МИА Радио флеш
- 2 јануари 2025
2 јануари 2025
Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија упати сочувство по масакрот што се случи вчеравечер во Цетиње, Црна Гора, во кој се убиени 12 лица.
-Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Солидарни сме со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време. Нашите мисли се со вас, стои во објавата на МНРНТ на социјалната мрежа Х.
Во Црна Гора, денеска е првиот ден од тридневната жалост по убиството на најмалку 12 лица во Цетиње на првиот ден од 2025 година.
Скопје - Во Собранието прва со работа утре во новата 2025 година ќе започне Комисијата за прашања на изборите и именувањата чиј што претседател закажа седница за утре напладне. За 10 јануари, пак, е закажана 29. пленарна седница на која на дневен ред се пет интерпелации.
На дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата како прва точка е јавна расправа за утврдување Предлог - oдлука за избор на заменик - директор на Агенцијата за заштита на личните податоци. Потоа пратениците ќе треба да разгледаат барање за остварување на плата по престанок на функцијата член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, како и на заменици на Генералниот секретар на Претседателот на Република Северна Македонија.
Атина - Новите повисоки цени на таксата за отпорност на климатски кризи во туристичките објекти во Грција, стапуваат во сила оваа година, односно за време на туристичката сезона од април до октомври, а во зависност од видот на сместувањето, таксата е од половина до пет евра поскапа, јави дописничката на МИА од Атина.
Промените на цените, како и воведувањето на новата такса за патниците од крузерите ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на септември од Меѓународниот саем во Солун, додека пак минатиот месец беа објавени во Службен весник на Грција и од вчера стапија во сила.
Загреб - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на првата седница на Владата годинава најави дека попладне во Министерството за образование ќе биде потпишан Протоколот за зголемување на безбедносните мерки во училишните институции, а една од мерките е вработување лица со потребните вештини за заштита.
По трагедијата што се случи на последниот ден од првото полугодие во загрепското основно училиште „Пречко“, Комисијата подготви предлог за основни мерки за зајакнување на степенот на безбедност во училиштата, а како што најави премиерот Пленковиќ на седницата на Владата, попладнево Протоколот за безбедносни мерки ќе го потпишат министерот за образование, наука и млади Радован Фукс и сите вклучени засегнати страни.
Рим - Најмалку 2.200 лица загинаа или исчезнаа во Средоземното Море во 2024 година, при што речиси 1.700 од нив загинале по централниот средоземноморски пат, изјави регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Реџина де Доминчис, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Де Доминчис, која е специјален координатор за бегалците и мигрантите во Европа, изјави дека меѓу жртвите има стотици деца и тинејџери.
Хелсинки - Финската агенција за транспорт и комуникации соопшти дека ќе изврши контрола на нафтениот танкер „Игл Ес“, кој е осомничен дека припаѓа на руската „фантомска флота“ и дека предизвикал оштетување на подводен кабел во Балтичкото Море.
„На 2 јануари 2025 година, Финската агенција за транспорт и комуникации (Трафиком) ќе започне контрола на танкерот ‘Игл Ес’,“ соопшти директорката на Трафиком, Сана Сонинен, прецизирајќи дека инспекцијата ќе биде дополнување на истрагата што ја води финската полиција.
Лондон - Електричната енергија во Обединетото Кралство во 2024 година беше најчиста досега, со рекордно ниско учество на фосилни горива и рекордно високо учество на обновливи извори, покажува анализата, пренесува ДПА.
Во изминатата деценија, Обединетото Кралство повеќе од двојно го зголеми учеството на обновливите извори на енергија и го преполови учеството на фосилните горива, соопшти климатскиот и енергетскиот портал „Carbon Brief.“
Берлин - Мнозинството Германци ја поддржуваат идејата за меѓународни мировни сили во Украина во случај на примирје, но без учество на германската армија, покажа денеска објавена анкета.
Истражувањето на Институтот YouGov за агенцијата ДПА покажа дека 56 отсто од испитаниците поддржуваат испраќање сили во Украина. Но, поддршката за учеството на германските војници во таква мисија е многу помала, а со тоа се согласуваат само 23 отсто од Германците.
Москва - Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави дека Соединетите Американски Држави, Европската Унија (ЕУ) и „марионетскиот режим во Киев“ се одговорни за прекинот на транзитот на руски гас преку Украина и дека ја жртвувале благосостојбата на своите граѓани заради финансиска поддршка за американската економија.
-Киев донесе одлука да го запре транзитот на гас од Русија, иако „Газпром“ ги исполни сите договорни обврски, рече Марија Захарова.
Брисел - Белгија испрати писмо до Европската комисија со кое побара дополнително време за поднесување на нејзиниот Предлог-план за реализација на Буџетот за 2025 година, објави денеска белгискиот весник „Тајд“.
Техничката Влада на Белгија на премиерот Александер Де Кро уште лани на 24 септември побара од Еврокомисијата да и го пролонгира рокот за доставување на буџетскиот план до крајот на 2024 година.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја се подготвува да ги обнови дипломатските односи со Сирија, пренесоа украинските медиуми.
-Се подготвуваме да ги обновиме дипломатските односи со Сирија и соработката во меѓународните организации, рече Зеленски откако го слушна извештајот на министерот за надворешни работи, Андриј Сибига и министерот за земјоделство, Виталиј Ковал по нивната посета на Сирија претходно оваа недела.
Њујорк - Десет лица се ранети во пукање пред ноќен клуб во Њујорк додека чекале да влезат на приватна забава, соопшти полицијата.
„Во 23 часот и 15 минути околу 15 луѓе стоеле пред ноќниот клуб 'Амазура' во Јамајка, Квинс. Четворица мажи пешки и се приближиле на групата млади од 16 до 20 години. Тројца или четворица од мажите отвориле оган врз групата, изјави началникот на патролата на Њујорк, Филип Ривера, на прес-конференција рано утринава.
Кабул - Авганистанскиот заменик-министер за борба против наркотици Абдул Рахман Касеми изјави дека во земјата има околу четири милиони наркозависници, односно дека секој десетти во таа земја е зависник од дрога.
Касеми истакна дека поради еден наркозависник негативни последици трпат уште најмалку седум лица, главно членови на неговото семејство.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше актуелната влада во САД, нарекувајќи ја земјата под актуелното раководство „катастрофа“ и „смешка“ во очите на светот.
На платформата Трут сошл, Трамп ја обвини актуелната влада за политика на отворени граници, како и за слабо и неефикасно лидерство, што, како што рече, доведе до сегашната ситуација.