МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

21 февруари 2025
Струмица - Амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас денеска ќе ја посети општина Струмица. Целта на посетата, како што наведуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, е на локално ниво е да се доближи Европската Унија и процесот на интеграција до граѓаните, притоа разговарајќи за придобивките од пристапувањето во ЕУ и влијанието на помошта од Унијата на дневна основа.
Амбасадорот Рокас ќе има средби со градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, со Советот на општината и со претставници од граѓанскиот сектор.
Тој ќе ја посети пречистителната станица за отпадни води (ПСОВ) финансирана од ЕУ, чија изградба (вклучувајќи надзор и студии) изнесува вкупно 5,7 милиони евра.
Скопје - Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска ќе ја одржи 14-та седница на која треба да биде избран заменик претседател на Комисијата.
Актуелниот состав на ДКСК беше избран на 22 декември 2023 година, а својата работа ја започна пред нешто повеќе од една година односно на 2 февруари 2024 година. Претседател на ДКСК е Татјана Димитровска, а нејзини членови се Зоран Богоевски, Сервет Демири, Софија Спасова Медарска, Цвета Ристовска, Бесник Џемаиљи и Билјана Каракашова Шулев.
На дневен ред на 14-та седница се исто така постапување по конкретни предмети, а како последна точка се прашања и предлози.
Скопје - ЗИП Институт денеска во „Јавна соба“ ќе го промовира проектот МЕРИТ - Мапирање на ризиците при вработување и подобрување на транспарентноста.
Целта на проектот е да идентификува и да изложи корумпирани практики во процесите на вработување во пет јавни претпријатија во државата. За таа цел, во наредните 12 месеци тимот на ЗИП Институт ќе ги истражува овие процеси од последните седум години и јавно ќе ги објавува наодите.
ЗИП институт е независна, невладина, организација за јавни политики насочена кон производство и ширење на високо квалитетни, објективни и сеопфатни идеи и анализи од централно значење за демократизацијата и ЕУ интеграцијата на Македонија.
Скопје – Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
Обвинителството предложи да се изведат и шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24 часовен надзор.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе ја посети Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе има средба со раководството на МАНУ.
Скопје – Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со членовите на НУ Камерен Оркестар на Битола: в.д директорот Дејан Цветковски, диригентот и основачот Владимир Димовски, виолинистот Никола Трајановски и виолончелистот Љупчо Милевски.
Во фокусот на разговорот беа успесите, проблемите и предизвиците со коишто се соочува оркестарот.
Соговорниците ја запознаа претседателката со нивната четиридецениска музичка приказна, којашто по кус прекин продолжија да ја пишуваат во 2013 година.
Скопје - По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, организира настан на кој ќе присуствуваат и учениците добитници на наградите од објавениот повик за доставување творби (поезија-проза) напишани на нивниот мајчин јазик.
Право на учество во повикот имаа сите ученици од шесто до деветто одделение, а еден од условите за учество беше творбите да бидат напишани на мајчиниот јазик на ученикот (македонски, албански, турски, ромски, српски, босански, влашки и/или други јазици), независно дали тој е застапен во редовната настава во училиштето.
Скопје - Здружението Македонски Национален Комитет при Меѓународниот Совет на Музеите (МНК ИКОМ) денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе организира семинар насловен „Едукација и инклузија – клучна карика во музејското работење“.
Како што соопштија од МНК ИКОМ, целта на музејската едукација е постојано развивање на пристапот и важноста од секаков вид учење во музејот кон различни целни групи. Со реализација на едукативни работилници за деца, ученици, студенти и младинци, со лица од трето доба се настојува да се следи структурата и интересот на публиката. За таа цел, потенцираат, реализираат проекти, планови и едукативни изложби.
Скопје - Јапонската амбасадорка во земјава Сецуко Кавахара денеска во просториите на Амбасадата на Јапонија во Скопје, ќе потпише два нови договори за грант во рамките на GGP Програмата за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност, во вредност од 114,970 евра.
Како што најавија од Амбасадата на Јапонија, на церемонијата ќе бидат потпишани договори за два проекта. Станува збор за проектот за набавка на компјутерски радиографски систем за ЈЗУ Здравствен Дом Вевчани и проектот за реконструкција на покривот на основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола.
Скопје - Дел од маркетите вчера почнаа да ги намалуваат цените на производите согласно одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, што треба да важи до 30 април годинава. Истовремено инспектори на Државниот пазарен инспекторат започнаа контроли по маркетите дали се почитуваат одлуките на Владата за ограничување на маржите и за замрзнување на цените на прехранбените производи.
Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, глобите за непочитување на овие две одлуки се движат од 500 до 10.000 евра, а сите неправилности може да се пријават на 191 или на www.dpi.gov.mk.
По објавувањето на двете владини одлуки во „Службен весник“ вчера тие стапија во сила и ќе важат до 30 април.
Скопје - Вицепремиерот Изет Меџити, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, денеска ќе го посетат граничниот премин „Блаце“.
Повод за посетата е имплементацијата на единствена заедничка гранична контрола на патници и стоки, системот „One Stop Shop“.
По посетата се најавени изјави за медиумите.
Скопје - Јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“, ќе биде одржана денеска во Скопје.
На трибината ќе учествуваат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за правда Игор Филков и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан.
Проектот „Безбеден град“, како што во повеќе наврати изјави министерот Тошковски, е еден од приоритетите на МВР и на Владата, а целта е да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви.
Брисел - Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас предупреди дека дипломатските контакти меѓу САД и Русија покажуваат дека Москва не се откажува од своите територијални цели во Украина, што испраќа опасен сигнал.
За време на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Јужноафриканската Република, Калас нагласи дека претседателот Доналд Трамп со својата одлука да преговара директно со Русија без вклучување на Украина ги загрижил европските партнери.
- Јасно ни е од овие контакти дека Русија не се откажала од своите цели, изјави Калас. - Тие сакаат да добијат максимум и уште повеќе. Ако му дадеме сè на агресорот, тоа испраќа сигнал до сите агресори во светот дека можат да го сторат истото, потенцираше Калас
Киев – Претседателот на Комисијата за одбрана на украинскиот Парламент, Роман Костенко изјави дека САД престанале да испорачуваат оружје на украинската армија.
- Според мои информации, оружјето што требаше да биде продадено повеќе не се испорачува. Компаниите што требаше да го префрлат оружјето сега чекаат, бидејќи нема одлука. И сите чекаат да видат каква дали ќе се донесе одлука, барем да се достави оружје за пари, наведе Костенко.
Освен Костенко, ниту еден друг украински функционер не се огласил по ова прашање.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека Киев ќе работи брзо на изготвување на силен договор за инвестиции и безбедност со САД, нагласувајќи дека средбата со специјалниот пратеник на Вашингтон за Украина и Русија, Кит Келог, „ја вратила надежта“ за успех.
- Средбата со генерал Келог ја врати надежта. Ни требаат цврсти договори што навистина ќе функционираат. Наредив да се работи брзо и без пристрасност, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање. Тој додаде дека деталите се клучни: „Колку подобро се изготвени, толку подобар ќе биде резултатот“.
Тел Авив – Израел го обвини Хамас дека ги уби двете деца Ариел и Кфир Бибас, кои беа заложници во Појасот Газа и оти било предадено тело на друга персона наместо на нивната мајка Шири.
- Според преоцената на надлежните органи и врз основа на достапните разузнавачки и дијагностички показатели, Ариел и Кфир Бибас се брутално убиени во ноември 2023 година додека беа во заробеништво од палестински терористи, објави портпаролот на израелската армија, Авихаи Адраех на Телеграм.
Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да спроведе „интензивни операции“ на Западниот Брег, по експлозиите во неколку празни автобуси во близина на Тел Авив вчера, се наведува во соопштение од неговиот кабинет.
Во експлозиите нема повредени, а полицијата ги истражува како можен терористички напад.
Израелската полиција соопшти дека три експлозии одекнале во автобуси во две населени места во предградијата на Тел Авив, при што биле пронајдени уште четири експлозивни направи. Локалните медиуми прецизираа дека сите автобуси биле паркирани во депоа.
Киншаса – Одделот за здравство на Африканска Унија (АУ) предупреди на ризикот од ширење на епидемијата на мајмунски сипаници во Демократска Република Конго, бидејќи конфликтот во источниот дел од земјата ги принудува заразените пациенти да бегаат.
АУ наведува дека повеќе од 400 пациенти избегале од центрите за третман на мајмунски сипаници во Јужен Киву и оти не се знае каде се тие луѓе.
Источната провинција Јужен Киву се смета за едно од жариштата на епидемијата на мајмунски сипаници во ДР Конго.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека можната средба меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин „во голема мера ќе зависи од тоа дали ќе се постигне напредок во ставањето крај на војната во Украина“.
Рубио истакна дека ја разгледувал можноста за таква средба со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за време на нивните разговори во Саудиска Арабија во вторникот.
- Нема да има средба додека не се договориме за што ќе разговараме, му рекол Рубио на Лавров во Ријад.
Отава – Премиерот на Канада, Џастин Трудо, во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакна дека секој мировен договор со Русија мора да ја вклучи Украина на преговарачка маса.
Трудо ја потврди поддршката на Канада за Киев и „нагласи дека не може да има одржлив мир во Европа без безбедност за Украина“.
Канадскиот премиер телефонски разговараше и со италијанската колешка Џорџа Мелони. Според украинските медиуми, Мелони потврди дека „приоритетот на Италија е ист како и на другите од Европа, НАТО и Киев е да направи се што е можно за да се запре конфликтот и да се постигне мир.