нека направат нешто затоа што ова веќе ги поминува сите граници на едно однесување кое не треба вака да се слулува, изјави премиерот Мицкоски. 

Скопје - Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со видео-обраќање објавено на неговиот фејсбук-профил им ја честита на граѓаните Новата 2025 година.

Во обраќањето Тошковски посочува дека во текот на изминатата 2024-та, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажирал во решавањето на затекнатите ситуации и заедно се постигнати значајни успеси.

-Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе нарушување на достоинството на никого, на ниеден граѓанин. Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и модернизација на услугите и процесите со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет, вели тој.

Скопје - Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) Љупчо Димовски по повод новогодишните празници испрати честитка до граѓаните во која им посакува здравје, просперитет, успех и единство.

- Во годинава што ја поминавме се остварија очекувањата и надежите кои сите длабоко во себе ги имавме. После долги седум години во длабока опозиција и понижувања си ја вративме слободата, а на нашиот народ му ја вративме државата. Ги издржавме сите жестоки притисоци, уцени и условувања спротивставувајќи се со нашата одлучност, сплотеност и единство. Ја научивме лекцијата дека само заедно можеме да се справиме со сите предизвици и само со народот да ја обезбедиме правдата која сите ја посакувавме. Годината ќе ја памтиме по големиот изборен триумф и по поддршката од нашиот народ и сите граѓани на Македонија, затоа нашата одговорност е уште поголема, стои во честитката. 

Во следниот период, како што наведува, не очекува макотрпна работа да ја стабилизираме државата, да го развиваме стопанството, да го подигнеме стандардот на граѓаните, да обезбедиме сигурност, но и да ја вратиме довербата во институциите.

Скопје - Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) попладнево советуваат за здрава исхрана за време на празниците, избегнување алкохол и засладени пијалаци, физички активност, доволно сон и да не се користат пиротехнички средства. Да не се јаде сè на гозбите и забавите, е уште еден совет од експертите, како и јадење овошје, наместо грицки.

- Можеби во празнична атмосфера, забавите, патувањата исполнети со вкусни и примамливи намирници и пијалаци, не е лесно да се придржуваме до принципите на здрава и врамнотежена исхрана. Но, со внимателен избор на храна и умереност, можеме да уживаме во празниците, а и по празници, без дополнителни здравствени ризици, наведуваат од ИЈЗ.

Изборот на храна, нагласуваат, почнува во продавница, со „паметно купување“.

Скопје - Во текот на 52. недела од 2024 година - од 23 до 29 декември, во Република Северна Македонија има 221 случај на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот - 59,0 проценти повеќе во споредба со претходната недела, соопштија попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во однос на возрасната дистрибуција, 119 лица се на возраст од 15 до 64 години. Педесет се деца на возраст од пет до 14 години, а 38 до четири години. Четиринаесет се лица на возраст над 65 години.

- Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар - 43, Скопје - 38, Гостивар - 36, Куманово - 23, Кавадарци - 20, Тетово - 12, Радовиш - 11, а во Охрид, Штип, Струга, Македонски Брод, Кичево, Прилеп, Битола, Ресен и Неготино, бројот на заболени е еднаков или помал од десет. Во 11 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во четири - сезонска, а во Дебар - средна активност на вирусот на грип, појаснија од ИЈЗ.

Скопје -  СОС Детско Село со гордост ја претставува новогодишната песна која носи силна порака за љубов, надеж и припадност. Песната е создадена како посебена инспирација на нашите пријатели Мишел Трајковски и Јана Стојановска, со поддршка на многу наши познати личности и е вистински доказ дека заедно можеме да создадеме магија, се наведува во денешното соопштение на „СОС Детско село“.

- Детскиот хор вклучен во рефренот внесува искреност и празнична радост што допира до секое срце, силно пренесувајќи ја пораката дека секое дете заслужува љубов, грижа и семејна топлина, се истакнува во соопштението.

Во писмената изјава на Трајковски и Стојановска, се нагласува дека нема поголемо задоволство од тоа да создадеш нешто што ќе ги направи децата среќни, а во исто време, да ги поттикне возрасните да размислат за моќта на заедништвото и љубовта.

Белград – Студентите на Инженерскиот, Машинскиот, Правниот и Технолошко-металуршкиот факултет во Белград и денеска, со почеток во 11:52 часот, продолжија со 15-минутната акција „Застани Србијо“ и блокада на сообраќајот пред зградата на техничките факултети, со што им оддадоа почит на 15-те загинати во трагедијата на железничката станица во Нови Сад.

Студентите стоеја во тишина 15 минути, стоеше и колоната возила и немаше никакви инциденти.

Не се слушнаа ниту сирени на нервозните возачи, пренесе Бета.

Студентите носеа транспаренти „Машинистите против машинеријата“, „Студентите посилни од бетонот“, а оние од Технолошко-металуршкиот факултет носеа транспаренти со кратенката и симболот на оваа образовна институција.

Ниш - Советот на Апелациониот суд во Ниш вчера донесе решение со кое ја укинува одлуката на Вишиот суд во Зајечар со која се потврдува обвинението против Дејан Драгијевиќ, Срѓан Јанковиќ и Радослав Драгијевиќ за смртта на девојчето Данка Илиќ. Апелациониот суд повторно го испрати обвинителниот акт до првостепениот суд во Зајечар на повторно одлучување.

Како што е наведено во одлуката на Апелациониот суд, на 26 декември е примен предметот на Вишиот суд во Зајечар во врска со жалбите на решението со кое се потврдува обвинението.

Во образложението на својата одлука, судскиот совет на Апелациониот суд во Ниш наведува дека жалбите се основани, а дека „првостепениот суд во образложението на оспорената одлука не наведува образложение за фактите што се предмет на докажување, а од кој произлегува материјалниот услов за поднесување на обвинителен акт - „постоење на основано сомнение“.

Подгорица – Јужнокорејскиот државјанин До Квон, попознат како „Кралот на криптовалутите“, денеска е екстрадиран во Соединетите Американски Држави.

До Квон е екстрадиран од аеродромот во Подгорица од службеници на НЦБ Интерпол Подгорица, со поддршка на Специјалната полициска единица, соопшти Полициската управа на Црна Гора.

Екстрадиција на До Квон бараа Јужна Кореја и САД поради измама на инвеститори во криптовалути во износ од десетици милијарди долари.

До Квон беше уапсен на крајот на март 2023 година на аеродромот во Подгорица по налог издаден од Јужна Кореја, која прва поднесе барање за негова екстрадиција. 

Брисел - Сите кандидати кои ги исполнуваат условите треба да имаат можност да учествуваат на слободни и фер избори и процесот на нивна сертификација мора да се заснова на правни стандарди и процедури во согласност со важечкиот закон на Косово, наместо на политички одлуки, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи. 

- Очекуваме Централната изборна комисија (ЦИК), чија улога во надзорот на изборите е клучна, со сите применливи механизми да обезбеди инклузивен, кредибилен и транспарентен изборен процес, овозможувајќи им на косовските гласачи јасно да го изразат својот избор. Одговорноста за заштита на демократските гаранции е на сите членови на ЦИК и покрај нивната политичка определба. Ваквото фундаментално прашање не смее да се политизира и да се користи како ставка во изборната кампања, посочува ЕЕАС во реакцијата, 

ЕУ нагласува дека изборниот процес треба да биде транспарентен, кредибилен и без политичко мешање.

Киев – Најмалку едно лице е повредено во руски воздушен напад врз Киев, при што е причинета помала штета, додека нападите на регионот Суми предизвикале голема штета на инфраструктурата, соопштија украинските власти.

Во нападите на Киев е повредена една жена, а оштетени се три згради и три автомобили.

Руските сили истрелаа вкупно 13 ракети врз градот Шостка, во северниот дел на Суми, и оштетија 12 високи станбени згради, два образовни објекти, три котларници и една клиника, а оштетена е и дел од инфраструктурата. 

Москва - Руските сили напреднаа речиси 4.000 квадратни километри во Украина во 2024 година, речиси седум пати повеќе од минатата година, според податоците од американскиот Институт за проучување на војната.

Ова главно се должи на забрзаното движење на руските трупи наесен. Во октомври тие напредуваа за 610 квадратни километри, а во ноември - со 725 квадратни километри што е споредливо само со март 2022 година и првите недели од конфликтот.

Во декември, рускиот напредок забави, достигнувајќи 465 квадратни километри во првите 30 дена од месецот. Сепак, напредокот е поголем во однос на истиот месец во претходните две години.

Газа - Десетици пациенти и ранети се евакуирани на лекување надвор од Појасот Газа, опустошен од војната.

Рано утринава 45 пациенти ја напуштија Европската болница во јужниот град Кан Јунис и влегоа преку контролниот пункт Керем Шалом во Израел, од каде ќе заминат на лекување во Обединетите Арапски Емирати, соопштија палестинските здравствени власти.

Министерството за здравство тврди дека неколку илјади Палестинци во Газа имаат потреба од медицински третман во странство. Израел ги контролира сите влезни и излезни точки откако го зазеде јужниот град Рафа во мај.

Израелската офанзива, која започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, го уништи здравствениот систем на територијата и ги принуди повеќето болници да се затворат. Оние кои остануваат отворени се само делумно функционални.

Остани поврзан