• сабота, 04 јануари 2025
МИА Општински пул

2 јануари 2024 

Крива Паланка - Првото бебе родено во новата година, жител на Крива Паланка, се роди вчера попладне, на гинеколошко - акушерската болница во Чаир, Скопје. Момчето го донесе на свет по природен пат, 25-годишната мајка Марија.

Бебето е родено со родилна тежина од 3.650 грама, долго е 52 центиметри и е прва рожба во семејството Стојановски, радост во новата година за младите родители Младен и Марија.

Од семејството се заблагодарија до целиот медицински тим од Гинекологија,Чаир за професионалноста и посветеноста на пациентите, со акцент дека дел од стручниот тим гинеколози што го изврши породувањето беше и младата доктор Ангела Младеновска од Крива Паланка, специјализант по гинекологија и акушерство.

Куманово - Првото бебе во Куманово е девојче, второ дете во семејството Асанови од Крива Паланка. Мајката Хамиде и новороденчето се во добра здравствена состојба.

Девојчето е родено вчера во 17:10 со царски рез, тешко е 3,6 килограми, долго 49 сантиметри.

-Посакувам да биде здраво, живо и среќно, изјави мајката.

Претставници од општинската власт и од болницата и однесоа соодветни подароци.

-Ѝ посакав прво таа да се опорави, девојчето да е живо, здраво и среќно. Да си ја сака државата, да си остане овде да придонесува, изјави претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

Надлежните од болницата очекуваат плодна година, зголемување на трендот на раѓања на акушерскиот оддел во болницата.

Кавадарци - Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска им врачи цвеќе и пригодни подароци на мајките на првите бебиња во новата година во Општата болница - Кавадарци.

-Оваа традиција има за цел да ја истакне важноста на семејството и да го симболизира среќниот почеток на годината. Новата година нека донесе здравје, среќа и љубов на бебињата, нивните мајки и семејства, порача Јанчев.

Првото бебе родено годинава во Кавадарци е женско, а второто, машко.
В.д. директорката на кавадаречката болница, Гордана Камчева вчера информираше дека на полноќ се породила Мери Ѓоргиева од село Тремник.

Куманово - Во првото полугодие од кумановските средни и основни училишта се отпишале 174 ученици, соопштија денеска надлежните од секторот за образование на општина Куманово. Најголем процент од отпишаните ученици се од поголемите, централни училишта од Куманово.

Градот, иако е најголема општина во државата според број на население, со 20 училишта е и со најголем број ученици, сепак не го одминува бранот на отселување особено кон западно-европските земји.

-За жал, овој тренд не застанува и во споредба со минатата година како да бележиме благо зголемување на отписот на учениците до крајот на првото полугодие. Тоа е глобален проблем, особено на Балканот. Можеме да констатираме дека училишните клупи се празнат така што родителите заминуваат на привремена работа и потоа си ги повлекуваат и учениците ги отпишуваат и запишуваат во училиштата каде што ќе се преселат да живеат, изјави раководителот на секторот за образование Александар Јовановиќ.

Делчево - Во Делчево денеска се одржа првата крводарителска акција за 2025 година.

Како што информираше Ивана Ангеловски, организациски секретар во Општинската организација на Црвен крст Делчево, минатата 2024 година на територијата која ја покрива организацијата биле подарени околу 1200 крвнни единици. 

-Да напоменам дека минатата година го надминавме планот на крводарување. Имаме собрано околу 1200 крвни единици во Делчево и Македонска Каменица. Денес е првата крводарителска акција во Делчево и тече во најдобар ред. Имаме млади крводарирели кои даруваат и помагаат во зачувувањето на општото здравје во државата, истакна Ангеловски. 

Апелираше во иднина што повеќе млади крводарители да се приклучат на акциите кои ќе следуваат.  -Акциите и во 2025 година ќе се организираат секој прв четврток на месечно ниво, четири пати годишно ќе имаме акции и во Македонска Каменица и трипати во годината со припадниците на МВР, додаде Ангеловски.  

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на нов паркинг во дворот на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“. Новиот паркинг, кој ќе се простира на површина од 550 квадратни метри, ќе обезбеди околу 50 паркинг позиции, со инвестиција вредна приближно 450.000 денари. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ова е уште еден чекор во континуираното решавање на предизвиците поврзани со урбаното живеење:

-Во изминатите три години изградивме над 1500 паркинг места низ општината, со што значително го олеснивме секојдневието на граѓаните. Со изградбата на овој паркинг, придонесуваме кон подобра функционалност и достапност во непосредна близина на училиштето, кое секојдневно го посетуваат ученици, родители и наставен кадар.-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека, во истиот училишен објект  е во тек изградбата на затворен базен, кој треба да биде готов до крајот на мај и дека во насока на заложбата за воведување едносменска настава во сите основни училишта во општината, ова училиште ќе биде проширено.

Куманово - Кумановската општа болница очекува 28 специјализанти за покривање на недостатокот од кадар во јавната здравствена установа, соопштија денеска надлежните од установата. 

-Подразбираме две групи вработувања од формално-правен аспект. Ангажирање со трајно вработување на приватни специјализанти и по договор на дело што треба да се трансформира со вработување на неопределно. Од приватните специјализанти досега од Министерството за здравство имаме најавено со решение и се подготвуваме со формално-правна процедура сме да прифатиме 28 приватни специјализанти, изјави директорот на болницата, д-р Стефан Трајановски.

На овој начин ќе се надмине проблемот со недостаток на кадар во повеќе области, но и понатаму ќе остане горливиот проблем, недостаток на анестезиолози и ренгдгенолози.

 

Остани поврзан